ЕВЕ ГИ НАШИТЕ “ПАРТНЕРИ” ОД ЕУ И НАТО: ОСВЕН ШТО ЕУ НЕ ГИ ОСУДИ ТЕРОРИСТИТЕ, СЕГА КОСОВО ЌЕ И СУДИ НА МАКЕДОНИЈА
Косовските служби намерно ја премолчаа информацијата за терористичката група и нејзините намери, не ја споделија со македонските колеги, не се извинија туку, напротив, ги прогласија за маченици и им приредија погреби со сите државни и воени почести, а министерствата за надворешни работи и правда им нудат правна помош на семејствата на ликвидираните, кои, исто така, подготвуваат тужби
Косовското Јавно обвинителство идната недела ќе отвори истрага за начинот на кој загинале деветтемина косовски државјани кои беа ликвидирани во акцијата против терористичката група во кумановското Диво Насеље и најавува дека најверојатно ќе поднесе тужба против нашата држава без да прецизира за што точно ќе биде побарана одговорност.
Оттаму велат дека го чекаат извештајот на Судска медицина од обдукцијата во Скопје и по споредбата на резултатите од обдукцијата направена во Приштина ќе покренат истрага која би резултирала со тужба против Република Македонија.
Ова индиректно го потврди косовскиот јавен обвинител Али Реџа, кој појасни дека истрагата би била доделена на нивното Специјално обвинителство, кое е задолжено за ваков тип истраги и предмети.
Директорот на приштинската Судска медицина, Арсим Герџалиу, пак, за тамошните медиуми изјави дека обдукцијата е готова, резултатите се јасни и недвосмислени и ќе бидат објавени идната недела и ќе бидат доставени до обвинителот Реџа. Наодите на приштинските патолози веќе им се дадени на семејствата кои имаат забрана да ги соопштат во јавноста, барем додека не пристигнат надоите од Институтот во Скопје.
Во меѓувреме, тужби најавија и семејствата на ликвидираните терористи, а косовските министерства за надворешни работи и за правда им најавија дека ќе им обезбедат бесплатна правна помош и советување за подготвувањето на тужбата против нашата држава.
Вчера на гробиштата на паднатите борци во Приштина беа погребани осуммина од деветтемина ликвидирани терористи.
Еден од ликвидираните водачи на терористичката група, Бег Ризај, викендов беше погребан во Глоѓан со сите воени почести и стража облечена во униформите на УЧК, а на погребот присуствуваа претставници на Самоопределување и партијата на Рамуш Харадинај вклучувајќи го и неговиот брат Даут.
Односот на косовските власти јасно може да се види преку фактот што информациите за постоењето на оваа терористичка група и нејзините цели и намери намерно го премолча и не го сподели со македонските безбедносни служби. Иако тоа го одрекуваа, на крајот беше потврдено дека премиерот Мустафа, претседателката Јахјага и министерот за внатрешни работи Хисени уште на 23 февруари, на затворена седница ја добиле информацијата од косовската разузнавачка служба КИА.
Иако Агенцијата за разузнавање (АР) на почетокто на април побарал информација од Косово околу постоењето на оваа група, официјален одговор никогаш не беше испратен.
Специјалното обвинителство во Приштина, кое сега планира да отвори истрага против Република Македонија, имало отворено истрага токму против членовите на терористичката група уште пред нападот на караулата кај Гошинце, бидејќи ги сметале за сериозна безбедносна закана за државата и регионот. Затоа и непосредно по акцијата во Куманово се вршеа претреси во домовите на ликвидираните и уапсени терористи.
Членовите на терористичката група кои се од Косово, без исклучок се од военото крило на поранешното УЧК и ОНА, и блиски до партијата на Рамуш Харадинај и косовското “Самоопределување” предводено од Реџеп Селими, генерал на УЧК.
Како што веќе објавивме, водачите на групата Ндрецај, Ушкини, Красниќи и Ризај уште во јануари ги најавуваат акциите преку разговори на социјалната мрежа Фејсбук каде велат дека комунистичките Албанци во Македонија ги чека “крвав мај”.Од разговорот може да се заклучи дека акцијата е директно насочена против раководството на ДУИ и дека планираат да постават свои луѓе на нивните места кои би биле раководени од Косово. (О.Ч.)
Извор: “Инфомакс“
|