САУДИСКАТА КОАЛИЦИЈА УПОТРЕБИЛА КАСЕТНИ БОМБИ ВО ЈЕМЕН
Коалициските сили, предводени од Саудиска Арабија, употребиле американски касетни бомби во воздушните напади против шиитските бунтовници во Јемен, соопшти денеска организацијата за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ), предупредувајќи на долготрајни последици врз цивилите.
Организацијата, чие седиште се наоѓа во Њујорк, наведува дека собрала фотографии, видео снимки и други докази дека е користена касетна муниција во воздушните напади на коалицијата врз упориште на Хутите во провинцијата Сада, во северниот дел на Јемен.
Анализите на сателитските снимки покажуваат дека бомбите паднале на околу 600 метри од населено подрачје, пишува во соопштението на ХРВ.
Касетната муниција е забранета во 2008 година со договор, кој е усвоен од 116 држави, но не и од Саудиска Арабија и нејзините коалициски партнери, ниту од САД.
- Во воздушните напади со касетна муниција, предводени од Саудиска Арабија, биле гаѓани подрачја во близина на села, доведувајќи го локалното население во опасност, истакна директорот на ХРВ за оружје, Стив Гус.
Се претпоставува дека во Јемен се употребувани касетни бомби „CBU-105“, произведени од корпорацијата „Текстрон системс“, а со кои САД во изминатите години ги снабдува Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, се додава во соопштението.
Извор: “Утрински Весник“
|