БАЛКАНСКИТЕ ЗЕМЈИ РАЗГОВАРАА ЗА „ТУРСКИ ПОТОК“
Денеска во Будимпешта министрите на пет земји дискутираа за изгледите за учеството во новиот проект „Турски поток”
Маја Томиќ
Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски, со неговите колеги од Унгарија, Србија, Грција и Турција денеска во Будимпешта разговараа за изгледите за учеството во новиот проект „Турски поток“. Главна тема на средбата беше снабдувањето со енергетски ресурси и енергетската безбедност во регионот. Се разменија идеи и споделија искуства за тоа дали се подготвени за реализацијата на овој проект како нова рута за снабдување на регионот со природен гас.
Според наши енергетски експерти, добро е што Македонија беше поканета на состанокот и што се спомнува како дел од „Турски поток“. Овој проект, всушност, ќе има најголеми придобивки за државите што се директно зависни од рускиот гас кој доаѓа преку Украина, како што се Бугарија, Грција и Унгарија, коментираат експертите.
За потсетување, идејата за „Турски поток“ се појави лани, откако „Гаспром“ се откажа од реализацијата на „Јужен тек“, иако нема дефинитивна, документирана одлука за прекинување на проектот, коментираат бугарските медиуми. Одбивањето, сепак, беше објавено во Турција од рускиот претседател Владимир Путин, за време на неговата средба со Таип Ердоган, претседателот на Турција, пред околу два месеца, кога потпишаа меморандум за изградба на алтернативен гасовод. Идејата е „Турски поток“ да минува 660 километри по дното на Црното Море и уште 250 километри кон европскиот дел на Турција, до границата со Грција и Бугарија, односно Европската унија. Капацитетите на новиот цевковод ќе бидат до 63 милијарди кубни метри, а гасот би требало да потече во декември 2020 година.
Според српските медиуми, Србија ќе има поголема корист од „Турски поток“, отколку од „Јужен тек“. Ако Грција поради притисоци од САД и од Брисел не се откаже од изградбата на гасоводот, Србија, не само што ќе има доволно гас, туку и ќе заработува повеќе, бидејќи цевката ќе биде подолга од онаа на пропаднатиот проект „Јужен тек“.
„Грција го поддржува проектот ’Турски поток‘, со цел да стане гасоводна мрежа на Југоисточна Европа“, вели Марко Џули, аналитичар во Центарот за европска политика во Брисел, по посетата на грчкиот министер за енергија, Панајотис Лафазанис на неговиот руски колега Александар Новак во Москва. Грчкиот министер изјавил дека Грција е многу заинтересирана руско-турскиот гасовод да поминува низ нејзината територија. Лафазанис веќа имаше средба и со шефот на „Газпром“, Алексеј Милер, за можностите за намалување на цената на рускиот гас до нивото на другите европски земји.
Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, по состанокот изјави дека сите земји се согласиле дека треба да се разгледаат сите можни проекти за снабдување со гас по пропаѓањето на „Јужен тек“ за да се обезбеди непречено снабдување во случајни запирање на гасоводот низ Украина.
Според Дачиќ, само делот на новиот гасовод „Турски поток“ низ Србија ќе чини меѓу 1,5 и две милијарди евра, при што сега ситуацијата е поинаква во однос на „Јужен тек“, бидејќи треба да се обезбедат пари за градба.
Тој рече дека Русија прво со Турција треба да го дефинира проектот, и потоа да работи со другите земји, чии претставници се собраа во Будимпешта, а за сето тоа да се побара оценка за правната рамка од Европската унија. Тој додаде дека потоа треба да се развие заедничка студија за изводливост. „Со Русија и Европската комисија треба да се оцени дали овој проект е сериозен од правна гледна точка на Европската унија, за подоцна да не дојде до нови штетни ситуации“, изјави Дачиќ.
Извор: “Утрински Весник“
|