Празнина КОЈА сјае: Македонија Tuesday, 2024-12-24, 8:50 PM
Welcome Guest | RSS
Main | | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Calendar
«  April 2015  »
SuMoTuWeThFrSa
   1234
567891011
12131415161718
19202122232425
2627282930
Entries archive
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » 2015 » April » 24 » Се остваруваат ли најавите - Македонија на линијата на огнот?
    5:13 AM
    Се остваруваат ли најавите - Македонија на линијата на огнот?

    Се остваруваат ли најавите - Македонија на линијата на огнот?

    Станува збор за локална, регионална или глобална кујна? Кој има интерес за дестабилизација на Македонија? Дали се тоа можеби наши сограѓани, наши соседи или некои многу поголеми играчи? Ова се само дел од прашањата на кои ќе се обиде да одговори „Нова Македонија“ преку консултација на реномирани експерти

     

    ОБИД ЗА ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА НА ДРЖАВАТА - ЛОКАЛЕН, РЕГИОНАЛЕН ИЛИ ГЕОПОЛИТИЧКИ РЕЦЕПТ 

    Дали беа сериозно сфатени предупредувањата на двете најголеми меѓународни сили дека е реално сценариото за повторен обид за развивање меѓуетнички судири во Македонија е прашање што неизбежно се наметнува ако се земе превид дека Гошинце се случува помалку од два месеца откако американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека Македонија е на линијата на огнот во односите помеѓу САД и Русија, кои се заострија по анексијата на Крим и воведувањето меѓусебни ембарга меѓу Западот и Истокот. На ваквата изјава на еден од највисоките државни функционери во САД претходеше отворањето на полицискиот случај „Пуч“, за кој во јавноста речиси игнорантски минаа ставовите и на САД и на Русија.

    Амбасадата на САД по објавата за „Пуч“ соопшти дека со загриженост ги следи кривичниот случај против лидерот на опозицијата и апсењето три други лица за наводен обид за загрозување на уставниот поредок и ги повикува властите да ги задоволат највисоките стандарди на правната држава, транспарентноста, принципиелноста, заштитата на слободата на говорот, како и судската независност во текот на процесот, за да се осигури интегритетот на демократските процеси во Македонија. Од друга страна, Министерството за надворешни работи на Русија, изрази надеж дека за случајот ќе биде спроведена темелна истрага во интерес на стабилноста и сигурноста на Македонија. Руското министерство тогаш истакна дека „влошувањето на состојбата во Македонија може да предизвика опасна ескалација на меѓуетничките судири“. 
    Истовремено, во изминативе неколку месеци целосно беше стопирана изградбата на гасоводот „Јужен тек“ и дојде најавата за изградба на новиот гасовод „Турски тек“, кој треба рускиот гас, преку Турција, Грција и Македонија, да го носи кон Европа. 
    Ако се земе предвид дека не би било првпат меѓуетничките односи во Македонија да се искористуваат за остварување нечии интереси, се поставува прашањето кој е способен со „стискање копче“ да овозможи терористички акт и повторно да ги подгрева меѓуетничките тензии. Станува збор за локална, регионална или глобална кујна? Кој има интерес за дестабилизација на Македонија? Дали се тоа можеби наши сограѓани, наши соседи или некои многу поголеми играчи? Кои би биле целите на ваков терористички акт? Ова се само дел од прашањата на кои ќе се обиде да одговори „Нова Македонија“ преку консултација на реномирани безбедносни и политички експерти. 

