Празнина КОЈА сјае: Македонија Tuesday, 2024-12-24, 9:26 PM
Welcome Guest | RSS
Main | | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Calendar
«  June 2015  »
SuMoTuWeThFrSa
 123456
78910111213
14151617181920
21222324252627
282930
Entries archive
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » 2015 » June » 22 » Русија и САД најдобри пријатели и непријатели во исто време?!
    10:45 PM
    Русија и САД најдобри пријатели и непријатели во исто време?!

    Русија и САД најдобри пријатели и непријатели во исто време?!

    Во ексклузивно интервју, на идентични прашања, двајцата светски експерти Мајк Бечер и Андреј Корибко, кои имаат слична професионална ориентација и кои потекнуваат од двете директно затегнати страни во вечниот судир меѓу Русија и САД, развиваат тези одговарајќи на ребусите од геостратегиски карактер, од сферата на политиката, економијата, трговијата, енергетските ресурси, целосната војна и тероризмот. Во разговор со нив се обидуваме да ги одгатнеме најактуелните загатки за тоа каква ќе биде разврската од украинската криза, што точно се случува на Блискиот Исток, има ли вистина во фактот дека Москва и Вашингтон се во фаза на перипетија во перманентната енергетска и трговска глобална битка, дали се реални стравовите од употребата на нуклеарното оружје и дали на Балканот и во Македонија во овие моменти се прекршуваат интересите на двете суперсили...

    СООЧУВАЊЕ НА АМЕРИКАНСКИ И РУСКИ ГЕОПОЛИТИЧКИ ЕКСПЕРТИ

    Вестите што велат дека двете најмоќни армии на светот распоредуваат боеви нуклеарни глави по своите граници и приказните за раздвижување на нивните армиски трупи и механизација низ разни локации во светот, како дел од масовни воени вежби и маневри, не стивнуваат по избувнување на граѓанската војна во Украина. Глобалните медиуми, пак, дополнително информираат дека Русија и САД, покрај „воените игри“, се натпреваруваат во покажувањето на својата доминација во трговијата, економијата, енергетскиот сектор...

    Поранешниот американски претседател Џон Кенеди во една пригода рекол дека речиси ниту еден однос меѓу две држави во светот не е толку комплексен и комплициран како оној што го имаат Русија и САД во меѓународната политика, бидејќи овие земји се речиси најдобри пријатели и непријатели во исто време.

    „Нова Македонија“ разговараше со двајца видни безбедносни и геополитички аналитичари, Мајк Бечер и Андреј Корибко, кои потекнуваат од двете директно затегнати страни во вечниот судир меѓу Русија и САД. Во ексклузивно интервју на идентични прашања двајцата светски експерти, кои меѓу другото имаат слична професионална ориентација, одговараат на загатките каква ќе биде разврската од украинската криза, што точно се случува на Блискиот Исток, има ли вистина во фактот дека Москва и Вашингтон се во енергетска и трговска и глобална битка, дали се реални стравовите од употребата на нуклеарното оружје и дали на Балканот и во Македонија во овие моменти се прекршуваат интересите на двете суперсили.
     
    Како ги оценувате безбедносната ситуација на Блискиот Исток (Сирија и Ирак) и војната против ИД и сличните радикални исламски терористи?
     
    БЕЧЕР: Не можеме да се надеваме на подобрување на безбедносната ситуација во Ирак и Сирија. Од американска гледна точка, единствена опција за подобрување на безбедносната ситуација во овој момент е забавување на напредувањето на ИД. Следното прашање што е тешко за овој момент да се одговори за властите во САД е со кого да се формира стратегиско партнерство за да се анулира оваа безбедносна закана за човештвото и светот. Од една страна, ирачката армија се покажа за слаб сојузник и покрај големите вложувања во воена технологија и обука. Во Сирија, од друга страна, на терен не постои антиасад-воена фракција што САД можат да ја изберат за свој стратегиски партнер. САД во овие моменти пред себе имаат листа на лоши можни партнери. Клучот за американската стратегија да се обезбеди долгорочна безбедност во овој дел од светот е соработката со сунитските племиња во Ирак, особено од провинцијата Анбар. САД сега испратија неколкуилјадни трупи што ќе им асистираат на локалните власти да ја обезбедат безбедноста во Ирак. А колку долго ќе трае војната против ИД? Лично се согласувам со последната изјава на еден неодамна пензиониран висок американски генерал, кој рече дека искоренувањето на Даешите, односно на арапски неверниците во исламот, би можело да биде процес за кој ќе бидат потребни од една до две генерации.
     
