Македонскиот претседател Иванов ќе присуствува на Парадата на Победата во Москва
Претседателот на РМ Ѓорге Иванов на 9 мај во Москва ќе присуствува на Црвениот плоштад на одбележувањето на 70-годишнината од Победата над фашизмот.
Кабинетот на шефот на македонската држава соопшти дека претседателот Иванов ја донел одлуката да патува за Москва водејќи се од политика базирана на државните интереси.
„Претседателот Иванов отсекогаш применувал политика на отвореност кон сите, односно одлуката да се присуствува на свеченоста во Москва на ниеден начин не е во спротивност со стратегиски приоритети кои ги има Република Македонија, членството во ЕУ и НАТО. Соработката на Република Македонија со Русија, Кина и сите други земји кои имаат интерес за соработка со Македонија, никогаш не било прашање на избор, ниту на било кој начин на сметка на стратешките цели“, велат од кабинетот на Иванов.
Цврстата определба за ЕУ и НАТО никогаш не била пречка за одличните билатерални односи кои Македонија во континуитет ги унапредува со Руската Федерација, не само во мандатот на Иванов, туку отсекогаш, информираат од кабинетот.
Исто така, несериозни се шпекулациите оти со одење, односно неодење во Москва, Македонија прави избор, велат од кабинетот на претседателот на Република Македонија.
Извор: “Руска реч на македонски“
|