КНИГА ЗА БИГОРСКИОТ ИГУМЕН АРСЕНИЈ
Во зборникот се објавени текстови на македонски, англиски и грчки јазик
Св. Јован Бигорски. - Минатата година, на 27 јуни, кога беа навршени 175-те години од упокојувањето на архимандритот Арсениј, игумен на Бигорскиот манастир, во бигорската книгохранителица се одржа научен собир со учество на еминентни научни работници и високодостојници на МПЦ-ОА, кои ја расветлија дејноста на игуменот и растежот на Бигорски во неговото владеење. Неодамна, во чест пак на 20-годишнината од возобновувањето на монашкото братство на Бигорскиот манастир, манастирот издаде содржаен зборник на изговорените слова по повод јубилејот - 175 години од упокојувањето на големиот и најзаслужен архимандрит на Бигорскиот манастир, игумен Арсениј. Тој со манастирот раководел 32 години (1807-1839), период за кој и го изградил манастирот во достоинство на вистинска Лавра, уредувајќи го по угледот и примерот на средновековните светогорски манастири.
Од повеќе аспекти учесниците на одржаниот собир ја расветлија дејноста и придонесот на игуменот Арсениј, како во градителството, фрескоживописот, иконописот, формирањето и збогатувањето на библиотеката со богослужбена и светоотечка литература, така и во низа други активности кои манастирот го прават исклучително значаен, не само за реканскиот крај, туку за цела Македонија. Игуменот Арсениј во 1814 година, само седум години по назначувањето за игумен, започнал да го гради манастирскиот конак на североисточната страна, позната како Горен Палат, а на 12 април 1820 година ја започнал градбата на големата манастирска трпезарија. Најзначајно е тоа што игуменот Арсениј, ги ангажирал најквалитетните резбари, тајфите на Макарие Фрчкоски од Галичник и на Петар Филипоски - Гарката од мијачкото село Гари.
Во зборникот се објавени изречените слова на учесниците на научниот собир на македонски, англиски и грчки јазик. Уредници на зборникот се: архимандрит Партениј (Фидановски) и проф. д-р Саво Цветковски, преводот на англиски е на братството на Бигорскиот манастир и на Весна Цветковска, а на грчки јазик на братството на Бигорскиот манастир, како и извршената лектура. ( К.К.)
Извор: “Утрински Весник“
|