Најголемиот мозаик во државата е вратен на своето место во Епископската базилика во Стоби
Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска оствари работна посета на археолошкиот локалитет Стоби, Градско, каде што во изминатиот период се реализираа неколку значајни активности од областа на заштитата на културното наследство, меѓу кои и проектот за конзервација и реставрација на мозаикот што го красел подот на најстарата ранохристијанска црква во Република Македонија - Епископската базилика во Стоби.
Реставрираниот мозаик поставен на своето место во старата Епископска базилика на археолошкиот локалитет Стоби денеска го посети министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска. Мозаикот се простира на површина од 150 квадратни метри, генерално со геометриски флорална декорација, која е типична за тоа време, 4 век. Неговата конзервација почнала во 1991 година од страна на Националниот конзерваторски центар, а археолозите од НУ „Стоби“ ја почнале доработката во 2012 година и сега е поставен во целиот свој сјај и раскош.
Министерката за култура појасни дека мозаикот е вратен на челична подлога, што е прво вакво решение за изолација од влага и надворешни влијанија во Македонија, но и пошироко.
„Под челичната подлога се гледаат и остатоците од археологијата во овој дел, кој е единствен крупен мозаичен зафат што долго време се работеше и по 20 години е вратен на старото место каде што постоел во Епископската базилика, една од најстарите ранохристијански базилики која датира од доцниот 4 век, и ќе биде достапен за јавноста“ истакна Канческа-Милевска.
Директорката на Националната установа „Стоби“, Силвана Блажевска, потенцираше дека од формирањето на Установата во 2008 година, покрај истражувањата, големо внимание посветуваат и на заштитата, конзервацијата и презентацијата на мозаиците, но и на другото движно и недвижно културно наследство.
„Стоби располага со површина од 1.600 метри квадратни во различни градби, додека Епископската базилика претставува голем и комплексен проект и посебно ми е драго што по 20 години успеавме да го вратиме мозаикот на неговото место, бидејќи ретко кој успеал да го види пред да биде изваден“, објасни Блажевска.
Мозаикот бил изваден од оригиналната местоположба уште во далечната 1991 година и сè до денес не беше достапен за научната јавност и за посетителите на Стоби. Проектот за неговата финална конзервација, реставрација и презентација започна да се реализира во 2012 година, кога беше археолошки истражена целата површината под мозаикот во базиликата, а продолжи во 2013 година, кога извадените мозаички фрагменти беа поставени на нови носачи изработени од алуминиумско саќе.
Сите мозаички фрагменти, кои што зафаќаат вкупна површина од 150м2, беа детално обработени по што истите беа подготвени за враќање на оригиналната местоположба во базиликата. За таа цел, за прв пат во историјата на конзервацијата и in situ (таму каде што е најден) презентацијата на мозаици, беше изградена слободно стоечка челична конструкција која што ја има улогата на нов носач на мозаикот. Челичната платформа беше изградена со цел да се спречат деструктивните влијанија на атмосферските и на капиларните води врз мозаикот, а воедно и за да не се нарушат постарите архитектонски структури кои што беа откриени под нивото на мозаикот. На овој начин беше обезбедена и целосна реверзибилност на конзерваторско-реставраторските процеси.
По враќањето на мозаичките фрагменти на оригиналната местоположба беше извршено финално спојување и ретуширање на фрагментите со цел да се долови автентичниот изглед на мозаикот. Тоа е последниот процес кој беше изведен во 2014 година, со што, речиси комплетно е завршена конзервацијата, реставрацијата и финалната презентација на најголемиот мозаик кој е откриен на територијата на Република Македонија.
Реализацијата на проектот се одвиваше под раководство на Драган Верговски Алпи од Националниот конзерваторски центар и Мишко Тутковски како координатор од НУ „Стоби“, појасни Силвана Блажевска.
Со враќањето на мозаикот, смета министерката, ќе се зголеми и посетеноста на локалитетот Стоби, каде што во 2014 се регистрирани над 14.000 посетители.
„Од исклучително значење за овој простор се и фреските кои се целосно конзервирани и очекуваме за брзо време да бидат вратени на старото место. Се планира за овој простор да се направи проект за покривна конструкција. Со директорката и со стручните лица разговаравме за изработка на проектно решение и почнување изработка на проект со цел да се направи нова покривна конструкција и потоа да се вратат конзервираните фрески на местото каде што постоеле. Мислам дека овој простор навистина ќе има една специфична, автентична убавина со фреските и ќе даде можност за што поголем број посетители“, изјави Канческа–Милевска по посетата на локалитетот.
Таа информираше дека согласно Годишната програма на Министерството, е предвидено во нартексот на епископската базилика да биде конзервиран мозаикот и да биде вратен со што целиот комплекс ќе биде завршен.
Во врска со конзервацијата на Античкиот театар, министерката Канческа-Милевска истакна дека целосно е завршена конзервацијата на источниот дел од гледалиштето и следува фазата за објавување тендер за избор на фирма која ќе ги постави мермерните плочи.
„Извршено е истражување на централниот коридор. Се планира да почне истражувањето и на горниот дел од гледалиштето, а ќе направиме и динамика во врска со конзервацијата на другиот дел од гледалиштето каде што има мермерни плочи, кои поради долгото траење ќе треба да се извадат, да се конзервираат и повторно да се вратат. Имаме одредена динамика што ќе ја следиме во наредниот период со цел театарот да се стави во целосна функција“, нагласи министерката Канческа-Милевска.
Во Годишната програма на Националната установа „Стоби“ влезено е и уредување на музејската поставка, односно ќе се уредува објектот „Стара железничка станица“, што се наоѓа од другата страна на локалитетот.
„Објектот ќе има мултифункционална примена. Ќе има музејска поставка, повеќефункционална сала за семинари и слично. Лапидариумот во надворешниот дел ќе биде уреден, а е предвидено да заврши оваа година. Во буџетот има обезбедено средства. Институцијата треба веднаш да почне со распишување тендери за изработка на проекти со цел ’Старата железничка станица‘ да се претвори во една прекрасна музејска поставка. Предвидена е изградба и на кафетерија за посетителите, што ќе даде поголема можност да имаат простор да седнат и да одморат од прошетката“, додаде Канческа-Милевска.
Т.Д.
Извор: “МКД“
|