Празнина КОЈА сјае: Македонија Tuesday, 2024-12-24, 8:59 PM
Welcome Guest | RSS
Main | | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Calendar
«  April 2015  »
SuMoTuWeThFrSa
   1234
567891011
12131415161718
19202122232425
2627282930
Entries archive
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » 2015 » April » 21 » Македонија е пред голем геополитички предизвик
    1:51 AM
    Македонија е пред голем геополитички предизвик

    Македонија е пред голем геополитички предизвик

    Географската положба на Македонија е со клучно значење и на неа се вкрстуваат повеќе енергетски проекти, од кои би требало да можеме да извлечеме што е можно поголема економска корист, во услови додека се соочуваме со политички блокади со негативно економско влијание, вели младиот научник

     

    Марио Шаревски, политиколог

    Марио Шаревски е млад човек, магистер по геополитика, кој титулата ја има стекнато на Карловиот универзитет во Прага. Моментално волонтерски е ангажиран како аналитичар во Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ, а претходно, во летото 2013-та, бил и волонтер во Институтот за геостратегиски истражувања и надворешна политика при МНР. Предизвик за овој разговор беше неговото враќање во Македонија по добивањето магистерска титула, за разлика од неговите врсници, кои својата иднина ја гледаат надвор од нашите граници.

    Вие сте млад научник, кој има потенцијал да се развива на Запад. Која беше идејата да останете во Македонија?
    - Неизмерната љубов и приврзаност кон Македонија, која ја имам уште од најраната младост кај мене, доведоа до едно сфаќање дека нераскинливата поврзаност со средината во која живеам и со луѓето од кои сум дел во суштина значи дека придонесувањето и добросостојбата за нив истовремено значи самопридонес и себеостварување за мене. Поведен од ова согледување и чувства јас сфатив дека со образованието и работното искуство стекнати во странство најдобро како личност можам да се остварам живеејќи, работејќи и придонесувајќи во сопствениот дом - Македонија.

    Како аналитичар од областа на геополитиката, како гледате на актуелните состојби во светот?
    - Светот денес се наоѓа во миг на геополитички процеси што се одразуваат со тектонски промени на глобалната распределба на моќ, претставени во отворената разгорена борба помеѓу големите сили, која од „мекиот“ економско-финансиски судир сѐ повеќе преминува во отворени воени и оружени судири, какви што се граѓанските војни во Сирија и во Јемен, настанати по Арапската пролет на Блискиот Исток и украинската криза. Во услови на информациско-технолошки и економски глобализиран и меѓуповрзан свет речиси нема простор, територија, држава, а оттаму и народи со своите поединци што не се непосредно засегнати од овие случувања.

    Мислите ли дека сферите на интерес се поврзани со енергетиката?
    - Во тој однос и во поглед на надворешните регионални случувања, пред сѐ на проектите за гасоводи и енергетското поврзување, како и внатрешната политичка криза, Македонија и македонските граѓани се наоѓаат пред исклучително голем геополитички предизвик, кој неминовно во исто време ќе нѐ соочи со сериозни последици, но и прозорец на можности, за што би сакал да посочам некои факти.
    По неуспехот и откажувањето на изградбата на гасоводот „Јужен тек“, рускиот претседател Владимир Путин го објави новиот проект „Турски тек“, при што во два наврата, во декември во Турција и во февруари во Будимпешта, јавно на прес-конференции изјави дека новата траса на гасоводот до Европа може да оди преку Македонија и Грција. Деновиве во Будимпешта министерот Никола Попоски учествуваше на министерски состанок за енергетската стабилност, чија главна тема беше токму проектот за гасоводот „Турски тек“. Во услови кога Грција, Унгарија и Србија се сосема отворени и решени да се изгради гасоводот „Турски тек“, што покрај дотурот на гас во суштина значи пробив на руските економски и (гео)политички интереси на кои отворено се спротивставуваат и ги попречуваат САД, ЕУ и нивните најблиски сојузници Албанија и Бугарија, Македонија со својата стратегиска географска положба ќе има клучно значење и важност за спроведувањето и за изградбата на овој гасовод. Во ситуација кога Бугарија под отворените притисоци на САД и на ЕУ ја попречи изградбата на гасоводот „Јужен тек“, а Албанија и Албанците се најголемиот американски и западен сојузник, Македонија со својата територија ја претставува единствената можност што е од најголемо клучно значење за поврзување на оската север-југ (Унгарија - Србија - Грција), но и исток-запад (Јадранско Море - Црно Море) на Балканот. Во тој однос пред неколку недели почна изградбата на гасоводот ТАНАП, кој од Азербејџан преку Турција ќе оди до Грција и всушност е по слична траса на гасоводните проекти „Набуко“ и ТАП, кои отворено се поддржани од САД, ЕУ и од НАТО како алтернатива за намалување на европската зависност од рускиот гас и енергенти. 

