Македонските пчелари на најстариот фестивал за мед во Каменово
Членови од повеќе пчеларски здруженија од земјава викендов учествуваа на најстариот саем за мед и опрема за пчеларство во Каменово, Србија
На овој саем, кој е стар повеќе од еден век, покрај претставници од Македонија, учествуваа и членови на пчеларски здруженија од Словенија, Хрватска, Унгарија, Романија, БиХ, Црна Гора и од Србија.
- По покана на организаторите на фестивалот за мед и опрема за пчеларството во Каменово, Србија, учествувавме и ние пчеларите од повеќе здруженија од земјава. При дводневниот престој во најпчеларското место на Балканот остваривме средби со членови од повеќето пчеларски здруженија од речиси сите земји што беа присутни на овој саем. Покрај првокласниот мед, на овој саем се претставија и повеќе производители на опрема за пчеларство, особено рамки за сандаци, што е од голема корист за нашите здруженија и за нас пчеларите во земјава - потсети Јане Марков, претседател на пчеларското здружение „Матица“.
Тој додаде дека на фестивалот за мед со свои предавања се претставиле и повеќе еминентни експерти од оваа област, со што му дале и едукативен карактер на овој саем.
- На саемот гостуваа повеќе еминентни експерти од областа на пчеларството, како што беше д-р Родољуб Живадиновиќ, кој во двата дена одржа две предавања на тема „Современи принципи на лекување на крлежот кај пчелите“ и „Заштита на амбалажата и етикетата на српскиот брендиран мед“. Од овие предавања можеше многу да се научи и да се извлечат одредени искуства, кои во понатамошниот период можат да се применат и во нашето пчеларство - додаде претседателот на „Матица“.
Инаку во ова населено место во централна Србија, во близината на Петровац на Млава, сите домаќинства повеќе од 150 години одгледуваат пчели, а како посебен куриозитет е багремовиот мед, кој е најзастапен во овој крај, бидејќи регионот изобилува со огромни површини висококвалитетен багрем. При престојот во Каменово, членовите на нашите здруженија ги посетија и најголемите пчелари од овој крај.
- Покрај средбите со пчеларите од регионов, го посетивме и пчеларникот на рекордерот по број на пчелни семејства Милош Миливојевиќ, кој поседува над 600 пчелни сандаци и годишно произведува над 30 тони висококвалитетен багремов мед, што за наши услови е недостижна бројка. Во ова населено место нема куќа во која не се застапени пчелите, а таа традиција се продолжува веќе на 5-6 колена или повеќе од 150 години. Овој модел е најдобрата потврда дека пчеларството е високодоходна дејност ако се знае добро да се менаџира - рече Венче Билбилоски, пчелар од Македонија. З.А.
Извор: “Нова Македонија“
|