Ноќта е најголемиот ѕвонарник
нејзиниот глас во нас длабоко одѕвонува
и ги нарушува далечините
меѓу пресушените меѓи
меѓу заспаните граничари.
Ноќта има сличност и со подземјето
еднаш се умира во нејзиното око
потоа оживува ко полските треви
понесувајќи ја сета свежина од земјата што се буди
меѓу металните гори
меѓу прекрстените води.
Ноќта е нашиот спасител
најмирниот коњаник
што доаѓа преку жешки ридја
нас да не лечи
да не благослови
носејќи не во светот на тајните
меѓу човечките распетија
меѓу мртвите војсководачи.
Ноќта е најголемата причина
за нашето враќање во сонот
едноличен
колнат
но мудар и тих
ко нашиот дух откај мртвите што иде
во прогонство пак да воскресне.
Третиот лик на времето, 1975
КОГА ГО ГРАДЕЛЕ МАНАСТИРОТ
Кога го граделе манастирот
Ѕидарите горостаси
Молитви за здравје
На сет глас кажувале
Убавината на животот
На небото ја раздавале
Кога го граделе манастирот
Од љубов кон светците
Во фреските
Во иконите
Ѕидарите гороломни
Тајни писанија ни оставиле
Врвови, 2008
Манастирот Св. Илија, Жван
ПОРАКА
Од ближна рода
прошка побарајте
Во ливади некосени
љубов дарувајте
Низ житно поле
сами патувајте
Душа на ѓаволот
не продавајте
Блажена, 2012