Контактот на сликите со публиката е како љубовна врска
Кога сликите го остваруваат првиот контакт со публиката тие добиваат свој живот. Тој контакт е како љубовна врска, давање и примање љубов. Тоа е врска од која се хранам, како фетусот во утробата на мајката. Затоа многу ми значат насмевките што луѓето си ги разменуваат со сликите, а уште поголема радост ми е кога со сета радост си ги носат дома, како новороденче по породување, вели Костуранов
ВАНЕ КОСТУРАНОВ, СЛИКАР
„Улица Љубов“ е насловена најновата самостојна изложба на македонскиот сликар и графички дизајнер Ване Костуранов отворена деновиве во ликовната галерија на Младинскиот културен центар. На изложбата, која беше проследена со голем интерес кај публиката, изложени се четириесетина дела на платно.
Темелите на „Улица Љубов“, како што вели авторот, се поставени пред една година, но работата на оваа серија ќе продолжи и со нетрпение чека да се врати во ателјето. Костуранов активно се занимава со сликарство петнаесетина години. Учествувал на повеќе групни изложби, а одржал и девет самостојни. Уште како дете повеќе сакал да се изразува со цртежи и со слики отколку со зборови.
Што треба да претставува „Улица Љубов“?
- Кога почна серијата, луѓето и куќите се испреплетуваа, со текот на времето куќите целосно ги заменија луѓето, со тоа што освен живеалишта, куќите станаа и луѓе. Куќи вљубени една во друга, прегрнати, куќи што стојат во тишина и го гледаат изгрејсонцето, куќи што патуваат самувајќи, куќи над кои надвиснал љубовен облак, куќи врз кои врне. Така почна приказната, а како ќе се развива, особено сега по изложбата, кога сликите се прикажаа пред публиката, е целосно надвор од моја контрола. Дозволувам оваа приказна да се чита на сите можни јазици.
Со препознатлив авторски израз, вашите слики уште на прв поглед се допадливи, потсетуваат на детски цртежи и прават луѓето веднаш да се вљубат во нив...
- Претпоставувам дека сликите од оваа серија внесуваат оптимизам и ведрина во мракот што нѐ опкружува. Многу од луѓето што чекореа по улицата на отворањето на изложбата ми рекоа дека баш ова им било потребно. И покрај тоа, не можам да тврдам дека моите слики се допадливи, тоа е субјективно. Свесен сум дека постои една интересна група луѓе, најмногу од Скопје, на кои им зборуваат моите слики, или имаат дијалог со нив. И тоа ме прави среќен. Но верувам дека има и луѓе на кои моите слики воопшто не им се допаѓаат, што е, исто така, сосема во ред.
Колку ви е важно вашите дела да остварат контакт со публиката?
- Во процесот на творење контактот е единствено со себе, дијалог помеѓу свесното и несвесното. Но кога сликите го остваруваат првиот контакт со публиката тие добиваат свој живот. Тој контакт е како љубовна врска, давање и примање љубов. Тоа е врска од која се хранам, како фетусот во утробата на мајката. Затоа многу ми значат насмевките што луѓето си ги разменуваат со сликите, а уште поголема радост ми е кога со сета радост си ги носат дома, како новороденче по породување.
Како ја откривате инспирацијата во себе? Кои се миговите што посакувате да бидат овековечени на сликарското платно?
- Мислам дека ситуацијата е обратна. Инспирацијата или она што видливо и невидливо ме допира - ми се открива и мене преку она што излегува на платното. Влегувањето во ателје е како влегување во храм, тоа е процес на осамување, соочување и прочистување. Она што се јавува на платното е само последица од тој процес.
Што имаше најголемо влијание врз вашиот уметнички развој и изразот што денес го негувате?
- Најважното нешто што го научив е да си дозволам мојот интерен монолог да излезе во својата најчиста форма, тоа да биде искрено, автентично и вистинито. Борбата е да не дозволам нешто да влијае на тоа, да го зачувам од сите надворешни предизвици. За мене, една од најважните одлуки беше да не се запишам на ликовна академија.
Вие сте сликар и графички дизајнер. Каде најмногу се изразува вашиот творечки сензибилитет?
- Сликарството е мојот свет, во него сум целосно јас, со сите внатрешни бои и нијанси, со сите доблести и мани. Доволно е сликата да допре и само до еден човек. Графичкиот дизајн е медиум што нуди можност за испраќање прецизни пораки што треба да допрат до помасовна публика. Овде се трудам колку што можам да останам свој, но тоа не секогаш зависи од мене.
Имате учествувано на повеќе групни изложби, а досега сте одржале девет самостојни изложби. Какви се плановите за во иднина, работите ли можеби на нешто ново?
- „Улица Љубов“ уште е во фаза на градење. Во моментов чувствувам дека имам уште многу да кажам на темава. Како ќе се развива работата и дали оваа серија ќе се трансформира во нешто друго е нешто што ниту јас самиот не можам, ниту сакам да го контролирам. По изложбата во Скопје, „Улица Љубов“ ќе биде претставена пред струмичката публика веќе во април.
Автор: Ивана Нолчева / ivana.n@novamakedonija.com.mk
Извор: “Нова Македонија“
|