Програмата започнува утре во 20 часот со дефиле на сите учесници низ прилепските улици. Натпреварувачкиот дел е од 21 часот, а на Рудина е во сабота од 17.30 часот .
Според професорот д-р Илчо Јованов, претседателот на Собранието, Фестивалот со години ги негува изворните фолклорни традиции во Македонија.
- Фестивалот е многу значаен за земјата оти преку него се негува изворниот македонски фолклор. Тука на овој фестивал може да се научи да се свири на народни инструменти, да се научат изворни песни - вели тој.
Дел од програмата на фестивалот е и петдневениот Семинар за изучување на македонскиот изворен мелос- изворните инструменти и песни, кој трае веќе три дена. На семинарот, кој е единствен од ваков вид, учестуваат преку 20 учесници од Русија, Србија и од Македонија.
Гостите од Русија предводени од професорот Галина Сисоева од државниот универзитет во Вороњеж, изјавија дека се воодушевени од македонскиот мелос, и дека оваа традиција е многу убава.