Руски воени бродови и авиони кренале тревога во Ламанш, ги бркале британски ловци
Воени авиони „тајфун“ на Британското кралско воздухопловство (РАФ) денеска полетале од базата во Шкотска поради појавата на руски воен авион во близина на британскиот воздушен простор, соопшти британското Министерство за одбрана.
Ова е втор воен инцидент денеска, откако неколку часа пред тоа во Ламанш беа забележани три руски брода, од кои еден бил поморскиот разорувач Североморск.
Трите воени брода на руската балтичка флота биле придружувани од британската фрегата ХМС Аргил, а еден од бродовите поминал на само 20 наутички милји од југоисточниот брег на Англија. ХМС Аргил ќе ги придружува трите руски брода кон исток преку Каналот, сè додека не излезат од британските води.
Официјални претставници на руското Министерство за одбрана за новинската агенција Интерфакс изјавиле дека станува збор за бродови на руската северна флота, која минатиот ноември предизвика слична контроверзија.
Според официјалните извештаи, бродовите ќе го поминат Каналот за да одржат противавионски и противподморнички одбранбени вежби во северен Атлантик.
Иако појавата на руски авиони во близина на британскиот воздушен простор не е реткост, ниту пак преминот на руски бродови преку Ламанш, експертите предупредуваат дека ваквите инциденти се случуваат сè почесто. Во 2014 година беа пресретнати повеќе од 100 руски летала над Велика Британија, трипати повеќе отколку во 2013.
Извор: “МКД“
|