И официјално: Грција кажа НЕ, Европа закажува итни состаноци (ВИДЕО)
Грција „драматично, неочекувано и сензационално“ ги отфрли условите што ги бараа нејзините кредитори во замена за финансиска помош. Економистите предвидуваат дека сега има 75 отсто шанси земјата да замине од еврозоната. Со повеќе од три четвртини изброени гласови, околу 62 отсто Грци гласале „не“, отворајќи уште едно поглавје во својата долга криза.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас тукушто ѝ се обрати на својата нација. „Денеска“, рече тој, „Грција докажа дека демократијата не може да биде уценувана; Грците направија храбар избор, избор што ќе ја смени дебатата во Европа.“
„Знам дека гласачите не ми дадоа мандат против Европа, туку мандат за одржливо решение“, рече тој.
Тој предупреди дека нема лесни решенија, но „може да се најде праведно решение, ако обете страни го сакаат тоа“.
Иако Ципрас вечерва нагласи дека резултатот на референдумот не значи грчко излегување од еврозоната, огорчените европски лидери навестија дека сега тоа е реална опција.
„Разочаран сум од она што се чини дека е конечен резултат од референдумот“, напиша на Твитер словачкиот министер за финансии Петер Кажимир и додаде дека сега тие „нема да бидат нежни“ и дека обединето ќе одговорат на ситуацијата најскоро што е можно.
Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд по резултатите од референдумот во телефонски разговор вечерва договориле да се одржи итен самит на лидерите на еврозоната во вторник.
Портпаролот на германската влада рекол дека канцеларката и претседателот се согласиле дека резултатите од референдумот мора да се почитуваат.
Европските берзи и еврото веднаш претрпеа критичен пад по денешниот референдум. Аналитичарите велат дека единственото извесно нешто утре е дека еврото ќе падне во однос на доларот. Еврото веќе падна од 1,111 на 1,099 во однос на доларот.
Андонис Самарас, претседател на опозициската централно-десничарска партија Неа демократија, поднесе оставка од функцијата, што уште повеќе ги развесели поборниците на „не“ на денешниот референдум.
Од Самарас била барана оставка откако почнало да се наѕира дека ќе победи опцијата „не“ на референдумот.
https://youtu.be/-qLN2ANp2Q8
http://www.mkd.mk/svet/vesti/i-oficijalno-grcite-rekoa-ne-na-referendumot-grcija-za-chekor-poblisku-do-gregzit-video
Извор: “МКД“
|