Соработката меѓу војските на Македонија и Србија оди во нагорна линија
Делегација на АРМ предводена од Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески престојува во тридневна официјална посета на Војската на Србија, пришто во средата во Белград Котески беше пречекан со високи воени почести од неговиот српски колега, генералот Љубиша Диковиќ.
Главни теми на официјалната средба во Генералштабот на Војската на Србија, беа: унапредувањето на билатералната соработка помеѓу двете армии, разгледување на можностите за користење на капацитетите за образование и обука на Војската на Србија и заеднички придонес на двете армии во проектите за регионална соработка.
Котески истакна дека соработката со Војската на Србија се развива во нагорна линија, нагласувајќи дека на средбата било понудено користењето на Армискиот полигон (АП) ,,Криволак“ и Центарот за обука на пилоти. Тој се заложи за искористување на искуствата на Војската на Србија од учеството во мисиите предводени од ООН, како и за обука на стручни кадри на АРМ, особено за одредени борбени технички средства во соодветните центри на Војската на Србија.
Искажувајќи го задоволството од соработката со АРМ, генералот Диковиќ нагласи дека Војската на Србија ќе продолжи со придонесот во заедничките проекти, при што истакна дека покрај поддршката на започнатите проекти за регионална соработка, Војската на Србија ќе ги стави на распполагање сите нејзини капацитети и стручен кадар за обука, во зависност од потребите на АРМ. Афирмирајќи ја заложбата за унапредување на билатералната соработка со АРМ, НГШ на Војската на Србија, укажа на можноста од организирање на вежбовни активности на АП ,,Криволак“, но и школување на припадници на Војската на Србија во Центарот за обука на пилоти.
По разговорите со делегацијата од ГШ на Војската на Србија, генералот Котески оствари средба со министерот за одбрана на Република Србија, Братислав Гашиќ на која беше констатирано дека одличната соработката на полето на одбраната помеѓу двете држави, претставува силен придонес кон јакнењето на мирот и безбедноста во регионот. Во рамките на посетата, генералот Котески ќе биде примен и од претседателот на Република Србија Томислав Николиќ.
АРМ со Војската на Србија има развиено одлична билатерална воена соработка, која се одвива на повеќе полиња како што се: образованието, обуката, вежбите, воено-медицинската обука и друго.
Извор: “Макфакс“
|