ЕУ кампува во кампот „Македонија“
Како што гледате, сѐ си е во ред. Партиите божем се караат, а ЕУ божем ги смирува. Заев божем пали, а Груевски божем гаси пожари. Всушност, децата на Македонија вообичаено се заигруваат балкански камај, кој глупавите историчари склони кон драматизирање го именуваат како балкански војни. Играта завршува во оној миг кога на полјанката ќе дотрча шумарот, односно негувателката, и ќе прогласи крај. Крајот за нас секогаш е еден: палавковците кротко потпишуваат лист хартија на кој се начкртани „нови факти на теренот“, а цената ја плаќаат Македонија и нејзиното население, кое тие чкртаници ги преточува во правила. Еден век е така. И нема причина сега нешто некој да менува
АНАЛИЗА - ДИЈАГНОЗА
Традиционално, камп-туризмот ве зближува со природата. Македонскиот ќе ве зближи со сите видови девијации на политичкото транзициско општество и на микро и на макроплан. За да кампувате обично ви требаат пари за престој во кампинг-простор и камп-опрема. Но ако туристите се одлучат за македонска камперска авантура, ќе доживеат неверојатна сензација на бескрајна слобода. Можат да кампуваат каде што сакаат и за тоа да добијат дневница за ноќевање во шатор (бесплатен) и журкање до утринските часови, бесплатно јадење, пиење и шмркање, плус организиран политичко-забавен живот, кој
подразбира организирано празнење не само на цревата туку и ослободување од адреналински вишоци, комплекси, емотивни кризирања и други дебаланси
„Кризата“ во Македонија заврши. Исто како и „војната“ во 2001 година. Како востанието „црн понеделник“, метларската буна, битката за А1, одбраната на монструмите... Речиси е сигурно дека така ќе заврши и планираниот напад на терористичката група од Косово, која однесе осум животи и рани 37 полицајци. Волшебно, брзопотезно, умно, небаре над земјава бдее самовилска заедница секогаш подготвена да ѝ помогне на кутрата миленичка. Како што гледате, сѐ си е во ред. Партиите божем се караат, а ЕУ божем ги смирува. Заев божем пали, а Груевски божем гаси пожари. Всушност, децата на Македонија вообичаено се заигруваат балкански камај, кој глупавите историчари склони кон драматизирање го именуваат како балкански војни. Играта завршува во оној миг кога на полјанката ќе дотрча шумарот, односно негувателката, и ќе прогласи крај. Крајот за нас секогаш е еден: палавковците кротко потпишуваат лист хартија на кој се начкртани „нови факти на теренот“, а цената ја плаќаат Македонија и нејзиното население, кое тие чкртаници ги преточува во правила. Еден век е така. И нема причина сега нешто некој да менува.
Цапнавме во летото, а знаете, ние го користиме за одморање. Прва на одмор отиде судско-обвинителската заедница. Се распушти и експертско-аналитичарската заедница, на која и досега ретко што ѝ беше јасно. Ако уште некој чека да почне судскиот процес „Пуч“ и во него да блесне ѕвездата Зоран Заев, ќе биде попусто. Тој е под заштита на легалистичката ЕУ и правдољубивата Америка.
Груевски веќе не изјавува дека ќе сведочи и сѐ транспарентно ќе каже. Тој дури не вели ни дека Заев ќе трпи и правни последици. Кротко преговара со него како со вистински политички партнер. Ако има такви што чекаат да чујат од Никола Груевски која странска служба прислушувала во Македонија, се зафркнале. Тој такво нешто никогаш не ветил. Ниту рекол. Напротив, во последното „интервју“ црно на бело стои негов исказ дека Македонија ја прислушувала, ако воопшто ја прислушувала, некоја мала соседска банана-држава, оти големите немале причина тоа да го работат со Македонија. Го гледате човекот. Се отепа од работа да ни најде на сите работа, да ни обезбеди социјални пакети, олеснувања, странски инвестиции. Ветува и исполнува како вистински кандидат за самовила. Сѐ друго било само сон во летната ноќ. Фингерајка.
ПОЛИТИЧКИ ТУРИЗАМ
Само народот изгледа ни е нераспуштен, оти навикнал да живее во грч и неизвесност. Сиромашкиот, редовно си има проблеми со недоветни политичари од македонско и странско (европско) потекло.
