Водич за летото – Беи Дао
Лауреатот на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2015 година, Беи Дао, поет од Народна Република Кина, е еден од најистакнатите претставници на т.н. 'загадочна школа‘, која била актуелна во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век како реакција на ограничувачкиот карактер на Културната револуција. Неговата потрага по сопствен поетски израз е во корените на традиционалната кинеска поезија, модернистичката поезија и влијанијата на западната литература, искуства што ги стекнал живеејќи и творејќи подолго време во неколку европски држави и во САД.
небаре исковано во златен лист од невидливи уметници
морето ненадејно влегува во светлината –
во сите правци поаѓаат флоти во потера по ноќта
и носат светилки, ангелски кристали
јата галеби изведуваат мистични пресметки
а резултатот е секогаш една жртва
ветерот го крева своето папсано перје
и на чинот на смртта му дава подлабоко значење
вистински клисури раширени како армоника
ехо што голите љубовници ги прави хистерични
стар замок на брегот
што ја одржува симетријата со својот одраз во морето
Музички варијации
облаците надоаѓаат, во автобусот
еден човек се смешка зад весникот
како бог кој си ја чита Библијата
срцето на возачот реве
по нагорнината и се лизга кон тунелот
меѓу синкопите од улични светилки
навлегувам во заедничкиот сон
и реам над кучешки коски и зглобови
кон повисоки одаи од дострели, се кревам возвишено
Препев: Зоран Анчевски
Извор: “МКД“
|