ПРОМОВИРАНА МОНОГРАФИЈАТА „ЛЕГЕНДАТА НА КОПАЧКАТА“ ОД ДИМИТАР УЗУНСКИ
Во Делчево синоќа беше промовирана монографијата „Легендата на копачката“ од Димитар Узунски.
Книгата е посветена на Димитрија Станоевски, а е издадена во рамките на проектот „Спомен соба на дедо Митко - ороводецот на Копачката„ на Здружението Фолклорна група „Копачка„ од село Драмче, делчевско.
- Издавањето на книгата се случува во време кога орото Копачка е прогласено за културно наследство на Република Македонија од особено значење, и е впишано во листата на УНЕСКО за нематеријални културни наследства на човештвото, истакна на промоцијата м-р Ивона Татарчевска - Опетческа, етнокореолог во Управата за заштита на културно наследство при Министерството за култура.
За монографскиот труд на Димитар Узунски на промоцијата говореше и универзитетскиот професор д-р Александар Атанасовски. Тој нагласи дека покрај текстот во книгата се поместени и повеќе фотографии од личности поврзани со орото „Копачка„, хронологија на поважните настапи во земјава и странство, како и генеолошките стебла на нејзиниот најдолгогодишен ороводец Дедо Митко кој со младешка жар орото го играл цели 60 години , се до својата 93 годишна возраст.
- Голема благодарност на поранешните и сегашните членови на Фолклорната група „Копачка„ од Драмче, и на сите институции и поединци од Општина Делчево и од Репулика Македонија што помогнаа монографијата да го види светлото на денот, изјави Узунски, по синоќешната промоција на неговата книга.
Извор: “Утрински Весник“
|