    ГЕОПОЛИТИЧКИ ИЛИ РЕГИОНАЛНИ ИНТЕРЕСИ

    Различни се размислувањата на експертите по однос на прашањето дали зад ваков терористички акт би можела да стои задоената идеја за голема Албанија или, пак, зад неа можеби се кријат геополитичките интереси на големите сили. 
    Геополитичкиот аналитичар Марио Шаревски основата на завчерашниот инцидент ја наоѓа низ неколку различни аспекти.
    - Од сѐ што се случи во Кумановско може да се изнесе претпоставката дека настанот има надворешна заднина, која е во тесна врска со геополитичките збиднувања на судирот на двете големи сили на регионално ниво (Русија и Сад), претставен преку гасоводните проекти - вели Шаревски. 
    Според него, од гледна точка на временскиот момент инцидентот се појавува во време кога се заоструваа внатрешната политичка криза и нестабилноста и во период откако Македонија веќе изрази подготвеност и заинтересираност за гасоводите „Турски тек“ и „Танап“. 
    Тој истакнува дека случувањето е лоцирано на доста важна локација, бидејќи таа дава и географскиот аспект на приказната што се крие зад овој инцидент. 
    - Имајќи предвид дека инцидентот се случува во кумановскиот крај, каде што дефинитивно би требало да поминува трасата на гасоводот, разгорување кризен регион и жариште во непосредна близина несомнено ќе има значајни последици во однос на попречување на неговата изградба - вели тој.
    Тој резимира дека инцидентот е сосема нелогичен да се случи сам по себе, без влијание на одредени надворешни кругови, ако се земе предвид дека тој се случува на територија каде што внатрешната состојба меѓу населението е релативно мирна, без никакви забележителни и необични раздвижувања или агресивно непријателско расположение со изразита наелектризирана атмосфера.

    ПРОПАЃА ПРОЕКТОТ НЕЗАВИСНО КОСОВО?

    Од друга страна, аналитичарот Сем Вакнин врската на случувањата во кумановското село не ја гледа како обид на некои центри на моќ да ја разнишаат безбедноста на Македонија само да не пројдат тука „Турски тек“ и рускиот гас, туку тој вели дека настанот пред сѐ е мотивиран од случувањата на внатрешна сцена на Албанците во Косово, Македонија и во Албанија.
    - Доколку овие настани во Гошинце навистина се случиле, мислам дека пред сѐ се мотивирани од процесот што се случува во моментов, а тој е пропаѓањето на проектот наречен независна држава Косово - истакнува аналитичарот Вакнин.
    Според него, проектот Косово пропаѓа од неколку причини, а најбитната е дека во моментов косовската економија е колабирана, а тоа дополнително ја мотивира невработеноста, која расте кај младите и од ден на ден се зголемува за да достигне рекордно високо ниво од 65 проценти.
    Натаму, Вакнин објаснува дека дополнително проблематично е што косовските граѓани бараат секаков начин да ја напуштат својата земја.

    - Само меѓу јануари и февруари годинава 323 лица од Косово побарале азил во Германија, а меѓу 2012 и 2014 за сто пати е пораснат бројот на Косовците што нелегално се обиделе да имигрираат во САД преку Мексико. Можеби најпроблематичната бројка е онаа од 10.000 косовски државјани што со српски пасоши годинава се обиделе да имигрираат во ЕУ преку Унгарија, најверојатно обидувајќи се да си обезбедат подобар живот себеси и на семејството - аргументира Вакнин.
    Освен невработеноста, Вакнин истакнува дека нарушувањето на безбедноста на Македонија од страна на Албанците може да се должи и на притисоците на меѓународната заедница во спречувањето на Косовците да заминат да живеат и да се борат на Блискиот Исток во редовите на Исламската држава.
    - Заминувањето на Косовците во Исламската држава до неодамна беше толку масовно што постојат податоци дека само за еден месец повеќе од 200 бивши војници се придружија на силите на радикалните исламисти во Сирија и во Ирак - вели Вакнин.