Особено кога накратко ќе полета по нивни ум. Практиката покажува дека таков лет завршува со слетување на лепешка. Оттаму најголемиот дел од народот кого не го бендисуваат ни домашните ни странските политичари, по секоја ваква фингерајка бега во цинизам или апатија. До скоро поради вакво зафркавање со државната политика македонскиот народ сам себеси се презираше. Овој пат такво нешто нема да се случи. Презирот кон сите учесници во бомбашката драмолетка, пучистичкиот напад и терористичкиот налет ќе се отслика на следните избори. Зоран Заев и неговите помагачи ќе разберат што значи да се биде тројански коњ, односно данајски подарок. Али Ахмети и неговата УЧК-банда под заштита на НАТО ќе ја дешифрираат пораката од судбината на Лаокон и неговите синови, а Никола Груевски богами ќе осознае што крие пораката на спартанските мајки со која ги испраќале своите синови во борба, со штитот или на него. Малку антика во вакви „езотерични ситуации“ помага како лек за смирување кога во живо гледате како сѐ што се случува во Македонија на политички план нема врска со ум, разум и логика.
Македонија, како што е познато, во туризмот гледа компаративна предност, а актуелната влада дури вложува доста труд и време (за ресурси и да не зборувам) за тој да стане еден од носечките столбови на националната економија. Оттука малку звучи нелогично загриженоста на бајрактарите на стопанските заедници дека македонската економија поради бекатон-револуцијата ќе стагнирала. Ваквиот песимистички поглед на работите само е факт повеќе дека Македонија е дефицитарна во претприемачки дух и итри луѓе, кои во секоја криза гледаат шанса за промени и профит. Но, Груевски, за жал, е водач на конзервативна партија. Како таков, тој и во економијата е традиционалист. Веројатно затоа ни самиот, но и неговиот економски тим или економските промотори не ја видоа капацитетноста на т.н. политички туризам. Особено откако се формираа две камперски заедници, односно откако се формираа два големи кампинзи среде Скопје. Потенцијалот е огромен. Македонија може да заработува од сопствените кризи, кои никнуваат како печурки по дожд, а кои ниту умее да ги реши сама ниту да ги шитка како ексклузивен производ. Убавината на идејава со која излегува „Нова Македонија“ е во тоа што политичкиот туризам не е ограничен од годишните времиња. Функционира 24/7/365 и секогаш со вака форматирани македонски политичари.
ФИНАНСИСКИ БОНУС-ПАКЕТИ
Традиционално, камп-туризмот ве зближува со природата. Македонскиот ќе ве зближи со сите видови девијации на политичкото транзициско општество и на микро и на макроплан. За да кампувате обично ви требаат пари за престој во кампинг-простор и камп-опрема. Но, ако туристите се одлучат за македонска камперска авантура, ќе доживеат неверојатна сензација на бескрајна слобода. Можат да кампуваат каде што сакаат и за тоа да добијат дневница за ноќевање во шатор (бесплатен) и журкање до утринските часови, бесплатно јадење, пиење и шмркање, плус организиран политичко-забавен живот, кој подразбира организирано празнење не само на цревата туку и ослободување од адреналински вишоци, комплекси, емотивни кризирања и други дебаланси. За таа цел на туристите-кампери на располагање им се стендап-комедијанти, партии, лидери, државни службеници, полицајци, возачи, случајни минувачи и реквизити, како свирчиња, шишиња и бекатон-коцки. Сепак, најважно е што македонските туроператори на камперските заедници ќе им нудат финансиски бонус-пакети. Да речеме, ако кампот „Напад“ за ноќевање на камперите им плаќа 600 денари плус социјалдемократска „шведска“ маса и забава до утро, кампот „Одбрана“, кој е на власт, веројатно дава потенцијално вработување, плус партиска книшка и понекое мини-тендерче. Убавината е во тоа што камперските семејства можат да си ги распоредат силите во две или повеќе купчиња или смени. Да не заборавиме на можноста ДУИ и ДПА да си отворат свои моноетнички кампови со уште повозбудлива туристичка понуда, како што е организирано сечење шуми, палење пожари, напади на села, гаѓање со минофрлачи и снајпери на урбани центри, организиран лов на луѓе, киднапирање, резбарење на кожи, кревање во воздух мотели и хотели со човек-експлозив „дивајз“ и тридневни или еднонеделни курсеви како да станам борец за човекови права, односно терорист во три чекори и политичар во еден еленски скок. Оти можноста да се заработи од кампирање ќе биде привлечна не само за туристичките пленуми, форуми или заедници во Македонија туку и за туристите од цела Европа, која нагло осиромашува и во пари, и во ум, и во забава. Згора, Европејците преку Македонија најдиректно ќе ја запознаат и Европската им Унија. Конечно во живо ќе ги гледаат и комесарите и министрите и амбасадорите што службуваат во Македонија исто така за дневница (европска) и напредување во кариерата. А ќе нѐ гледаат и нас како егзотичен вид, кој се лови на црно во специјално организирани сафари-тури. Ама нема да им биде полесно оти и Европејците што веќе го остварија својот национален сон за членство во ЕУ и во НАТО не се посреќни од нас. Просто ние ќе им бидеме стимул за да почнат организирано да се прашуваат како, богати, не виделе со време кога нивни политичари црпнати од некое европско моноспитовско блато ги закрепостиле и ги претвориле во консументи на евроатлантски политичко профитерски смет.
