Загинаа 14 терористи што кон средината на мај планирале напад врз цивилни и државни цели
Планот на вооружената терористичка група бил напад на неколку цивилни и државни цели што требало да ги изведуваат во средината на мај. Ова е дел од признанијата на приведените лица што ѝ се предале на македонската полиција, информираше Иво Котевски, портпарол на МВР.
МВР информира дека вчера во Куманово била елиминирана една од најопасните терористички групи на Балканот. „Заканата за безбедноста на граѓаните на Македонија е елиминирана“, оцени Котевски.
Во акцијата на македонската полиција уапсени се тројца од петтемина лидери на оваа група, граѓани на Косово: Мухамед Красниќи - командант Малишева, Мирсад Ндрецај - командант Нато, Тами Укшими - командант Соколи, Беки Ризај- Бегу и Деме Шеху- Јунику.
„Сите петмина се поврзани со голем број терористички акции во регионот и организатори на паравоени структури. Полицијата на теренот пронашла 14 тела во униформи. Меѓу нив е и Џафир Ѓумбери од Ѓаковица. Можно е во урнатините на објектите да има уште тела на загинати униформирани лица. Полицијата нема информации за загинати цивили. По куќите во кумановската населба Диво Насеље пронајден е голем арсенал на оружје. Вчера на македонската полиција и се предадоа триесетина терористи, македонски државјани и еден албански државјанин. Тие ќе добијат кривична пријава за терористичко загрозување на уставниот поредок на земјата“, рече Котевски.
Според досегашните сознанија на полицијата терористичката група влегла во Македонија на почетокот на мај, а планот им бил кон средината на месецот да почнат терористички напади на цивилни и државни цели. Бројот на повредени полицајци е 37.
Увидот на теренот е во тек, а дополнително ќе се идентификуваат телата во униформи. На лице место веќе е јавниот обвинител кој ќе го води случајот.
Извор: “МКД“
|