    Тој подвлекува дека борците на поранешната УЧК сега нема каде да заработуваат од својата професија и да ги искажуваат своите верски наклоности, бидејќи ним им е забрането со закон од Косово да заминуваат на фронтовите каде што учествува Исламската држава
    Токму затоа аналитичарот тврди дека сите претходно кажани работи се доволна причина за Косоварите својот бес кон уништувањето на нивната држава и кон сиромаштијата да го рефлектираат кон соседна Македонија и кон борбата за нови албански територии.
    Вакнин истакнува дека не смее да се заобиколи ниту елементот на национализмот на Албанците што ја нарушува безбедноста на Македонија и кој доаѓа од правец на соседна Тирана.
    - Во прилог на ова мое тврдење доаѓаат и честите опасни изјави на албанскиот премиер Еди Рама, кој често зборува за прогласување на голема Албанија и за припојување на Косово и на територии од Македонија во составот на оваа кауза - истакнува Вакнин.
    Според Вакнин, овие изјави на албанскиот премиер се многу опасни за безбедноста на Македонија, бидејќи тој отворено кажува дека неговата земја има официјална политика на територијални претензии кон своите соседи, меѓу кои влегува и нашата држава.

    - Последниот сегмент за комплетирањето на сликата кој стои зад мотивите на нарушувањето на безбедноста на Македонија со случувањата во Гошинце и слични на нив, сиот овој изминат период се Албанците што живеат во земјата. Албанскиот фактор во земјата ги доживува случувањата со бомбите на опозицијата како чин што со сигурност ќе доведе до поделување на македонската нација на два дела и можеби дури и до настан што би предизвикал и граѓанска војна меѓу Македонците - вели Вакнин.
    Тој тврди дека Албанците мислат дека токму сега е моментот да се остварат нивните желби во Македонија, кои очигледно се неостварени во 2001-та, и можност да се приграбат до свои независни територии, како оние во Косово, кои потоа би ги припоиле кон Албанија.

    ГОСПОДАРИТЕ НА СВЕТОТ

    Вакнин вели дека, за жал, ранетоста на македонското општество на безбедносно поле испушта крв во водите на меѓународната политика и геополитиката, која ги примамува ајкулите на Албанците, Грците и на Бугарите за распарчување на земјата.
    Сличен став има и српскиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ, кој вели дека постојат енергијата кај Албанците и желбата да се оствари она што некој им го ветил, а очигледно некој им ветил голема Албанија. Тој додава дека не треба да се заборава на геополитичките интереси и на желбите на „господарите на светот“.
    - Сега со тоа и не оди толку лесно, тоа е тој површински слој. А длабокиот може да биде малку подлабок, можеби и геополитички. Можеби и некои големи сили стојат зад овие работи, сили што сакаат да го дестабилизираат овој регион. Македонија сега станува потенцијален центар на еден голем проект. Пропадна „Јужен тек“ затоа што САД и некои европски земји не сакаа да се реализира. Русија сега најде модалитет да го гради од Русија преку Турција и, заобиколувајќи ја Бугарија, продолжува преку Грција и Македонија. Каде е таа слаба точка што треба да ја спои Србија и оттаму да продолжи во Унгарија, Австрија? Најлесно е да се предизвика војна во Македонија или барем да им се покаже на сите во регионот дека тие т.н. „господари на светот“ што ја направија војната во Украина лесно можат и во нашиот регион да предизвикаат некоја нова војна и со тоа да испратат порака: „Размислете уште еднаш дали ќе градите гасовод што не е во согласност со нашата волја“. Така што некако ми се чини дека работите се подлабоки од обично кревање на УЧК - вели Анѓелковиќ. 