ЦИРКУСКА АРЕНА
Смешно? Не е. Цинично изгледа, ама е реално шоу во кое ние, домородците на Балканот, сме упаднале. Еве што гледаме.
Ѓорге Иванов, кој есеноска ја повика Америка да ни го пополни безбедносниот вакуум, сега може да спие мирно. Вакуумот дефинитивно е пополнет. Македонија е американски резерват за црвенокошци. Наместо власт конституирана според Уставот по избори, земјата доби парадржавни институции и странска стечајна власт. Во евроатлантскиот свет функционира Ге 7 (плус – минус 1). Во Македонија се конституирани пандани Ме 6 амбасадорска или 5 плус 1 (кецов е Џес Бејли) и ЕУ-тројка плус кец. Едниов е комесарот за проширување Хан. Имаме и двајца медијатори. Еден за името и идентитетот, односно за надворешна политика, односно за односите помеѓу Македонија и евроатлантскиот свет, а другиот за регулација на меѓупартиските односи и нивно редовно чистење, што е внатрешна политика. Координатор на сите овие ад хок групировки ќе биде „неутрален“ Нордиец со балканско искуство по име Карл Билт. Тој е нашиот Лоренс од Арабија. Поткатегорија по ранг е кротката ОБСЕ, која традиционално се грижи за соработка и безбедно извлекување терористи и, секако, олеснувачката „лефтовер“ заедница составена од бивши функционери на ЕУ, САД и на НАТО, кои како гребатори на гага софри тешко се откажуваат од трошки профит и привид на слава во балканските вукоебини кога имаат статус на ВИП. Почетниот статус им е почесно членство во македонските партии, а напредуваат како советници, инструктори, давачи на изјави, ангажман платен на саат, почесно жителство, визитинг-професори на фамозните македонски факултети, невладини активисти, платени демонстранти. Нема да нема!
Аналогно со новиот статус на Македонија како држава-призрак и очигледна суспензија на Уставот и законите, претседателската резиденција е заменета со резиденцијата на ЕУ-амбасадорот Аиво Орав. Орав ќе претседава со партиската средба, дочим шефот Иванов во исто време ќе учествува на панелка со свој реферат како „експерт“. Бившиот известувач за Македонија во Европскиот парламент, Британецот Ховит, во својство на почесен член на СДСМ, „протестант“ и активист во бекатон-револуцијата, која бара оставка на Владата, како член на европската олеснувачка „тројка“ раководи и со Министерството за правда. Тој експресно го заврши случајот „Пуч“. Донесе и пресуда. Рече Заев не смее да биде осуден. Обвинителството и обвинителот, судско-обвинителската заедница (може и пленум или форум) не се ни огласија. Зврлевски нечујно отиде на одмор. Што се однесува до Владата, и таму е сѐ како што е планирано. Груевски по враќањето од Стразбур се откажа од позицијата премиер. Изгледа таму конечно му ја утврдија точката на топење. Тој сега е трговски патник, кој на потенцијалните муштерии им нуди поволни социјални пакети, покачувања на платите и на пензиите, пакет-вработувања и странски инвестиции во најава. Се чини дека тој тргна во предизборна кампања замислена како мижи да ти баам во сто чекори. Парламентот и онака само фигурира како законодавна власт. Штом законите не се важат, тој може да се преадаптира во циркуска арена. Нека се вика „24 декември“.
Странските дипломати во државава интензивно вклучени во обидите за надминување на политичката криза / Фото: Маја Јаневска-Илиева
Европа под американска брза интервенција
Пред две години, во декември 2013 година, „Нова Македонија“ објави дека САД се подготвуваат да ја окупираат Европа. Тоа се случи под превезот на истовар на 60.000 војници-повратници од мисијата „ослободување на Авганистан“ за потребите на некакваси тригодишна воена вежба на територијата на Европа со работен наслов „Спас на Медитеранот од економската криза“. Украинската пучистичка револуција послужи како повод. Под превезот на НАТО, американските војници и машинерија се распосла низ Европа и ги запоседна надворешните континентални граници.
