Интензивно се истражува палатата во Билазора кај Свети Николе
Тим македонски археолози, предводени од проф. д-р Драги Митревски од Филозофскиот факултет во Скопје, интензивно работат на археолошкиот локалитет Билазора во с. Кнежје близу Свети Николе.
Изминатиов период археолозите работат на доистражување на т.н. владетелска палата од 4 век п.н.е, односно на отворениот двор (атриум) со колонади и уште на неколку нови простории кои се открија годинава.
Како што вели Митревски, станува збор за еден од најзначајните раноантички локалитети во Македонија и единствен од ваков вид во Средна Европа. Истражени се 70 проценти од целата палата, а остатокот допрва ќе се ископува. Тоа што досега е пронајдено се објекти за јавна употреба, трпезарија, влезна дворана, култен простор, а на останатиот неистражен дел се очекува да се откријат станбени простории. Ѕидовите на палатата се украсени со фреско-декорација, а од движните наоди има садова керамика, парчиња од алат, стрели, накит и друго.
Истражувањето на Билазора е капитален проект на Владата на РМ, а во координација на Управата за заштита на културното наследство, се реализра од страна на Филозофскиот факултет од Скопје и од Народниот музеј во Неготино.
На локалитетот Билазора се работи повеќе од триесет години, но сеопфатни систематски истражувања се прават во изминативе години, кои се концентрирани на откривање на просторот на т.н. акропола на локалитетот, известија од Управата за заштита на културното наследство на РМ.
Извор: “МКД“
|