НИСКАТА ЦЕНА НА ТРУДОТ СОЗДАДЕ ОЧАЈНИ РАБОТНИЦИ
Од вработените во текстилните фабрики и во странските компании доаѓаат најмногу анонимни повици и јавувања во синдикатите и здруженијата
МАЈА ТОМИЌ
Колку домашни и странски компании во земјава ги почитуваат и применуваат Законот за работни односи и Законот за безбедност и здравје при работа, особено во делот на работните права и услови за работа? Колку работодавците се придржуваат до законски одреденото работно време, дали им ги плаќаат на вработените дополнителните часови, празничната и работата преку викенд? Дали им делат редовно плати и дали се тие ниски или можат да ги задоволат основните егзистенцијални потреби. Поради високите температури, дали просториите се проветрени и климатизирани ...
Многу прашања, на кои не даваат одговори, ниту работодавците, ниту вработените. Сеедно за каква дејност станува збор и дали е тоа домашна или странска компанија. Такво е македонското секојдневие. Па, така, не е позната вистинската слика и конкретните проблеми со кои се соочуваат работниците на своите работни места. Речиси никој од нив не сака да зборува јавно, од страв да не го загуби работното место.
Сепак, во последните години на јавноста и' се познати повеќе случаи на повреди или на смрт на работник на работно место, поради несоодветни услови или недоволна безбедност и заштитеност на просторот. А, јавна тајна е дека просечната плата по работник е само 200 евра. Како што коментираат нашите соговорници, делумно е подобра состојбата во оние фирми каде што има синдикат, бидејќи полесно се доаѓа до информации. Но, таквите компании можат да се избројат на прсти. Во многу фирми е и забрането формирање на синдикат, а на вработените им се даваат договори на определено време, од еден до три месеци, па е и технички неизводливо синдикално организирање.
Поради тоа, за жал, многу анонимни јавувања од страна на работниците секојдневно пристигнуваат и во синдикатите и во разни здруженија од кои се бара некаква помош или интервенција.
Здравко Савески од левичарското здружение „Солидарност“ вели дека најголем број поплаки доаѓаат од вработените во странски компании и во текстилни фирми. „Работниците се плашат јавно да проговорат и сакаат да останат анонимни кога ни се обраќаат и ни ги соопштуваат проблемите. Тоа покажува дека работодавците ги кршат правата од работен однос, дадени во Законот за безбедност и здравје при работа и во Законот за работни односи. Поради лошите, несоодветни услови во работните простории, како што е познато, досега имаше и повреди и смртни случаи и разболување на работници. Нашето Здружение пред еден месец сублимира повеќе случаи и ги испрати во писмена форма до Министерството за труд и социјална политика. Но, до денес немаме никаков одговор“, вели Савевски и додава дека нивните реакции би имале поголем ефект ако се добијат информации од лице место и работниците јавно да проговорат за условите во кои работат.
Ангелко Ангелковски, претседател на Синдикатот на текстилна индустрија при Сојузот на синдикати на Македонија, потврдува дека синдикалната неорганизираност на вработените е голема пречка да се добијат вистинските информации за работните улови во текстилните фабрики, кои ги има многу во земјава и добар дел се странска сопственост.
„Генерално може да се каже дека условите за работа во оваа дејност не се како што би требало да бидат. Се злоупотребува работното време, се работи во смени и по 12 часа, во празници и во недели, во неклиматизирани простории... Онаму каде што имаме свои членови, а тоа е само во 10 отсто од околу 400 текстилни фирми, информирани сме за состојбите, дејствуваме и се обраќаме до Државниот инспекторат за труд за да преземе соодветни мерки“, вели Ангелковски. Тој додава дека трудовите инспектори треба почесто и на сопствена иницијатива да прават контроли во компаниите, а не само на барање на синдикатите или на некои анонимни јавувања. И не само во текстилните фабрики, туку во компании и од други дејности, како и дека казните треба да бидат построги.
Според Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавци поголем дел од компаниите од разни дејности ги почитуваат законските решенија во делот на исплата на минимална плата, условите за работа и заштитата при работа и слично. „Онаму каде што не се почитуваат законските решенија, за тоа не треба да се обвинуваат само работодавците, туку и работниците кои треба да ги бараат своите права преку синдикат или од трудовата инспекција“, вели Бошков.
Од Државниот инспекторат за труд, ДИТ, велат дека вршат редовни контроли во компаниите и дека поголемиот дел од работниците се обраќаат кај нив поради непочитување на одредби од ЗРО, а помалку на Законот за заштита при работа. Тоа значи дека има нередовност во исплатата на платите и непочитување на работното време.
„Се прават редовни контроли и каде што ќе утврдуваме неправилности, реагираме, укажуваме и издаваме решенија на компаниите, во согласност со нашите надлежности“, вели Слаѓана Андоновска, раководител на сектор за безбедност и здравје при работа при ДИТ.
Извор: “Утрински Весник“
|