СТАРИТЕ ЈУ ВРЕМИЊА НА ПАТУВАЧКА ИЗЛОЖБА
Во Загреб одржаната изложба „Осумдесеттите – слатка декаденција на постмодерната“ есенва ќе гостува и во други градови, се споменува и Скопје
Елена Ангеловска
Во последниве неколку месеци во повеќе градови во регионот интензивно се ширеа разговори за старите добри времиња на поранешните ЈУ-простори. Од перформансот во Титовиот бункер во околината на Мостар, дебатата во Музејот на Револуцијата во Белград, преку претставата „Југославија, мојата земја“ која беше изведена во Драмата на Народниот театар во Љубљана, до изложбата за „осумдесеттите“ години која беше одржана во Загреб. Оваа голема и амбициозна изложба насловена „Осумдесеттите – слатка декаденција на постмодерната“ беше поставена во Хрватското друштво на ликовни уметници од 10 април до 10 мај, а ја видоа повеќе од 7.000 посетители. Како дел од неа е издадена и истоимена книга/каталог во која се објавени текстовите на авторите кои реферираат на самата изложба и на нејзиното поставување, од каде што и започнува селекцијата на материјалите. Нејзин идеен творец беше Бранко Костелник, публицист, куратор и некогашен музичар („Родерик“) кој заедно со Феѓа Вукиќ ја потпишаа концепцијата на изложбата. Самостоен сегмент од неа беше посветен на поп-културата со текст објавен и во книгата. Според професионалната и академската вокација, Вукиќ беше задолжен за дизајнот во осумдесеттите. Другите коавтори и автори на текстовите се: Крешимир Рогина (архитектура), Жељко Кипке (ликовна уметност), Сузана Марјаниќ (перформанс), Дамир Фабијаниќ (фотографија), Јурица Павичиќ (филм), Ивица Буљан (теата ), Јагна Погачник и Крешимир Багиќ (книжевност), Ана Лендвај (мода), Борис Дежуловиќ (спорт), Твртко Јанковина (историски контекст), Дарко Мацан (стрип), Томислав Брлек (рок), Маријана Грбеша, Борис Рашета и Зринка Врабец Мојсеж (масовни медиуми и политика). Есенва треба да бидат дефинирани точните датуми на нејзиното патување. Најпрвин според планот, таа треба да гостува во поголемите хрватски градови: Риека, Осиек, Сплит, а понатаму и во главните градови на поранешна Југославија кои на некој начин директно и индиректно комуницираат со темата на изложбата. Во мај беше споменато Скопје, но и Грац и Берлин.
Изложбата ги опфаќаше сите три големи изложбени простори во домот на Хрватското друштво на ликовни уметници: галериите „Бачва“ и „Прстен“ и галеријата на „Проширени медиуми“. Во приземјето на „Бачва“ се наоѓаше дел посветен на медиумите, како и краткиот хронолошки преглед на осумдесеттите од кои беа презентирани некои значајни настани во културата, уметноста и политиката. Списанија, односно нивни насловни страници („Полет“, „Студентски лист“, „Старт“ и др.) беа прикачени во галеријата, без можност за прелистување. Освен преку списанија, масовните медиуми беа презентирани и низ телевизиски исечоци кои се прикажуваа на платно или на ТВ-екран, преку дел посветен на познатото„Омладинско радио“ , т.е. „101“. На жичена мрежа која следи кружен облик на материјали поставени во 11 табли – по една за секоја година, почнувајќи од 1980 до 1990 година беше претставена информативната временска рамка на изложбата. Најважните културно-политички збиднувања, кои беа истакнати на таблите, на вториот кат од галеријата беа материјализирани во експонати што беа поделени по уметнички дисциплини. Доминираа фотографии кои го документираат духот на осумдесеттите. На класични, речиси старински кутии на телевизори се прикачуваа исечоци од големи, тогаш создавани филмови, како што се: „Ритамот на злосторот на режисерот Зоран Тафиќ“ ( 1981), „Бановиќ Страхиња“ на Ватрослав Мимица (1981), „Кој тоа таму пее“ и „Татко на службен пат“ на Емир Кустурица од 1985 година , кој бил номиниран и за „Оскар“. Перформансите на изложбата беа прикажани преку фотографии и видеопроекции.
Истовремено, во прикажаниот период напредувал и театарот. Претставата „Хрватски Фауст“ на Слободан Шнајдер е праизведена на „Сплитско лето“ во 1982 година, во 1984 година во „Гавела“ била одиграна претставата „Господа Глембаеви“ со Раде Шербеџија. Во 1987 година е основан „Еуроказ“, фестивалот на новиот театар во Загреб, а пак во 1989 година независната театарска група „Монтажстрој“, која дејствува и денес. За архитектурата најмногу придонела одржаната „Универзијада“ во 1987 година. Делот посветен на дизајнот опфаќаше секојдневни предмети, а особено внимание му беше посветено и на стрипот кој во тоа време бил многу популарен. Помеѓу многубројните книги се наоѓаа и дела на Дубравка Угрешиќ, Павао Павичиќ, Весна Крмпотиќ, Анка Жагар и др. Музиката, пак, беше претставена преку корици на плочи на најзначајни бендови и пејачи: „Идоли“, „Прљаво казалиште“, „Леб и сол“, „Екатерина Велика“, „Партибрејкерс“, „Мизар“ ,„Психомодо поп“, Дино Дворник, кои се дел од нив.
За потребите на изложбата во соработка со „Кроација рекордс“ е направено и промотивно ЦД на кое се наоѓаат 21 песна по избор на Бранко Костелник. Во соработка со „Творнице културе“ и „Менартом“ беа одржани концерти на групите „Боа“ и „Мизар“. Последниот дел од изложбата беше посветен на ликовната уметност, а имаше и дел за модата. Според направената селекција на Ана Лендвај, одржани се и трибина и ревија на авангардна мода.
Авторот на изложбата Бранко Костелник потенцираше дека изложбата не е направена од носталгија, дека на неа се работело со „ладна глава“, со вреднување на една декада која за многумина е интересна. Популарноста на осумдесеттите години на минатиот век беше видлива и во популарната серија на Хрватската радио-телевизија „Црно- бели свет“ и во посетеноста и големото медиумско внимание кое изложбата го предизвика. Таа популарност го зачуди и Костелник, но тој сметаше дека иако тајмингот на двата проекта беше интересен, целата приказна сепак е коинциденција.
Извор: “Утрински Весник“
|