Филмовите на Милчо Манчевски четири дена во кината во Скопје
Во знак на врвните остварувањa за македонската и светската култура и уметност, од 7 до 10 мај во Скопје, ќе се одржат четирите дена со филмовите на македонскиот режисер Милчо Манчевски, посветени на јубилејот 20 години од филмот „Пред дождот“ и целокупното негово творештво.
Во кината „Милениум“ и „Фросина“ ќе биат прикажани новите ремастерирани дигитални копии на филмовите на Манчевски.
Четирите дена со Манчевски започнуваат во четврток (7 мај), во 20.00 часот во киното Милениум. со светска премиера на дигиталната копија на „Пред дождот“. По проекцијата ќе следи разговор на авторот Милчо Манчевски со гледачите, пренесуван и за пошироката публика, во живо преку интернет. Прашања ќе може да се поставуваат преку социјалните мрежи.
Во наредните денови во киното „Фросина“ следат проекции на останатите негови филмови, како и забави и дружење по нивното завршување.
Во рамките на манифестацијата е предвидена трибина и промоција на монографијата за целосниот опус на Манчевски.
„Оваа манифестација претставува и прва ретроспектива на делата на Манчевски во Македонија, а ќе ги опфати и другите уметнички творби на нашиот светски признат уметник. Во текот на овие 4 дена ќе бидеме во кругот на Манчевски. Поводот е „Пред дождот“, неговата универзалност и безвременост, неговото предавање во наследство на следните генерации“, истакна Роберт Насков претседател на „Друштвото на филмските работници на Македонија“ кое e организатор на настанот.
Влезниците се бесплатни и ќе можат да се подигнат во билетарниците на кината „Милениум“ и „Фросина“.
Дигитализацијата на филмовите е финансирана од Министерството за култура на РМ, а настанот е подржан од Агенцијата за филм на Македонија.
Филмот „Пред дождот“ го освои Златниот лав на филмскиот фестивал во Венеција.
Извор: “Макфакс“
|