    Флориан Чехаја, директор на Косовскиот центар за безбедносни студии, вели дека косовската јавност многу внимателно го следи развојот на случувањата кај нашиот сосед Македонија, во контекст на ситуацијата, која, верувам, е резултат на тамошните политички тензии предизвикани од случувањата поврзани со прислушувањата. Од безбедносен агол, по последните случувања на границата меѓу двете земји, тој тврди дека косовската безбедносна заедница не поседува индикации дека на тамошниот простор (косовско-македонската граница) постојат и функционираат вооружени групи.
    - Како што е познато, силите на УЧК се распуштени одамна, а нејзините припадници и поранешни членови веќе долг период се втемелени во политичкиот и во цивилниот живот на земјата - истакнува Чехаја.
    Според директорот на институцијата, со други зборови, не постои воена сила составена од поранешните припадници на УЧК што би имала волја и подготвеност да биде вклучена во разни случувања по должината на границата.
    - Јас мислам дека последните случувања окарактеризирани во вашата јавност како настан за дестабилизирање на земјата се пред сѐ рефлексија на тамошната политичка клима, односно со овие случувања некои центри на моќ во Македонија сакаат да го оттргнат влијанието на јавноста од битните настани и да му прикажат некому дека во земјата постојат нарушени меѓуетнички односи и дека наводно Косово има тенденција да ја дестабилизира Македонија - заклучува Чехаја. 

    Нашите безбедносни структури влегоа во Гошинце


    Извесен командант Фљамури 
    презеде одговорност 


    Македонскиот портал на албански јазик „Журнал“ вчера презентира соопштение упатено до медиумите, потпишано од извесен командант Фљамури, со кое ОНА ја презеде одговорноста за нападот на караулата Гошинце 
    „Првата победа на ОНА во Гошинце ни дава волја за други победи. Декаденцијата и политичката неспособност, економската, културната и социјалната дискриминација го прават неизбежно будењето на ОНА. Ги повикуваме сите полицајци, особено Албанците, веднаш да ги облечат униформите и заедно да се приклучат на востанието. Посебен повик им се направи на војниците веднаш да ја заземат страната на народот. Ги повикуваме сите политички фактори веднаш да ја замрзнат својата активност во Македонија“, пишува во соопштението. 


    Првиот напад на Гошинце од 1997-та

    Првите напади од страна на вооружени групи во реонот на караулата Гошинце датираат уште од втората половина на деведесеттите години на минатиот век. Во тој период вооружена група навлезе на наша територија водејќи натоварени коњи со оружје. Граничарите на АРМ ја пресретнаа групата и откако таа отвори оган кон нив почна неколкучасовна престрелка. На помош на војниците за дваесетина минути со помош на хеликоптери им пристигна тим на единицата „Волци“, кој го скрши отпорот на напаѓачите. Според сеќавањата на тогашните припадници на единицата и официјалните информации на надлежните, од тогаш до завршувањето на воениот конфликт во 2001 година токму на реонот Гошинце - Брест - Танушевци на северната граница биле регистрирани над стотина престрелки со разни вооружени групи.


    ЗДРУЖЕНИЕ НА ВОЕНИ ВЕТЕРАНИ НА ОНА

    Зад ова стојат функционери 
    од Македонија, Косово, Грција и од Србија


    Здружението на воените ветерани на ОНА вчера со соопштение демантира дека стои зад нападот кај караулата Гошинце. 
    „Ја информираме јавноста во земјата и пошироко дека главните иницијатори со тенденција за дестабилизација на регионот се високи функционери во неколку земји, и тоа Македонија, Косово, Грција и Србија. Здружението на воени ветерани на ОНА не стои зад овие акции и униформирани лица. Здружението е информирано дека неколку албански функционери се во длабока соработка со српската и македонската служба, кои се стремат преку пари и подземно да ги купат мажите што се продаваат на првиот што ќе им понуди и ги реализираат шовинистичките цели на службите на одредени индивидуи и албанско-словенски групи и сето тоа на штета на албанската кауза“, се вели во соопштението. 


