Путин наредил создавање нови резервни оружени сили
Рускиот претседател Владимир Путин наредил создавање нови резервни оружени сили во рамки на чекорите за подобрување на обуката и воената подготвеност во моменти на зголемени меѓународни тензии на Русија со Западот околу кризата во Украина.
За формирањето на новите резервни сили се зборува веќе неколку години, а Путин оваа одлука првпат ја донел во 2012 година, по реизборот за претседателската функција, пренесува Ројтерс.
Новиот декрет на рускиот претседател бил објавен вчера.
Новите сили ќе се разликуваат од постоечките резервни сили бидејќи хонорарниот персонал ќе се исплаќа месечно и ќе има редовна обука.
Русија веќе има неколку милиони воени резервисти, главно составени од поранешни регрути, но тие минуваат многу малку време на обука, бидејќи постојат ограничувања колку често можат да бидат повикани.
Претставници на министерството за одбрана претходно соопштиле дека новите резервни сили се замислени на почетокот да имаат околу 5.000 војници, што е релативно мала бројка за држава која има околу 750.000 војници во првите линии.
Создавањето на новите резервни сили било одложувано поради недостиг од финансиски средства, јавуваат руските медиуми.
Во Путиновиот декрет на владата ѝ се наложува да најде средства за финансирање на новите сили од постоечкиот воен буџет.
Извор: “МКД“
|