    КОРИБКО: Официјално, Русија и САД се против ИД и тероризмот, но неофицијално Американците не се резервирани во однос на стратегиското искористување на таквите настани за сопствените геополитички придобивки. Сите знаат како американското разузнавање ги создаде Ал каеда и талибанците, а сега се испоставува дека имало и директна улога во почетоците и на ИД. Во последниот случај се работи за една воена формација што им излезе од контрола на Американците, бидејќи не ја исполни својата цел за која беше поддржана од САД, а таа е соборување на легитимната сириската влада. Ако САД навистина сакаат да ги елиминираат терористите што ги создадоа, тогаш многу лесно можат воено да го постигнат тоа бидејќи се воена велесила. Наместо тоа, сѐ што се случува досега се само симболични воздушни напади и гласна реторика и ништо повеќе. Тоа е така бидејќи постоењето на ИДИЛ е добар изговор за стратезите на Вашингтон за САД воено да присуствуваат во регионот на Блискиот Исток, каде што треба во иднина да ги исполнат своите геополитички желби (како што е создавањето на проамерикански Курдистан, соборување на сириската влада и вршење поделба на сунитите и шиитите во Ирак во посебни ентитети). Токму поради овие причини САД прават разлика помеѓу „добрите“ и „лошите“ терористи.
     
    Дали е на повидок решавање на кризата во Украина и кои се вашите предвидувања за тоа како ќе се развива ситуацијата во оваа европска земја и во поширокиот регион?
     
    БЕЧЕР: Во САД заканата од ИД надалеку ги надминува безбедносните ризици што доаѓаат од немилите случувања во Украина. Тоа е така бидејќи тукашната јавност повеќе стравува од терористичките закани, кои за Американците се пореални, отколку од заканите од студената војна, за кои лично верував дека се избришани од историјата засекогаш. Сепак, она што можам да го кажам е дека, за жал, светот во ова време влегува во процес во кој воените интервенции и закани ги засенуваат армиските безбедносни договори и сојузништва. Ве уверувам дека безбедносните аналитичари и државниот апарат на големо работат на сузбивање на опасностите што произлегуваат од овој дел од светот. Токму затоа САД со партнерите од НАТО во овие моменти ги прераспоредуваат своите сили во Балтикот и Полска, за кои се верува дека ќе бидат следните цели на Русија по завршување на случувањата во Украина. Верувам дека војската на Западот се распоредува во овие земји за да не се повтори истата грешка што веќе се случи во Украина.
     
    КОРИБКО: Слободно можам да кажам дека тешко може да се процени дали и кога мирот и стабилноста ќе се вратат во Украина. Ситуацијата во земјата е далеку од мирно решавање на проблемот. Оваа моја констатација ја градам на фактот дека, и покрај вториот договор од Минск, Киев со поддршка на САД и натаму продолжува постојано да провоцира по границата со источните републики на Русија. Ако сака, Вашингтон може да му нареди на Киев да ги запре нападите, но Америка претпочита да се задржат тензијата и насилствата за да може да го оправда зголеменото присуство на НАТО-силите во Украина. Без „руските закани“, како главен виновник Порошенко лесно би можел да се најде во уште поголема опасност од појава на нов „Мајдан“. САД со години се обидуваат да ја дестабилизираат периферијата околу Русија и да ја втурнат земјата во опасност, како што успеаја во намерата со предизвикување на војната во Авганистан во 1979 година. Американците не се грижат за Украина или за украинскиот народ, туку таа територија тие единствено ја гледаат како главна воено-стратегиска граница во својата војна против Русија. Ова нивно влијание предизвика сега Украина да е сосема распадната држава во која безбедносната состојба и нaтаму со сигурност ќе се влошува и во иднина. Доколку Вашингтон прекине да ја води својата специјална војна против Русија, ќе има шанси да се врати мирот во овој регион.

     Дали е точно дека постои нова студена војна и дали повторно влегува во кулминација опасноста од нуклеарното вооружување како по Втората светска војна?
     
    БЕЧЕР: Американската надворешна политика во овој момент разликува опасности што доаѓаат кон САД од четири фронта: ИД/Ал каеда, Русија, Кина и Иран. Сепак, овие закани сами по себе се различни во основата и во димензијата, односно тие се теренски или реални и електронски или во сајбер-просторот. На решавањето на опасностите исто така САД им пристапуваат различно. Со ИД и Ал каеда со сигурност нема да има дијалог и тие ќе мораат воено да бидат уништени. Од друга страна, постои голема надеж сите тензии со Русија и со Кина да се надминат во процес на преговори и на градење меѓусебно разбирање и соработка на сите полиња, со особен акцент на економијата. Последна од редот закани е онаа што доаѓа од Иран и на која во исто време ѝ се наѕира успешно решавање. Позитивниот резултат може да се препознае во обидите на Техеран повторно да ѝ се приклучи на светската заедница, која ја напушти по исламската револуција.
    Во меѓувреме постои заеднички став на мноштво американски аналитичари што велат дека актуелната геополитичка ситуација во која се наоѓа светот во овој момент е идентична со онаа од Студената војна, со единствена разлика дека сега таа се случува со многу позабавено темпо за разлика од не толку дамнешното минато. Јас, за разлика од мноштвото аналитичари, лично не се согласувам со оваа тенденција бидејќи мислам дека безбедноста во светот рапидно се влошува. Вината за овие случувања пред сѐ ја гледам во руската воена експанзија и во тенденцијата на оваа земја за вооружување на воените сили како од времето на 1960-тите години.
     
