ИКАС наскоро ќе стане трка од Светскиот куп?
Планот е оваа трка да влезе меѓу елитните најдоцна за две години, а од годинава новитет на ИКАС ќе биде двонеделниот камп за таленти, кој треба да прерасне во традиционален камп, под капата на ИЦФ
КАЈАК - НАЈАВА ОД АТАНАС НИКОЛОВСКИ, ДИРЕКТОР НА ИКАС
Традиционалниот Илинденски кајак-слалом (ИКАС) е единствената спортска манифестација во Македонија, која без прекин, почнувајќи од 1969 година, се одржува на реката Треска крај Скопје. Годинашното издание, 47. по ред, ќе се одржи на 4 и 5 април, а новина ќе биде одржувањето на кампот за талентирани кајакари, до 22-годишна возраст, од 27 март до 5 април.
- Организатор на кампот е Интернационалната кајакарска федерација (ИЦФ) со помош и логистика од Македонската кајакарска федерација (МКФ). Планирано е на првиот камп од ваков вид да учествуваат над 30 талентирани кајакари од 10 земји, главно од соседството. Со нив ќе работат врвни тренери. Наша желба е тоа да прерасне во регионален тренинг-камп, да се одржува секоја година и за тоа во моментов разговараме со ИЦФ - вели Атанас Николовски, шесткратниот победник на ИКАС, а последниве години и во улога на директор на трката.
Друга битна работа што ја издвои Николовски е ИКАС, кој е во календарот на ИЦФ многу години, да влезе во серијата натпревари во Светскиот куп, ако не во 2016, тогаш од 2017 година.
- Но, тоа ќе биде тешко да се стори, бидејќи конкуренцијата е голема, а критериумите се високи, за што сведочи и податокот дека од календарот е исфрлена трката во Словачка, која е „постара“ и од ИКАС - вели Николовски.
Според првичните најави од организаторите, на годинашниот ИКАС се очекува да биде надмината ланската бројка од 95 кајакари и кануисти од 10 земји. Пријавувањето ќе трае до крајот на крајот на март, па уште не се знае дали на Треска ќе видиме некое познато европско или светско име како минатите години или, пак, некој поранешен победник.
Македонија ќе биде во најдобриот состав, но под знак прашалник е настапот на најдобриот, ланскиот победник Николовски, кој, како што вели самиот, размислува дали да им го препушти местото на помладите или да продолжи да се натпреварува, сѐ додека не го победат на патеката. |
|
|
|
Автор: Л.Д.
Извор: “Нова Македонија“
|
Фотографија: Игор Бансколиев
|
|
|