Јанкулоска: Пет загинати и триесетина ранети полицајци, нема информации за загинати цивили
Жарко Кузмановски и Сашко Самојлоски од Брвеница Тетово, Ненад Серафимовски од Зубовце Гостивар и уште двајца припадници од специјалните единици денеска загинаа во оружените престрелки во Куманово. Уште триесетина припадници на полициските сили се повредени, а МВР не даде информации за можни загинати цивили, ниту колкава е бројката на жртвите на страната на терористите. На терен сѐ уште трае полициската операција.
„Во оваа прилика во мое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија сакам да им се поклонам и да им изразам сочувство на семејствата на овие патриоти, кои вечно ќе ги паметиме. За жал, шестмина од повредените колеги беа погодени од огнено оружје пред еден час, при чистењето на теренот, откако поголема група на терористи одлучи безусловно да се предаде. Тоа покажува колку безмилосни и одлучни во своите намери се овие радикални структури. Во моментов сѐ уште трае операцијата на теренот и ќе продолжи сѐ додека не бидеме сигурни дека и последниот терорист не е неутрализиран“, кажа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на крајот од денов, во кој досега непозната вооружена група скоро 16 часа им пружаше отпор на полициските сили во Куманово.
Министерката потврди дека утринава МВР почнала акција за откривање и разбивање на поголема вооружена терористичка група, која, според оперативните сознанија со коишто располагале, сакала да го искористи актуелниот политички момент и имала цел да организира напади врз државни институции.
Групата преку свои помагачи се засолнила во кумановската населба Диво Насеље.
Тактички биле добро утврдени и ја напаѓале полицијата со рачни фрлачи на гранати, бомби, автоматско оружје и снајпери.
Отпорот на поголемиот дел од групата бил скршен нешто по 18 часот, кога 20-ина лица ги напуштила подрумите и упориштата во утврдените куќи и безусловно се предале.
„Истите беа прифатени, фото и видеодокументирани како ги напуштаат објектите и префрлени за натамошна обработка. Во наредниов период со нив ќе бидат вршени службени разговори и од нив ќе бидат земени парафински ракавици“, рече Јанкуловска.
Веднаш потоа единиците на терен продолжиле да дејствуваат, бидејќи, како што рече, постоеле информации дека во околните објекти е засолнета уште една група, која одбила да се предаде. По подолга размена на оган дел и од оваа група се предал, но остатокот продолжиле жестоко да ги напаѓаат полициските специјалци.
„Токму во овие престрелки настрадаа нашите колеги и ситуацијата сè уште е ризична“, потенцираше Јанкуловска.
Таа не даде конкретен одговор од каде доаѓа вооружената група, единствено посочи „една соседна земја и од Република Македонија“.
Полицијата имала информација дека групата поседува оружје, но не знаеле за колкаво количество се работи. Како што кажа Јанкуловска, практично, од пет часот утрината до овој момент траат престрелките.
Јанкулоска, исто така, потврди дека постои поголема група од триесетина цивили, меѓу кои и мажи, жени и деца, за кои дополнително треба да се утврди дали на каков било начин им давале помош и поддршка на лицата што отвориле оган врз полициските службеници.
Министерката не даде информации дали носеле на себе некакви униформи што би ги поврзале со одредени политички структури, ниту кои биле можните мотиви за нападот.
На прашањето дали чувствува одговорност, министерката посочи дека во вакви моменти е многу полесно да се избега од одговорност, отколку да се соочи со ситуацијата и да работи посветено на нејзино расчистување.
Српскиот весник „Блиц“ пишуваше дека македонската полиција ја напуштила границата со Србија, па на преминот се пратени дополнителни полициски и воени српски сили. Сепак, министерката демантираше полициско повлеклување од каква било стратегиска точка, ниту од границите на Македонија.
„Акцијата беше планирана, добро подготвена, одлично раководена, за жал не постоеше можност за нејзино одложување и одвивање во друг временски интервал. Фактот што се одвиваше во густа населена средина даде дополнителна тежина, заради која и престрелките траат толку долго и штетите што ги трпиме се ненадоместливи.
Имавме информација за утврденоста на групата и за нејзиниот потенцијал за напади“, рече Јанкуловска.
На крајот, таа потенцираше дека ова што се случува во Куманово е премногу сериозно за некој да го користи за дневнополитички цели.
„Апелирам до сите партии и општествени чинители да бидат на висината на состојбата со која државата се соочува, да се воздржат од дополнителни провокации што би можеле да одведат до ескалација“, рече Јанкуловска.
Извор: “МКД“
|