ГОРЕШТИНИТЕ ИМ ГО ЗЕМААТ ЗДИВОТ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО „ДРЕКСЛМАЕР“
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ - Германската фабрика за производство на кабли за автомобили „Дрекслмаер“ во Кавадарци работи под полна пареа и со над 5.000 вработени моментално е најголем работодавец во земјава. Но, дел од работниците реагираат на условите во кои работат. Се жалат дека нема доволно вентилација во производствените хали, што им создава големи проблеми, особено во овој летен период.
„Во погоните е неподносливо жешко. Бидејќи во една смена има многу вработени, а вентилацијата е лоша, како да нема доволно воздух. Има клима-уреди, но како да не работат. Навистина не се чувствуваме добро додека сме на работа“, се жалат работниците.
Во една смена има над 1.000 вработени во погоните. Никој не сака јавно да говори за проблемите, но се жалат дека се' потешко ги извршуваат работните задачи поради несоодветните услови за работа. Стравуваат дека поради лошата вентилација и климатизација може да се случи уште еден немил настан, како што беше тој кога почина една работничка од Велес.
„Речиси во секоја смена им се слошува на пет-шест луѓе. Најтешко е кога се предава смената, бидејќи тогаш во погоните има и повеќе од 2.000 работници и не се дише, нема воздух“, велат вработените и ги обвинуваат и нивните тим-лидери дека им вршат притисоци и дека ги навредуваат, и тоа без знаење на германските газди.
Од друга страна, се жалат дека некогаш добиваат и премногу задачи кои ги исцрпуваат и не стигнуваат да ги завршат. Велат дека во текот на осум работни часа имаат само по 20 минути пауза за ручек и два пати уште по пет минути. Раскажуваат дека во фабриката често доаѓаат нови работници, бидејќи многу си заминуваат поради големите обврски, лошите услови за работа и несоодветните плати за работата што ја извршуваат.
Но, од компанијата ги отфрлаат сите шпекулации кои се шират од вработените. Тврдат дека во „Дрекслмаер“ се спроведуваат високи стандарди. „Сите производствени хали се климатизирани и во нив е инсталиран соодветен вентилациски систем. Температурата на воздухот е секогаш во рамки на стандардизирани и пропишани вредности, а системот за разладување е вклучен 24 часа. Поставената опрема е високомодерна и далеку над воспоставените домашни стандарди“, објаснуваат од фабриката.
Од таму тврдат дека досега ниеден вработен не се пожалил на здравствени проблеми поради работните услови, а вработената што почина е единствениот случај, но оти таа починала откако и' се влошила здравствената состојба во болница. Од менаџментот објаснуваат дека вработените знаат дека амбулантата во фабриката им стои на располагање 24 часа, дека има 8 медицински сестри и доктор, а во смена задолжително работат по две медицински лица.
„Доколку некој има потреба да го напушти работното место, има т.н. џокери како замена. ’Џокери‘ се нарекуваат оние вработени кои се обучени да работат на различни работни места и да ги заменуваат своите колеги кога е потребно. Токму поради ова нема никаква причина на еден вработен да не му биде дозволено да го напушти работното место. Нашите вработени се најголемиот капитал во компанијата и грижата за нив е наш најголем приоритет. На направената анкета на вработените во ’Дрекслмаер‘, спроведена на светско ниво во сите фабрики, одговорите на нашите вработени се околу просекот. На прашањето за задоволство од работните услови во ДММ, одговорот е и над просекот“, велат во „Дрекслмаер“.
Негираат дека се врши мобинг над работниците. Појаснуваат дека фабриката постојано инвестира во обуки на тим-лидерите и другите претпоставени и дека има воспоставено соодветен систем, при што вработените се обучуваат како да препознаат мобинг, односно вознемирување на работното место и веднаш да пријават до одговорното лице кое е обврзано да преземе понатамошни мерки. Оттаму додаваат дека за вработените се организираат бесплатни курсеви по германски јазик и други бесплатни тренинзи и обуки, со цел полесно да напредуваат во работата. Работниците добиваат бесплатен топол оброк во прва и втора смена и ланч-пакет во трета. Сите вработени добиваат бесплатен превоз до фабриката и назад, а за оние за кои нема автобуски превоз, им се исплаќа месечен надомест за транспортни трошоци. Во една смена превозот на работниците го извршуваат околу 40 автобуси.
Во оваа фабрика се' уште нема формирано синдикална организација. За правата на работниците се бори Одборот на вработени, тело за кое од компанијата велат дека е значајна алка меѓу менаџментот и вработените.
„Вработените се обраќаат до Одборот, а потоа сите забелешки и предлози се презентираат до раководството кое детално ги разгледува и се обидува да им излезе во пресрет на вработените. Покрај ова, големиот број апликации за вработување кои пристигнуваат се јасен показател дека нашата компанија е посакуван работодавец во регионот“, велат од компанијата и додаваат дека најниската исплатена плата е во просек 20 отсто повисока од законскиот минимум во земјава.
Инаку, по основ на плати и придонеси за вработените, „Дрекслмаер“ месечно исплаќа околу 2 милиони евра.
Извор: “Утрински Весник“
|