    КОРИБКО: Иако многумина сметаат дека Студената војна заврши во 1991 година, факт е дека нејзината стратегиска визија остана врежана во главите на американските лидери и нивната поврзана бирократија (ЦИА, Министерството за одбрана и Стејт департментот). Овие актери никогаш не ги прекинаа своите антируски цели иако на сите им беше јасно дека, по распадот на СССР, Москва не можеше повеќе да им се спротивставува. Наместо да ја прекинат својата агресивна политика, тие само ја засилија. НАТО стигна до границите на Русија, а Алијансата го надгледуваше и учествуваше во распадот на Југославија, која послужи како порака до Руската Федерација (која инаку мултиетнички е многу слична на неа и во која постојат разни религии) дека може да е следна на нишан. Ако Русија изминатите години не се одбранеше себеси од чеченските терористи и не успееше да го задржи територијалниот интегритет во северен Кавказ, тогаш на земјата ќе ѝ се случеше истото сценарио како на Југославија, кое практично е најголемиот и најбрз геополитички колапс регистриран во историјата. Двете интервенции во Чеченија од страна на Федерацијата всушност се и првите одлучни чекори кон нагласување на руските суверени интереси, кои донесоа да се врати федералната контрола во целата земја. Москва успеа да се избори за можноста таа да се бори против непријателските процеси што доаѓаа надвор од границите на земјата. Двата спротивни краја на оваа нова студена војна сега веќе не се капитализмот и комунизмот како во минатото, туку се еднополарноста и мултиполарноста на светот. Ако се разбере сето ова, тогаш ќе се појасни причината зошто другите моќни земји, како на пример Кина и Иран, се наоѓаат во конфронтација со САД и зошто Пекинг и Москва веќе имаат стратегиска алијанса со Техеран за зајакнување на мултиполарноста во Евроазија. Што се однесува на заканата од нуклеарното оружје, можам да кажам дека иако САД и Русија ја задржаа својата нуклеарна еднаквост, проблемот со таканаречениот „противракетен штит“, кој е целосно распореден во Источна Европа, Блискиот Исток и Источна Азија, дополнително ја влошува ситуацијата и го зголемува стравот од шансата за нуклеарна војна поради американската униполарна контрола врз односите во светот.

    Што всушност претставува феноменот „енергетска војна“ помеѓу САД и Русија?
     
    БЕЧЕР: САД веруваат дека доколку на Русија ѝ се прекинат можностите да заработува од својата продажба на гас и нафта, оваа земја нема да ги троши своите ресурси во правец на вооружување на своите трупи. Но не верувам дека неодамнешното намалување на цените на нафтата е дел од една поголема стратегија за банкротирање на Русија, бидејќи тоа не е целта на САД, иако многумина експерти во мојата земја ќе се согласат дека американската економија многу полесно, за разлика од руската економија, може да го издржи овој удар даден со падот на цените на нафтата, кој реално е предизвикан пред сѐ од Саудиска Арабија. Во овие моменти сигурен сум дека ниските цени на нафтата ѝ носат загуби на американската индустрија, но тие трајно не ги оштетуваат стратегиските цели на земјата.
     
    КОРИБКО: САД отсекогаш се бореле во светот директно да ги контролираат или индиректно да влијаат врз копнените и морските енергетски маршрути, а нивното воено присуство во Европа, на Блискиот Исток и во Источна Азија, како и поморската надмоќност во светот. Актуелните настани се резултат на економската војна, која е дел од една поширока нова студена војна, во која САД се обидуваат да ја прекинат енергетската поврзаност на Русија со Европа. Поради украинската криза, Русија беше принудена да им даде предност на други енергетски маршрути за да може да ги задоволи зголемените барања на своите партнери. Но и овој чин не мина незабележано од Вашингтон, кој успеа да ја саботира и новата маршрута за руски гас, која беше насловена „Јужен тек“ и која требаше да ја заобиколи Украина. Користејќи ги своите политички инструменти на убедување, Америка ја „притисна“ Владата во Бугарија, која немаше избор освен да го спречи проектот, кој беше многу доходовен за неа. Владата во Москва не се откажа во својата намера и, како одговор на тоа, Русија ги најави изградбата на „Турски тек“ и проширувањето на гасоводот преку Грција, Македонија и Србија, од каде што потоа тој би се споил со претходно планираниот „Јужен тек“ и би бил познат како „Балкански тек“. Во овој нов гасовод Белград беше назначен како стратегиски партнер за регионалните енергетски планови на Русија, од каде што ќе се раководи целиот проект, а во спроведување на рускиот гас во регионот не се помалку важни ниту владите во Атина и во Скопје. Во овие моменти Русија се обидува да ги вклопи во своите планови и Македонија и Грција и да ги придобие на своја страна поради нивните мултиполарни политики, но и поради нивната специфичната геополитичка локација во регионот, која практично е најпогодна за минување на маршрутата на гасоводот. Верувам дека САД ќе направат сѐ што е во нивна моќ за да го спречат проектот.

