СОВРЕМЕНА ТАНЦОВА КОМПАНИЈА ОД ПЕКИНГ ЌЕ ГО ЗАТВОРИ 11. „ТАНЦ-ФЕСТ“
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска потсети и дека годинава добитник на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ е кинескиот поет Беи Дао
Делегација на менаџери и уметнички директори на најзначајните институции од областа на културата во Кина денеска имаше средба со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска по повод гостувањето на „Драгон кунг-фу современа танцова компанија“ од Пекинг на 28 април во Велешкиот театар, за затворање на 11. „Танц-фест“.
Канческа-Милевска и кинескиот амбасадор во Македонија, Вен Џеншун, на прес-конференција искажаа задоволство од досегашната соработка во културата која ќе се унапредува со идни гостувања и размена на проекти.
„Програмата за културна соработка која беше потпишана во 2011 година овозможи бројни настани, меѓу кои беа и Деновите на македонската култура во Кина, а по повод одбележувањето 20 години од дипломатските односи, во Скопје и Охрид настапи кинескиот младински национален оркестар од Пекинг“, истакна Канческа-Милевска.
Таа наведе и други примери со кои се продлабочува македонско-кинеската културна соработка - возвратните театарски гостувања, преводот на 135 тома македонска литература на кинески јазик низ антологиски приказ, а потсети и дека годинава добитник на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ е кинескиот поет Беи Дао.
„Драгон кунг-фу современа танцова компанија“ ќе гостува со 11-члена екипа која ќе го изведе проектот „Кунг-фу танц” - комбинација од боречки вештини и танц. Проектот е на шестмина кореографи, во режија на Лиу Лу и на музика на Зоу Ханг. Компанијата е основана во 2006 година од светски познатата кунг-фу ѕвезда Џеки Чен. Вклучува членови од престижни кунг-фу групи од Кина и сите имаат богато изведувачко искуство на кунг-фу техниките. (К.Р.)
Извор: “Утрински Весник“
|