    Какви можат да бидат последиците по безбедноста од овие геополитички случувања по Македонија?
    - Македонија со својот доста сложен внатрешен етнички состав и неединство на населението со висок конфликтен потенцијал и актуелната политичка криза е најранлива т.е. „најслаба алка“ што ќе биде изложена на најголемите притисоци чиј зародок веќе се забележува, а кои секако ќе имаат негативни последици по секого од нас како луѓе и граѓани. Притисоците за донесување одредена политичка одлука во корист на една од спротивставените страни сигурно ќе подразбираат и влошување на безбедноста заради заплашување, па затоа македонските граѓани и политичари треба да бидат будни и свесни за да не се дозволи поради туѓите интереси ние да настрадаме и да трпиме штетни последици. Случувањата на теренот укажуваат дека веќе се наѕира простор за влошување на состојбата во Македонија. Во своето соопштение по повод случајот „Пуч“ руската амбасада и МНР не само што првпат се огласија по внатрешнополитички случувања во Македонија туку првпат споменаа можност за влошување на меѓуетничките односи! Конечно, овие денови најголемиот американски сојузник, Албанија, преку својот премиер Еди Рама, официјално изјави дека постои можност за обединување на Косово со Албанија и надвор од ЕУ, доколку таа продолжи да ја оневозможува интеграцијата на Косово, со што на сцена и во геополитичката игра се врати големоалбанската карта, чиј конфликтен потенцијал и дестабилизирачки можности на сите ни се добро познати и повеќепати повторени.

    Може ли сепак Македонија да извлече поволност од ваквата ситуација?
    - Во секоја криза и непогода се отвора простор за нови можности за извлекување полза, добросостојба и остварување на сопствените интереси. Во дадениов случај географската положба на Македонија е со клучно значење и на неа се вкрстуваат повеќе енергетски проекти, од кои би требало да можеме да извлечеме што е можно поголема економска корист, во услови додека се соочуваме со политички блокади со негативно економско влијание. Наедно, Македонија се наоѓа во поволна положба за ова, во услови кога сѐ уште немаме формалноправна обврска од регулативите што важат за членките на ЕУ. Мое лично мислење е дека Македонија треба да учествува и да дозволи изградба на „Турски тек“ и притоа да се обиде да се издејствува што е можно поповолна цена на гасот за нашите домаќинства и економија. Истовремено ќе треба да ставиме јасно до знаење дека сме отворени за политичка и економска соработка со сите страни, нема да подлегнеме на разни безбедносни и политички притисоци од ниту една страна, односно дека, наместо јаболко на раздорот, Македонија е и ќе биде алка за нивното поврзување, соработката, мирот и стабилноста на Балканот и Европа.          


    Со што конкретно се занимавате во моментов?
    - Во основа, моето работно дејствување е најтесно поврзано со мојот начин на живот во кој најзначајно место зазема Македонија. Работам на истражувања и на пишување научни трудови за геополитиката и геостратегијата најчесто поврзани за Македонија, кои се објавуваат во домашни и странски списанија. Истовремено, како голем вљубеник во природата и природните убавини, науката, културата на Македонија, со моите пријатели постојано сме на прошетки низ планините, селата и природата на Македонија, каде што често самоиницијативно правиме добротворни акции и се дружиме со наши сограѓани, вршиме истражувања и оставаме збирки со податоци за тие предели. Во тој однос би сакал да споменам дека ја преведов книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ напишана од македонскиот револуционер Ѓорче Петров во 1896 година, која содржи извонредни податоци за географијата, економијата, топографијата на Македонија, а за која со моите пријатели од другарството „Единствена Македонија“ во овој миг собираме средства за печатење и подоцнежно нејзино бесплатно распространување и подарување насекаде низ Македонија.


                                            

     
       
    Автор: М.В.  
     


     

    Извор: “Нова Македонија“

    Views: 240 | Added by: Вељанко | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024