Русија ги заврши вонредни воени вежби
Русија во саботата ги заврши вонредните воени вежби во кои учествуваа повеќе од 80.000 војници како одговор на низата маневри коишто ги презема НАТО во поранешните советски република на руските граници, во услови на најголемите тензии во односите меѓу Москва и Западот од крајот на Студената војна поради украинската криза.
Единиците добија наредба да се вратат во своите постојани бази, изјави генерал-полковникот Андреј Картаполов, началникот на Главната оперативна управа на рускиот Генералштаб, кој оцени дека спроведените ненадејни воени вежби покажале висока борбена подготвеност, пренесуваат руските медиуми.
На средбата на стотина воени функционери, меѓу кои имаше и функционери од земјите членки на НАТО како на пример САД, повикани во посета на рускиот команден центар, висок претставник на министерството за одбрана демантираше дека Русија се подготвува за напад.
Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот нареди ненадејни воени вежби од Црното Море до Тихиот Океан преку Арктикот со распоредување на стратешки бомбардери со долг дострел кои може да носат нуклеарни боеви ракети до балистички ракети во Калининград, руска енклава меѓу Полска и Литванија, земји членки на НАТО. Како што соопшти во четвртокот челникот на генералштабот на руската армија Валериј Герасимов, во вежбите учествуваат 80.000 војници и 220 авиони.
Руските единци започнаа минатата седмица со распоредувањето на осум илјади војници на црноморскиот полуостров Крим, кој во март 2014 година преку референдум се присоедини на Руската Федерација. Истовремено околу 200 тенкисти вежбаат опколување на град во централна Русија. Во Сибир воздушните единици вежбаат одговор на електроничка војна, според еден од воените портпароли.
Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот ненадејно нареди моментално организирање воени вежби којашто опфаќа 38.000 војници, 3.360 единици воена опрема, 41 брод, 15 подморници, 110 авиони и хеликоптери на Арктик. Истовремено, на началниците на разните родови од руската армија, на началниците на штабовите, како и на командантите на главните и централните управи на министерството за одбрана им биле дадени пакети со директивни укази.
Стратешките бомбардери „Туполев 22-М3“ за долги летови атерираа во средата на Крим, а балистичките проектили со долг дострел „Искандер“ ќе бидат разместени во руската енклава Калининград, којашто граничи со Литванија и Полска, кои се членки на НАТО.
Повеќе од три илјади војници се испратени на островот Сахалин кон Јапонија, на рускиот Далечен исток, објави во четвртокот руското министерство за добрана. На овој стратешки остров се поставени се поставени противвоздушни ракети. Во рамките на овие вежби, дваесетина воени и извидувачки бродови и подморници се на пат кон Балтичкото Море. А оваа низа коишто до крајот на март вклучувајќи и распоредување војници во Ерменија и во двете поранешни советски рускојазични автономни покраини Абхазија и Јужна Осетија кои излегоа од составот на Грузија.
Тензиите меѓу Западот и Русија се на најниското ниво од завршувањето на Студената војна поради кризата во Украина. Западот ја обвинува Русија дека со воена опрема и регуларни единици интервенира на украинскиот доминантно рускојазичен југоисток, додека Москва упорно го негира тоа и бара докази за таквото тврдење. Од друга страна, Кремељ го обвинува Вашингтон дека е директно одговорен за „државниот преврат“ минатата пролет во Киев со која беше соборен од власт претседателот Виктор Јанукович, и оти ги поддржува националистичките струи кои се одговорни за крвавите судири во земјата.
Минатиот понеделник САД испратија повеќе од сто парчиња тешка воена опрема, особено тенкови и други борбени возила во поранешните три советски републики на Балтикот со објаснување дека ги зајакнуваат своите одбранбени капацитети и да ја одвратат Русија од евентуални закани, кои според Пентагон набрзо ќе достигнат бројка од 3.000 војници и 750 единици воена техника од кои дел трајно ќе останат во регионот. Засилената активност на НАТО е забележлива и на 190 километри од руската граница со Норвешка, во покраината Финмарк, исто така членка на Алијансата, каде што во комбинираните десетдневни воени вежби под името „Joint Viking“ ќе бидат ангажирани околу пет илјади војници повеќе од 400 единици воена опрема. Ова се најголемите воени вежби во оваа скандинавска земја од 1967 година.
Следниот ден, исто така, започнаа и заедничките поморски маневри на НАТО, во чиј состав се бродови на САД, Италија, Канада, Германија и Турција, со Бугарија и Романија, исто така членки на Алијансата, во водите на Црното Море. Минатите денови беше објавено дека САД планираат да испратат во Украина во периодот од март до октомври најмалку 300 војници во рамките на проектите за соработка со украинската армија. Американскиот воен персонал ќе биде сместен во Меѓународниот центар за поддршка на мирот и безбедноста (International Peacekeeping and Security Center — IPSC) на Јаворовскиот полигон во Л“вовската област во рамките на заедничките воени вежби. Според соопштението на Киев, „предвидено е овие активности да траат од 5-ти март до 31-ви октомври 2015 година, само околу осум месеци.
Европските земји кои граничат со Русија ги критикуваа овие руски воени вежби, а аналитичарите сметаат дека нивната цел е да му се покаже на Западот, а особено на НАТО, дека Москва е подготвена на сите сценарија во врска со развојот на кризата во Украина или евентуалните провокации на нејзините граници.
НАТО претходно ги засили своите постојани капацитети во источна Европа, под изговор дека го смирува стравот на земјите коишто граничат со Русија и имаат значително рускојазично малцинство. Алијансата претходните три месеца распореди 3.000 американски војници во балтичките земји, ја засили одбраната на источното крило и формираше нови сили за брзо распоредување од 5.000 војници, и основа команден центар во Бугарија.
http://makfax.com.mk/svet/evropa/-rusija-gi-zavrsi-vonredni-voeni-vezbi
Извор: “Макфакс“
|