Русија: Полицаец намерно се судрил со возило за да спаси автобус полн со деца (ФОТО)
Руски полицаец си го ризикувал животот за да спречи сообраќајна несреќа, во која би биле загрозени животите на десетици деца, јавува РТ.
Херојот Александр Косолапов удрил со патролно возило во автомобил, кој со голема брзина доаѓал од спротивниот правец кон конвој автобуси со деца.
Косолапов во делче од секундата решил да го испречи своето возило кога видел како автомобилот преминува во спротивната лента и му се приближува на конвојот, со кој околу 300 деца се враќале од летниот камп во Абакан во јужен Сибир.
Како што наведуваат руските медиуми, Косолапов ја преживеал несреќата и е префрлен во болница, а неговиот автомобил е „потполно уништен“.
„Поради жестокиот судир патролното возило буквално е претворено во куп метал. Експертите велат дека е чудо што полицаецот е жив“, соопшти полицијата.
Автомобилот, кој од засега непознати причини преминал на другата лента, имал пет патници, меѓу нив и десетгодишно дете, а сите поминале со полесни повреди.
Портпаролот на регионалната полиција Сергеј Кузнецов рече дека Косолапов е свесен, дека заздравува, дека полицијата добила многу писма поради својот херој, како и дека децата од автобусите, доколку дозволат докторите, наскоро ќе му дојдат во посета.
Против возачот на другото возило е поднесена кривична пријава.
Извор: “МКД“
|