Сега, објавено е дека во соработка со шпанската влада, НАТО на Апенинскиот Полуостров ја стартува својата единица за брзи интервенции, која ќе се бори со иселениците од земјите што претходно биле или сѐ уште се цел на воена агресија.
Барем НАТО си стои на зборот. Тој сѐ што ветува и остварува. Европа полека но сигурно станува активно воено поле.
Премиерите на Балкан ги избира ЕУ со консензус
Вие и ние од „медиумската заедница“ не сме знаеле баш до толку дека ЕУ има нова дефиниција за демократија во чија срцевина се слободно организирани и спроведени избори. Ни ја прераскажа во интервју другарот Иво Вајгл од Словенија. Вели: „Во ЕУ нема консензус за тоа дали Груевски треба да поднесе оставка“.
Кој ни е виновен што нашите експерти со академски титули и нашите политичари-визионери, кои до смрт (наша, нормално) ќе се борат за имплементација на европските стандарди и цивилизациски вредности, не умееја да ни протолкуваат дека одењето на избори е домашен политички фолклор без правно дејство. Кој ќе владее со одредена држава одлучува Коминтерната во Брисел, ем тоа со консензус. Сега на потег е „Јустинијан Први“ да ја адаптира својата наука. Или тоа или да си ги врати топтан титулите и звањата и да удри катанец на факултетот.
Љупчо во одбрана на странската служба
Пак се појави Љупчо Георгиевски. Кога се пројавува човекот со политички коментар, тоа со сигурност значи дека неговите газди што го управуваат бараат да изврши задача. Инаку не би му го прекинале перманентниот одмор. Изјавата дека тој поседува материјални докази оти Верушевски и неговата двочлена банда (без жената му) самоволно ја шпионираат Македонија веќе 20 години мириса на скретничарска операција за отстранување на опасноста да се обелодени која странска служба го извела шпионирањето во „Пуч“, но и во „Големото уво“. Верушевски изгледа треба да биде Перо машинбраварот, односно Ли Освалд. Киксот на Георгиевски е само во тоа што, освен информација, ни покажува и на кај каде „дупи“ господин Виќо овој пат. Имено, Македонците имаат развиено шесто сетило за слушање „финеси“. Верушевски не е под заштита само на СДСМ. Неговото несметано комотно живеење во изминативе две децении како шпион со институционална мрежа значи дека бил заштитена мечка и кога владее ВМРО-ДПМНЕ. Што значи, четири години со Георгиевски како премиер и осум со Груевски како премиер. Зошто токму сега Љупчо решава да ги понуди на увид доказите со кои располагал. Зошто ги криел? Зошто му бил соучесник на Верушевски?
И Груевски е 1/3 премиер
Како и Љупчо Георгиевски, кој во 2001 година по формирањето на техничката или преодната влада „за национално единство“ и Никола Груевски е на пат да ни признае дека е премиер на 1/3 избирачки народ. Тој уште не признава дека изборите не се единствен начин да се биде на власт. Уште го спомнува народот како суверен, ама практично сѐ што прави деновиве е обратно од она што го зборува. Имено, послушно оди на средби организирани и раководени од секакви посредници, олеснувачи, притискачи и уценувачи од ЕУ. Седи на преговарачка маса со човек што е обвинет за тешки криминални дела и договара правила на игра, исцртува политичка агенда што е против интересите на народот на Република Македонија.
Полека но сигурно Македонија станува Украина. Провизорна држава територија без иднина.
Диференцијација на знамињата
Никола Груевски е единствениот „државник“ во Европа што најде за потребно да се огради од народот што тој лично, односно неговата партија го повикала на политички митинг. Човекот одговори на хипотетичко прашање, кое гласеше исклучително глупаво (оти беше наменско): зошто среде стоилјадниот народ се развеале две руски знамиња.
Одговорот на македонскиот премиер покажува разочарувачко политичко ниво, недостиг на политичка култура и дипломатски манири. Тоа нѐ тера да го прашаме јавно каков ќе му беше одговорот ако на тој народен собир случајно се развееја две американски знамиња. Ќе ги обвинеше ли „провокаторите“ за бламажа на собирот и ќе се оградеше ли и од тие знамиња. Или ќе имаше поинакво објаснување за нивното присуство?
|
|
|
|
Автор: Мирка Велиновска
Извор: “Нова Македонија“
|
|
|