АНАЛИЗА ШТО СЕ КРИЕ ЗАД ТАЈНИТЕ ТРГОВСКИ ПРЕГОВОРИ МЕЃУ ЕУ И САД (4)
„Нова Македонија“ во неколку продолженија анализира повеќе аспекти од договорот за Трансатлантско трговско и инвестициско партнерство (ТТИП), а со оглед на тоа што нашата земја е кандидатка за членство во ЕУ. Милиони граѓани од ЕУ веќе се освестуваат и потпишуваат петиција против овој договор, бидејќи сметаат дека неговото имплементирање значи враќање во средниот век, период во кој неколкумина „избрани“ решавале за судбината на сите. Што ќе значи договорот за Македонија и за земјите од ЕУ? Дали се отвора можност за приватизација на јавните добра и сервиси? Како ќе реагира нашата земја на договорот? Ова се само некои од прашањата за кои побаравме мислење од реномирани домашни и странски експерти и од надлежни институции, а со цел граѓаните да се запознаат со оваа „глобална зделка“, која се договара далеку од очите на јавноста |
Британија и другите земји-членки на Европската Унија се под голем притисок од северноамериканските бизнис-групи да ги отворат своите граници за увоз на генетички модифицирана храна. Тоа е дел од Трансатлантскиот договор за трговија и инвестирање (ТТИП) меѓу САД и ЕУ, со кој е предвидено да се приватизира сѐ што е јавно добро - образование, храна, вода, здравство...
Со овој документ се бара од европското законодавство да се приспособи на американските стандарди за храна, кои се многу ниски споредени со европските, а ако и Македонија стане членка на ЕУ, новите правила ќе важат и за нас.
Кај нас е забранет увозот на генетички модифицираната храна, како резултат на предупредувањата на експертите дека оваа храна не е доволно испитана за човековото здравје.
Сепак, на пазарот има продукти што во составот содржат ГМО. На пример, во секое благо и чоколадо има соин лецитин или соино брашно, а познато е дека 90 отсто од производството на соја во светот е со ГМО.
Додека преговорите за новиот договор се во тек и се одвиваат зад затворени врати, Европската комисија смирува и цврсто уверува дека ТТИП нема да го промени начинот на кој досега е регулиран законски третманот на ГМО и дека ЕУ има црвени линии за сѐ, па и за овој сегмент.
Двојна заработувачка на компаниите
Проф. д-р Илија Каров, декан на Земјоделскиот факултет во Штип, вели дека европските земји се трудат да забранат влез на прехранбени производи со ГМО-потекло, иако многу компании од САД вршат јако лоби ГМО-храната да се внесе и во Европа. Некои земји, според Каров, како Германија, имаат силна контрола врз увозот на оваа храна. Но во Романија и во Унгарија се дозволува увоз на генетички модифицирана соја, пченка или маслодајна репка, памук.
- Ако ГМО-храната навлезе во Европа, тешко дека Македонија ќе се справи со тоа, зашто тоa се политики што се водат на светско ниво. Ние треба да водиме сметка при увозот, како и да направиме повеќе лаборатории за испитување присуство на ГМО во храната - вели Каров.
Според него, не треба само да се внимава на тоа во земјата да не се внесува ГМО-семенски материјал, туку да се обрне и поголемо внимание на пример и на месото што го увезуваме, дали потекнува од животно што на пример во Бразил било хрането со ГМО-добиточна храна.
- Како држава мора да ги зајакнеме контролите затоа што не знаеме како ќе се одрази тоа врз младите генерации. Инаку, семето што содржи ген внесен во него по вештачки пат е отпорно на сите пестициди и хербициди и носи голем профит - додава професорот.
Нутриционистката Цвета Динева смета дека на зелените пазари низ земјава не се продава ГМО-храна, односно дека зеленчукот и овошјето потекнуваат од природни семиња.
- На моите пациенти им препорачувам да не консумираат амбалажирана храна, особено не грицки и слатки, зашто токму тие се производи што се вештачки направени. Не можам со сигурност да тврдам дека пченката и сојата не содржат модифицирани гени, па затоа препорачувам да се јаде младата „млечна“ пченка, која со сигурност нема ГМО. Нашата држава ќе се справи со ГМО-храната само ако навремено се превенира против тоа - додава Динева.
Европа протежира органска, САД - ГМО-храна
Македонската стручна јавност има поделени мислења за ГМО. Според едни, таа храна ќе го спаси светот од глад, а други предупредуваат дека нејзиното производство може да е заговор против човештвото, изигрување господ, оти ќе предизвика масовна појава на рак, намалување на плодноста, колапс на екосистемот, зголемена смртност на идните генерации.