    Хронологија на напади
    28.10.2014 г. Детонации во зградата на Владата
    Две детонации на проектили завршија во фасадата на зградата на Владата. Една од нив удрила во југоисточниот дел на вториот кат, а другата на покривот. Истрагата по завршеното вештачење, во кое официјално биле откриени видот и типот на експлозивните проектили, полицијата му ја има предадено на обвинителството. Одговорноста за случајот ја презеде ОНА, а потпишан беше извесен Куштрим.
    9.12.2014 г. Детонации кај две полициски станици
    Во близината на полициските станици во Тетово и во Куманово имаше две експлозии. Тие биле надвор од круговите на станиците, покрај оградата. Но одговорноста за овој случај повторно ја презедоа ОНА и командантот Куштрим.
    18.2.2015 г. Експлозија пред судот во Скопје
    На булеварот пред Основниот суд Скопје 2 од автомобил беше фрлена експлозивна направа, која беше пронајдена и предадена на вештачење. Иако не беше потврдено дека таа е поврзана со судот, и за овој случај излезе соопштение од ОНА.
    11.4.2015 г. Експлозија до зградата на Владата
    Во последниот напад кон Владата имаше детонација на оддалеченост од 5-10 метри од зградата во тревникот од страната каде што се наоѓа споменикот „13 Ноември“. Како и во претходните случаи, ОНА ја презеде одговорноста. 
    21.4.2015 г. Напад на караулата Гошинце
    Во утринските часови во вторникот четириесетина лица ја нападнаа караулата Гошинце, кај северната граница, во која имало четворица полицајци. Првичните сознанија на МВР се дека напаѓачите се од Косово, а на македонските полицајци им се претставиле дека се од УЧК и сакаат своја држава. Во јавноста се појавија две соопштенија од ОНА. Едното потпишано од командант Фљамури, кој ја презеде одговорноста, а другото од ветераните, кои тврдат дека не стојат зад нападот. 

     


    Да се најде вистинскиот нарачател

    Методи Хаџи-Јанев

    Универзитетскиот професор и аналитичар за безбедносни прашања Методи Хаџи-Јанев објаснува дека дефиницијата за тероризам е едно од најпроблематичните прашања за дефинирање во теоријата.
    Тој вели дека тоа е дебата што е најболна и за која не постои консензус во стручната јавност.
    - Сепак, постои некоја согласност (што може да се види од меѓународните договори-конвенции и резолуции) за тоа кои дела се сметаат за дела извршени од терористи. Генерално мора да има насилство, тоа насилство да е противправен чин - илегален, таквиот чин да е насочен против системот, да има политичка заднина и со него да се предизвикува паника, страв и несигурност - истакнува професорот.
    Според него, ова генерално се елементите што се вклучени во описот на делата што се инкриминирани во противтерористичките конвенции усвоени од страна на ООН и Советот на Европа, а на кои Македонија е член.
    - Манифестацијата на овие дела може да е однадвор и однатре, значи да има меѓународен или транснационален елемент (актерот, средствата за извршување на делото или целта) и чисто внатрешен - вели Хаџи-Јанев.
    Според него, ако е точна информацијата на МВР, чинот во Гошинце токму ги има елементите на тероризам. 
    - Во спротивно, ако не е точна информацијата на МВР и ако не станува збор за тероризам, тогаш станува збор за агресија (во согласност со меѓународните договори и документи) - истакнува Хаџи-Јанев
    Експертот појаснува дека во практиката постојат многу вакви случаи како оној во Гошинце што можат да се извадат како паралела.
    - На пример сличен случај на ова со Гошинце, каде што е тенка линијата меѓу тероризам и странска агресија, е случајот познат во јавноста како „Каролина“ во Никарагва и аргументот на Израел при интервенцијата врз Либан. Сепак, сето ова мора да се земе само ако претпоставиме дека информацијата што ја дава МВР е точна - вели Хаџи-Јанев.
    Професорот објаснува дека ако е точна информацијата на МВР дека четриесетината напаѓачи носеле воени униформи на УЧК и ознаки на припадност, тоа нас не треба да нѐ чуди, бидејќи слично се однесуваат и талибанците и дел од групите што се идентификуваат со Исламската држава и Ал каеда.
    Професорот додава дека, според МВР, напаѓачите снимале видео додека ја спроведувале својата акција, бидејќи снимањето е една од најприменуваните практики преку кои со пропагандата по извршувањето на нападот се сее страв, но и се мултиплицира ефектот на дејствувањето благодарение на современата технологија. 
    - Оваа практика ја применуваше ИРА, па потоа беше преземена од Ал каеда и сега од Исламската држава - подвлекува Хаџи-Јанев.
    Професорот појаснува дека ако се точни информациите на МВР дека напаѓачите доаѓале од Косово и во моментите на нападот ги спомнувале имињата на Ахмети и на Груевски, тие најверојатно го правеле тоа за да истакнат дека не искажуваат чисто криминален мотив туку дека имаат политичка заднина.
    Хаџи-Јанев истакнува дека во овие моменти е битно да се види кој е вистинскиот нарачател ако воопшто го има и дали зад нив стои некој друг субјект или, пак, станува збор за незадоволен дел од поранешната УЧК, која има поинакви визии за тоа како треба да се дејствува.

