Биди дел од младите кои помагаат – „Македонирај со единствена Македонија“
Земјата во која живееме изобилува со навистина извонредни и преубави знаменитости и реткости како што се прекрасните природни убавини, бистри езера и реки, високи планини, зелени гори и снежно бели врвови кои во најтесна заемна врска и содејство со добрината, питомоста, достливоста и секогаш ведриот дух на македонските луѓе од кои пак произлегуваат обичаите и традициите, песните, ората, носиите, но и славната историја, јуначките борби, битки, подеми и падови, копнежите за слобода се оние нешта кои ни нудат бескрајни можности за уживање, себеостварување и воздигнување.
Токму истражувањето, придонесувањето и уживањето во сѐ она по што е единствена Македонија, ги изродија идеата, чувството и желбата за собирање во неформалното другарство наречено Единствена Македонија со кое како млади луѓе постојано уживаме во нашата младост дружејќи се, шетајќи, помагајќи и движејќи се помеѓу луѓето и природните убавини на Македонија. По сопствената нескротлива желба за придонес и помагање и со своите и вашите скроми средствa ги започнавме добротворните акции „Воз на солидарноста“ и „Велодарност“ кои и во иднина преку спортско-рекреативниот, дружељубивиот и добротворен карактер ќе продолжат насекаде каде што е потребно низ Македонија.
Сите наши прошетки со бесплатниот железнички превоз секој трет викенд во месецот и во иднина во уште поголем обем и со вашето ценето присуство ќе продолжат во досегашниот облик: шетање, дружење, истражување, спријателување и нови познанства, оставање на збирки на податоци за географијата, историјата, населението, природата во планинарските домови, училиштата, манастирите низ пределите во Македонија, подарување на разновидни средства во поддршка на нашите сограѓани со кои сме дел од едно семејство…
Накратко и едноставно речено, секој е поканет и добредојден да се приклучи во сите овие нешта кои нам ни причинуваат задоволство и уживање во Македонија. Затоа што МАКЕДОНИЈА е вистински РАЈ на природните убавини, зашто на секој што е во МАКА треба да му се подаде рака и ДОНИРА, затоа што на убавината на младоста и уживањето во Македонија им нема крај, затоа дојди уште сега и МАКЕДОНИРАЈ!
Извор: “Денешен Весник“
|