РЕПОРТАЖА - ВО ГАЛАТЕ - ПОД ДЕБЕЛАТА СЕНКА НА СТОЛЕТНИТЕ ДАБОВИ
Селото Галате се вбројува меѓу најстарите села во Полог, а во сочувани документи се споменува дека постои од 1461 година
Киро Кипроски
Со младиот и мошне амбициозен Даме Ѓорѓески, магистрант на правни науки на скопскиот Правен факултет, во неделата попладне, заедно со татко му Томе и братот Пирин, прошетавме низ селото Галате, кој патем не' запознава со ова горнополошко село сместено во пазувите на Шар Планина, на надморска височина меѓу 550-600 метри. Од општинскиот центар Врапчиште ги дели Галатска Река, а од Гостивар е оддалечено околу 7 километри. По улицата полна со дупки се упатуваме кон западниот дел на крајот од селото, каде што не' чекаа поголема група галачани. Првиот впечаток што го добивме беше мошне уредена селска населба, нови градби со привлечна архитектура, со уредени дворови, со зеленило и со цвеќе, со сопствени градини засадени со градинарски култури и со овошки. Во повеќе дворови има и сандаци со пчели. И старите куќи се во добра кондиција, со поправени покриви и фасади, на добар начин сочувана старата архитектура, што е за пофалба. Карактеристично за Галате е тоа што миграцијата е непозната. Во селото има 100 куќи, во 70 од нив постојано живеат околу 300 жители, а во триесетте повремено тука отколку во Гостивар. Галачани се земјоделци, а добар дел се вработени во државни и приватни фирми во Гостивар и околните села.
Најстарото село во Полог
Селото Галате се вбројува меѓу најстарите села во Полог, а во сочувани документи се споменува дека постои од 1461 година.
„Осумте археолошки локалитети: Топли извори, Гладници, Ограда, Градиште (Миланово кале), Брце, Калај, Голем рид и Забел, потврдуваат дека Галате се вбројува меѓу најстарите населби во полошкиот регион“ - вели Велибор Ефрески. Овие локалитети се наоѓаат во археолошката карта на Македонија, меѓутоа досега не е спроведено детално истражување. Нешто повеќе се знае само за археолошкиот локалитет Градиште, кој е утврдена населба од железно и римско време, се наоѓа на петстотини метри северозападно од селото, над патот кој води за селото Топлица. Тука, во минатото биле пронајдени остатоци грамади од градежен материјал и на фрагменти од керамички садови.
Пчеларот Милош Димитриески ни вели дека костеновата и друга шума што се наоѓа во атарот на Галате е најдобрата паша во Европа за пчелите. „Нашиот мед е најквалитетен и минатата година, еден килограм мед го продававме по 400 до 450 денари, што е мошне доходовно. Над 10 семејства се занимаваме со пчеларство и тоа за нас претставува добар приход“ - задоволен е Димитриевски.
На крајот на селото, на западниот дел просторот е мошне уреден со зелен тепих, видиковец, камин покриен со натстрешница, сала за ручеци. Целиот простор во последниве години беше облагороден со работни акции на младите галачани во чест на малата црквичка во која тече света вода и која е посветена на света Богородица. Со векови на Балаклија петок, Источен петок (првиот петок по Велигден) се одржува голем црковно-народен собор.
Галате во записите на Марко Цепенков
Марко Цепенков за обновувањето на оваа црква ќе забележи: „На Спасена од село Галате (Тетоско) куќата и' је во маалото Поповци на крајо, од кај што заоѓа сонцето. Близу до куќата незина има еден даб многу голем, Госпо знаи од кој век бил тој даб. Како што си спиела една вечер Спасена, је дошло на сон некоја жена и ја потсетила да запали едно кандило кај дабо. Коа се разбудила, му кажала на мажа ја и му посакала печес грошеи за да купи едно кандило и троа масло, та да го пали во петок и недела. Така, по некое време, една вечер ти сонуела друг сон.
- Слушај, сестро Спасена, ти се благодарам на доброто што ми го стори, ама сакам да ми сториш уште едно добро, да ми напраиш на глава еден чадор, колку да не ми гори сонцето глаава и да не ми врне... Копајќи околу дабо и, за чудење големо, беше излегло една водичка. Напрајла едно црквиче колку да бери десетина дуѓи внатре, обесила иконата на света Богоројца и неколку друзи, запалила кандила и се прочуло по сета каза Тетоска. Црквичето го напраила Спасена во 1893 година, масло светила на Источен петок – Балаклија“.
На влезот на селото е црквата посветена на свети Никола и е изградена во 1876 година, постојано се одржува и се уредува.
Под патот Галате – Неготино, во месноста Топлица, во галатскиот атар, на стари црковни темели пред дваесетина години беше изграден нов црковен храм „Св. Петка“. Во внатрешниот дел беше живописан и беше целосно подготвен за осветување. Меѓутоа, во воениот конфликт од 2001 година, црквата од надворешниот дел беше осквернета. Во алтарот беше поставена експлозивна направа со послабо динамитно полнење и терористите не успеаја да ја дигнат црквата во воздух.
Галачани ни рекоа дека наскоро ќе ги започнат работите на обновата на храмот посветен на св. Петка.
Извор: “Утрински Весник“
|