Професорката Лилјана Колева-Гудева, биотехнолог на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, смета дека не треба да се крева паника.
- Кога станува збор за храна добиена со ГМО, таа синтетизира специфични протеини што малку може да му наштетат на човекот, односно да предизвикаат алергиски реакции. Но тоа може да се случи и со храната од органско потекло. Штетата не е голема, но факт е дека треба да се следат ГМО во храната, каде таа се произведува, што се произведува, да не дојде до спарување, хибридизација со природните видови. Целата работа е во тоа што ова што се прави е еден вид економска војна меѓу Европа и Америка. Европа протежира органско производство, но, од друга страна, не можете да ја нахраните Африка само со храна од органско производство. Јас лично сметам дека секој производ мора да е означен. Сѐ што е органско мора да е означено и сѐ што не е да биде личен избор на потрошувачот дали сака да јаде ваква или таква храна - вели професорката.
Cите ние јадеме ГМО, велат познавачите. Лецитинот го има во секое чоколадо, а 99 отсто од целото производство на соја во светот е ГМО. Речиси секое чоколадо, кекси, мусли, овесни снегулки, сето тоа е ГМО.
- Дури и да се докаже по некое време дека има штета, таа информација ќе се чува во тајност, оти со тие информации располага тој што има монопол врз тие експерименти - смета Огнен Оровчанец, сопственик нa „Агроунија“.
ТТИП е поразителен за здравјето
Лилјана Поповска, пратеничката на партијата на зелените ДОМ, смета дека новиот трговски договор предвидува приватизација на јавниот сектор, сосе природните ресурси и услугите.
- Тоа значи, на пример, дека би имало газди на водата, кои ќе ги диктираат нејзината цена и начин на користење, што ќе биде на штета на корисниците. Да не објаснуваме што би значело немањето јавно здравство или образование за милиони луѓе. Особено сме внимателни за обидот за усогласување на еколошката регулатива ако се знае генерално негативниот став на САД кон намалувањето на јаглероддиоксидот и одржливиот развој, поради што беа блокирани светските протоколи за заштита на животната средина. Би се олеснил и влезот на ГМО-храна во цела Европа, што ќе биде поразително за здравјето на луѓето, но и за биодиверзитетот - вели Поповска.
Има ГМО и во добиточната храна
„Нова Македонија“ веќе објави дека пред две години на Факултетот за земјоделски науки и храна е откриено присуство на ГМО во добиточната храна, увезена од земја-членка на Европската Унија.
Професорката Силвана Манасиевска-Симиќ за нашиот весник рече: „Од испитувањата што ги правевме заедно со студентите на студиската програма ’Квалитет и безбедност на храната во нашата земја’ откривме присуство на ГМО кај добиточната храна што е увезена од земја-членка на ЕУ. Институциите, особено инспекциските служби, треба постојано да прават мониторинг на храната што се увезува или се произведува во нашата држава. Примероците треба да бидат анализирани во референтна лабораторија, а анализите треба да бидат сеопфатни за подобрување на безбедноста на храната и добиточната храна, заради заштита на потрошувачите. Кај нас веќе постои овластена лабораторија за ГМО во која може да бидат направени анализи на примероците од храна и храната за животни“.
Ова е трета светска војна на мала врата
Во последните години расте свесноста кај населението во светот за ГМО. Луѓето се информирани, а во светот веќе се организираа и многу протести против „Монсанто“, најголемиот производител на ГМО во храната.
По социјалните мрежи има групи „Стоп за ГМО“, „Стоп за ГМО во Македонија“ и други, во кои членовите коментираат за штетата што може да ја предизвикаат овие организми. Многумина се загрижени и стравуваат за сопственото и за здравјето на своите деца. Еден од коментарите гласи: „Кроења и калемења не се исто што и мешање патлиџан со бубашваба или ориз со човечки гени“. Друг коментатор пишува: „Луѓето треба да се запознаат со темава и да сфатат дека ова е веќе трета светска војна на мала врата. Кога се работи за храната ќе нема избор, луѓето треба да сфатат дека ако не се освестиме, многу скоро ќе мораме да го јадеме тоа што ќе го има да се купи. Дури и оние што сами ќе одгледуваат зеленчук, овошје и житарки, ќе им се наложува кои семиња да ги садат“, се вели во коментарите на социјалните мрежи. Нашиот весник и понатаму ќе продолжи да ги следи и анализира сите аспекти што може да произлезат од договорот за трансатлантско трговско и инвестициско партнерство (ТТИП), со единствена цел професионално и објективно информирање на јавноста за процесите и промените поврзани со оваа проблематика.
аntonija.p@novamakedonija.com.mk
radmila.z@novamakedonija.com.mk
|
|