Скопје во чест на Пушкин
По повод денот на раѓањето на големиот руски писател Александар Сергеевич Пушкин вечерва во општина Кисела Вода пред споменикот на овој великан на руската и на светската литература ќе се одржи празничен хепенинг. На настанот најпрво ќе биде положено свежо цвеќе, по што ќе следува и пригодна реч за животот и за делото на авторот.
По официјалниот дел, празничната програма ќе ја збогатат студентите од Катедрата за славистика при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, кои пред присутните ќе декламираат стихови од Пушкин. Потоа следува концертниот дел на кој ќе настапат ансамбли на руските сонародници во Република Македонија, како и ансамбли од општината Кисела Вода.
Организатори на настанот се руската дијаспора во Република Македонија и општина Кисела Вода, каде и се наоѓа споменикот на Александар Сергеевич Пушкин, со несебична поддршка од страна на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија. Настанот започнува во 19.30 пред споменикот, а добредојдени се сите љубители на поезијата на Пушкин.
Извор: “Руска реч на македонски“
|