     Мајк Бечер е редовен професор на Универзитетот во Оклахома, тој е експерт за тероризам и еден од основачите на Си-ен-ен. Освен што сега се занимава со академската дејност, тој сѐ уште е активен дописник и новинар на телевизиската мрежа Еј-би-си. Поради познавањето на областите од меѓународната политика и безбедносниот сектор е чест гостин на телевизиските дебати на националните американски медиуми


    Андреј Корибко е еден од највидните политички аналитичари за „Русија денес“, кој истовремено е и колумнист во московската новинска агенција „Спутник“. Овој руски аналитичар, кој е роден во Охајо, САД, своето образование го почнал во Америка, кое години подоцна го завршил во матичната Русија, на Московскиот државен универзитет, каде што станал експерт во областа за меѓународната политика и меѓудржавните односи. Често е присутен во медиумите во Русија и е едно од најпознатите медиумски лица во неговата земја

     

    Следуваат тешки времиња бидејќи цел Балкан е на крстопат

    Дали е точна флоскулата дека „интересите на САД и Русија се прекршуваат на Балканот“ и кој е вашиот коментар на неодамнешните нарушени безбедносни случувања во регионот?

    БЕЧЕР: Балканските нации уште еднаш во историјата, како многупати досега, се можен терен на кој големите суперсили би можеле да се пресметуваат и да ги изделкаат своите интереси врз голема штета на локалните земји. Во оваа група активни закани кон регионот се оние што доаѓаат од Исламската држава. Балканот секогаш е проблематичен, бидејќи тој има способност многу брзо да рашири непријателство и војна во сите свои краеви, за што лично се имам уверено во 1990-тите, кога работев како воен известувач од војните во Босна и Косово. Мислам дека во овие моменти Македонија се наоѓа себеси на пат, за чија крајна дестинација, полноправна членка на ЕУ и НАТО, земјата напорно работеше сите овие години по независноста од Југославија. Доколку лидерите на Европската Унија во овие моменти се паметни, тие ќе преземат итни чекори да ја сместат земјата под своја закрила и да ја примат во семејството заедно со остатокот од регионот, бидејќи историјата многупати досега покажа дека она што е добро за Балканот е добро и за цела Европа.

    КОРИБКО: Неодамнешните безбедносни случувања во регионот имаат заедничка цел, а таа е повторна дестабилизација на Балканот како во 1990-тите години. Можам да кажам дека ова безбедносно „размрдување“ на балканските е предизвикано во најголема мера од енергетската војна меѓу САД и Русија. Ако се знае сето ова, лесно може да се разбере зошто САД се обидоа да истуркаат обоена револуција во Македонија, за да падне демократски избраната и меѓународно признаена легитимна влада на земјата. На овој начин САД се обидоа на мала врата да ги протуркаат своите интереси во Македонија на начинот на кој тоа претходно го сторија во соседна Бугарија. Во ова сценарио за дестабилизирање на земјата Американците ја искористија картата на албанскиот национализам во регионот и преку неговиот „добар вид тероризам“ да ги истуркаат своите геополитички интереси и планови и да го натераат македонскиот народ да потклекне. Меѓутоа, патриотизмот што е присутен во Македонија успеа да се спротивстави на овие обиди и успеа да ја спречи дестабилизацијата на својата земја. Јас верувам дека САД нема да се откажат тука од својата намера туку тие ќе се обидат своите планови да ги спроведат во соседните земји, а не во Македонија, а како прилог на оваа моја теза влегуваат и неодамнешните настани во Грција, Србија и во Босна.


     

     
       

    Автор: Александар Србиновски / aleksandar.s@novamakedonija.com.mk

    Извор: “Нова Македонија“

     

    Views: 307 | Added by: Вељанко | Rating: 0.0/0
    Total comments: 1
    1 Вељанко  
    0
    најди ја разликата

    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024