Москва: На Македонија ѝ е потребна меѓународна помош за разрешување на проблемите на македонско-српската граница
На оваа ситуација примарно влијание има сериозниот недостиг на владеењето на правото и безбедноста во Косово, што очигледно е последица на нерешениот косовски проблем како целина. Тоа повеќе не може да се игнорира како и сè позачестеното присуство на великоалбанските слогани, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија по вчерашниот сериозен инцидент кај Гошинце.
„Изразуваме длабока загриженост по информациите за инцидентот на косовскиот дел од македонско-српската граница кога група вооружени лица ја освоија караулата Гошинце на македонска страна“, се вели во реакцијата на руското МНР.
Во реакцијата се потсетува на информациите на македонското Министерството за внатрешни работи на Македонија кое соопшти дека вкупниот број на напаѓачите бил четириесетина мажи, кои облечени во маскирни униформи со симболи на „Ослободителната војска на Косово“, заробиле четворица полицајци кои биле подложени на деградирачки третман и снимени со видео камера. Имаше и политички и етнички мотивирани закани. По ова „предупредување", криминалците побегнале.
„Инцидентот на македонската граница покажува дека на овој дел од Балканот и натаму има длабоки етнички тензии и место за потенцијални конфликти. На оваа ситуација примарно влијание има сериозниот недостиг на владеењето на правото и безбедноста во Косово, што очигледно е последица на нерешениот косовски проблем како целина. Тоа повеќе не може да се игнорира, како и сè позачестеното присуство на великоалбанските слогани.
Се надеваме дека напорите на македонските власти да го врати редот во проблематичниот регион на земјата ќе ја добијат потребната меѓународна поддршка“, соопшти руското МНР.
Извор: “МКД“
|