На Москва или на Брисел?
Овој ден за руските граѓани е мошне голем, ако не и најголем национален празник, особено овој јубилеен седумдесетти, за кој, како што се уверивме, Москва и Русија посебно се подготвуваат, очекувајќи високи гости од целиот свет, меѓу кои и од Македонија, чиј народ сам, без ничија помош, исто така даде значаен придонес во победата над фашизмот пред 70 години
Претстојното одбележување на 70-годишнината од историската победа над фашизмот во Москва, неочекувано, во нашата земја се претвори во јавно проблематизирање на опортуноста на официјалното учество на претставници од Македонија на оваа манифестација, што, според традицијата, секоја година на 9 мај, Денот на победата, се одржува во главниот град на Руската Федерација. Оваа земја, некогашна членка на меѓународната антифашистичка коалиција, го понесе најголемиот товар во Втората светска војна, во која положи и најголем број човечки жртви (околу 25 милиони луѓе) и огромни материјални загуби. Во поранешниот Советски Сојуз и сега во Руската Федерација народот со голем пиетет и посветеност се однесува спрема овој ден и не ги заборава своите паднати и сѐ помал број сѐ уште живи херои на Великата татковинска војна, како што Русите ја нарекуваат војната од 1940 до 1945 година. Манифестациите што по овој повод редовно се одржуваат на Црвениот плоштад во Москва носат меморијален, но и симболичен воен карактер, со одржувањето на популарните воени паради на сите родови војска на руската армија, наследник и продолжувач на славните традиции на познатата советска Црвена армија, која во својот победоносен поход ослободи голем дел од земјите во Источна и Средна Европа и прва влезе во ослободениот Берлин во победената Германија.
Овој ден за руските граѓани е мошне голем, ако не и најголем национален празник, особено овој јубилеен седумдесетти, за кој, како што се уверивме, Москва и Русија посебно се подготвуваат, очекувајќи високи гости од целиот свет, меѓу кои и од Македонија, чиј народ сам, без ничија помош, исто така даде значаен придонес во победата над фашизмот пред 70 години.
Меѓутоа, претстојното јубилејно 70-то празнување на Денот на победата во Москва, од страна на земјите од Западна Европа и САД, е ставено во контекстот на општиот економско-политички бојкот на Руската Федерација поради воено-политичките проблеми во соседна Украина од страна на земјите-членки на Европската Унија, но и од други европски земји што се солидаризираат со бојкотирањето на мајските свечености во рускиот главен град. Веќе подолго време во Европа се води вистинска пропагандна војна и на овој начин Русија да се „казни“ за нејзината улога и наводното помагање и учество во украинската граѓанска војна и поддршката на „украинските сепаратисти“, кои бараат отцепување од Украина и соединување кон територијата на Руската Федерација. Тоа се причините што одреден број странски делегации на највисоко државно ниво овој пат нема да допатуваат во Москва, или пак тоа ќе го направат чисто протоколарно на многу пониско политичко ниво отколку што овој настан, според своето меѓународно значење, заслужува.
Дилемата да се патува во Москва или не ја зафати и македонската јавност, која се најде исправена пред изборот меѓу поддршка на ЕУ и Брисел и бојкот на прославата, или присуство на свеченостите и на воената парада во Москва. Мислењата во земјава за ова прашање засега се поделени, но веднаш се појавија и низа политички шпекулации и проблемот непотребно се исполитизира. „Лојалноста“ кон ЕУ и Запад и отсуството на официјални претставници од Македонија на парадата во Москва се ставаат во контекст на нашата стратегиска определба за сѐ уште неоствареното членство во ЕУ и во НАТО, а присуството на парадата во Москва, пак, како барање „алтернативна опција“ за тоа во „Русија на Исток“, солуции што ниту Брисел ниту, пак, Москва ги имаат побарано официјално од македонското државно и политичко раководство.
Решението македонска делегација сепак да отпатува во Москва би било компатибилно и во духот на добрите македонско-руски односи и соработка, подемот на економската размена меѓу двете земји, влегувањето на руски инвестиции во земјава, културната соработка и друго. Освен тоа, Руската Федерација беше меѓу првите 20 земји што ја признаа Македонија под нејзиното уставно име. Покрај ова, останува и неоспорниот факт дека приклучувањето на македонскиот народ во 1941 година кон земјите од антифашистичката и антихитлеровска коалиција во нивната борба против најголемото зло на 20 век,фашизмот во Втората светска војна, е исто така еден од најсветлите моменти во македонската национална историја, бидејќи повикот на КП за борба против странските фашистички окупатори во Македонија до Македонците и другите народи и народности што живеат во неа беше широко прифатен од десетици илјади граѓани што активно се вклучија во почнатата партизанска војна за ослободување на македонската територија од германските, бугарските, италијанските и другите фашистички окупатори уште во почетокот на сеопштата војна. На олтарот на извојуваната победа и ослободувањето Македонија, покрај претрпената голема материјална штета и разурнување во таа војна, положи и 24 илјади скапоцени човечки животи, но го оствари и својот вековен сон за национална независност и државна самобитност во рамките на југословенската федерација.
Со право оваа војна беше наречена НОБ на Македонија, бидејќи борбата ја организираше и предводеше комунистичката партијата, но победата ја извојува народот. Од тие причини македонската држава има апсолутно морално право и обврска, заради почит кон сите македонски граѓани што ги оставија своите животи на боиштата во Македонија и на Балканот и нивните сегашни потомци, нејзина официјална државна делегација, како што е редот и прилега, предводена од претседателот на земјата, кој и да е тоа, а во која уште би биле и претставници на малку маргинализираната македонска боречка организација и Министерството за одбрана, на 9 мај да се најде на трибините пред Кремљ и достоинствено да учествува во сите свечени настани и манифестации во Москва, бидејќи на тоа има легитимно право како дел од победничката светска антихитлеровска и антифашистичка коалиција, заради чија голема победа и се слави овој ден. Тој чин за никого не претставува некакво зло и навреда, ниту пак може со него да се манипулира и да се толкува поинаку, освен како стекнато и неотуѓиво право на еден народ, да ги слави својата слобода, државност и национална независност што ги остварил токму преку учеството и придонесот во воената епопеја за соборувањето на фашизмот и неговото ропство во Европа во далечната историска 1945 година.
Авторот е поранешен
македонски дипломат |
|
|
|
Автор: Драган Јањатов
Извор: “Нова Македонија“
|
|
|