Околу 50.000 Руси се собраа во Москва на протест на Антимајданското движење
Околу 50.000 Руси денеска учествуваа на собирот на Антимајданското движење во центарот на Москва, соопштија организаторите.
Под слоганот „Не сакаме да заборавиме, нема да простиме“ собирот се оддржа паралелно со годишнината од Мајданското движење во Украина кога претседателот Виктор Јанукович мораше да поднесе оставка, пренесува ТАСС.
Учесниците на собирот, прошетаа од улицата „Петровка“ до „Плоштадот на револуцијата“, каде собирот и се оддржа.
-Украинскиот пример не научи многу и ние нема да дозволиме Мајдан во својата држава, рекоа организаторите во пресрет на собирот.
Група Козаци носеа натпис на кој беше напишано: „Мајдан е болест. Ние ќе ја излечиме“.
Учесниците на собирот мафтаа со руски знамиња, а многумина носеа црни и портокалови ленти на Св. Ѓорѓија, симболот на советската победа врз нацистичка Германија.
„Јенки одете дома и со себе водете го Мајдан“, пишуваше на голем транспарент што го носеа повеќе лица.
Организаторите на собирот претходно соопштија дека се подготвени да платат и парична казна за пречекорување на бројката од 10.000 учесници, што беше координирана со канцеларијата на градоначалникот на Москва.
Ова движење, формирано на почетокот на оваа година, зафаќа неколку групи: бајкери, Козаци, атлети и руски ветерани од војните во Авганистан и Чеченија, пренесуваат француските медиуми.
Извор: “Денешен Весник“
|