Работниците без К-15 и наплата за дополнителен труд, дневница 400, а казна за отсуство 1.500 денари!
Со новата одлука за исплата на К-15, оставено е компаниите сами да одлучат дали ќе исплаќаат или не. Во практика тоа би значело, дека работниците тешко дека ќе можат да се надеваат на тие пари, објави агенцијата Мета.
И покрај тоа што до сега исплатата на К-15 беше задолжителна, компаниите наоѓаа различни „дупки“ како да си ги вратат парите. Ги исплаќаа парите на трансакциска на работниците, па тие им ги враќаа на рака или им кратеа од плата.
Како што пишува агенцијата Мета, сега само можат само да се оправдаат дека немаат доволно приходи или парите ги планираат за инвестиции. Кој ќе ги проверува?
Впечатокот е дека секоја мерка е на штета на работниците, а во корист на работодавачите. Сојузот на синдикати на Македонија, практично „шурува“ со власта и оттука нема кој да застане во одбрана на работничките права.
„За се е виновен Сојузот на синдикати, а Владата го штити и не дозволува да се регистрираат други синдикати. Ние како Конфедерација на слободни синдикати не можеме да се регистрираме, цело време ни наоѓаат некои пречки. Мојот апел до работниците е да не се плашат и да формираат свои синдикати и да не членуваат во ССМ. Нивната бројка таму изнесува од 10 до 30 илјади, а одлуките се однесуваат на 500-600 илјади вработени“, вели Марјан Ристовски од Конфедерација на слободни синдикати.
Од друга страна, постојат безброј примери на кршење на работничките права, а притоа никоја од инспекциите не излегува на терен и не ја утврдува фактичката состојба.
Како пример ќе наведеме дека во една штипска конфекција една дневница на работник чини 400 денари. Ако тој отсуствува, ќе му се одземат 1.500 денари, во кои се вкалкулирани 500 денари дневница (што значи дека дневницата за отсуство е поголема од дневницата за присуство) и 1.000 денари за отсуство. По таа логика, зошто не им се исплаќа 1.000 денари за присуство? Кратат нешто, што практично не го исплаќаат.
Исто така картичките за регистрација на работно време стојат кај работодавците. Тоа значи дека наместо работниците го отчукуваат влезот и излезот, тоа го прават работодавците, за да можат да прават малверзации со бројот на работни часови и да не мора да плаќаат за прекувремена работа.
„Потребно е трудовата инспекција да излезе на терен и да ги утврди условите за работа. Видовме што се случи со две работнички во ’Дрекселмаер’ и во конфекција во Штип“, додава Ристовски за Мета.
Извор: “МКД“
|