Тргна коњаницата „Патот на црешовото топче“
Денес по шести пат од манастирот „Свети Јован Бигорски“, во 11 часот тргна коњаницата на „Патот на црешовото топче“, која по четиридневен марш ќе пристигне на Мечкин Камен во Крушево, а ја сочинуваат 11 коњаници од Гостивар, Крушево и од Кочани
Учесниците во коњаницата прво примија благослов од свештенството на манастирот, а потоа се упатија кон Галичник и бачилото Салатаница, каде и ќе ноќеваат. Покрај во бачилото Салтаница, коњаницата ќе ноќева и во селота Кнежино, селото на Јордан Пиперката, Козица, и селото во кое загина Христо Узунов, Цер.
- Денес по шести пат од манастирот Свети Јован Бигорски тргна коњаницата „Патот на Црешовото топче,“ која за Илинден ќе пристигне на Мечкин Камен во Крушево и ќе биде дел од дефилето на прославата на 2 август. Коњаницата својот пат го започна од манастирот во село Јанче, каде од свештенството прими благослов за среќен пат. Во наредните четири дена нашата коњаница ќе ноќева покрај бачилото Салтаница, и во селата Кнежино, Козица и Цер. Коњаниците на сите локации ќе ноќеваат на отворено, без притоа да користи било какви објекти од тврда градба - рече Небојша Јовановски, претседател на здружението Бигорски манастир „Патот на црешовото топче“.
Тој потсети дека годинешниот Илинденски марш е посветен на двајцата гостиварски полицајци Ненад Серафимовски и Горан Илиевски, кои ги загубија животите во мајските немири во Куманово. За да се потсетат на овие херои коњаниците ги посетија и гробовите на Серафимовски во село Зубовце и Илиевски во Гостивар.
Инаку, коњаницата „Патот на црешовото топче“ е иницирана од случувањето во периодот на Илинден 1903, кога во манастирот „Свети Јован Бигорски“ свештениците и нивните помагатели изработувале црешови топчиња, кои по оваа маршрута по која се движи коњаницата, ги испраќале на востаниците во Крушево.
Автор:З.А.
Извор: “Нова Македонија“
|