    Што е тероризам?
    Науката поимот тероризам го објаснува како незаконско користење насилство од страна на поединци или групи што имаат директна врска со странски сили или чии активности ги преминуваат националните граници. Тие се насочени против лица или објекти и имаат цел да заплашат или да го принудат општеството на остварување на нивните цели. Денес најголем дел терористички организации се спонзорирани од една или повеќе држави.

    Што е агресија?
    Агресија, според меѓународните конвенции, се дефинира како воен поход на територијата на друга држава. Агресијата се случува без напаѓачот да биде претходно нападнат, без нападната држава да објавила војна... За да се дефинира една воена агресија потребно е да се знае кој е напаѓачот, дека навлегува од друга држава, да има ознаки на припадност на своите униформи и да почне со изведување напад на одредени цели.


    Бајрами: Немам врска со нападите 
    По информациите на медиумите дека нападот на караулата Гошинце неофицијално бил предводен од извесен командант Џеваир Адеми од Гњилане, беа обелоденети и имиња на неговите соработници, браќата Ерхан и Кадри Бајрами од селото Станчиќ, кај Гњилане. Косовските медиуми вчера пренесоа изјава на Кадри Бајрами во која тој вели дека нема каква било врска со нападите.
    - Јас сум селанец и цел ден се занимавам со домашните обврски. Се зачудив кога слушнав дека моето име се спомнува во вестите. Ги негирам сите обвиненија, тоа е лага, јас немам време да се занимавам со такви работи, моето име е искористено бидејќи јас живеам во граничниот појас - изјавил Бајрами за косовскиот портал „Рајонипрес“. 
    Официјално, МВР сѐ уште нема информирано за идентитет на кој било член на униформираната група со ознаки за припадност УЧК што го изведе терористичкиот чин во Гошинце.


    Инцидентот во Гошинце во поширок контекст

    14.10.2014 г.
    -Натпреварот од квалификациите за ЕП 2016 помеѓу Србија и Албанија е прекинат откако над стадионот во Белград се појави беспилотно летало со транспарент „голема Албанија“, а како организатор на провокацијата беше посочен и братот на албанскиот премиер Еди Рама. Тензии имаше во Србија, Косово и во Македонија.

    25.2.2015 г.

    - Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека Македонија и други земји се на „линијата на огнот“ помеѓу САД и Русија.

    18.4.2015 г.

    - Албанскиот премиер Еди Рама го повтори ставот за обединување на Албанија и на Косово. Тој рече дека обединувањето е нешто неизбежно и неоспорно и тоа ќе се случи на патот кон Европа. Рама повтори дека ако обединувањето на Албанија и на Косово не се случи во рамките не ЕУ, тоа може да се случи на друг начин.
    - Другиот начин е можен доколку Европа не се вмеша во стратегиските калкулации на балканските држави и во промена на изгледот на Балканот - рече Рама.


     

     

     
       
    Автор: Екипа на „Нова Македонија“   Фотографија: Игор Бансколиев
     

     

    Извор: “Нова Македонија“

    Views: 297 | Added by: Вељанко | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024