ВИДЕО - ОМАЖ ЗА ИГОР ИСАКОВСКИ НА „СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈА“
„Брод тргнат кон немерливото“ е насловот на омажот за поетот кој почина минатата година
На „Струшките вечери на поезијата“ вчеравечер на сцената покрај езерото, на истекот на реката Црн Дрим - Галеб беше прикажан видео-омажот „Брод тргнат кон немерливото“, посветен на Игор Исаковски, поетот, преведувач и издавач, кој ненадејно почина на крајот на минатата година. Автор на филмот е Сашо Димоски, а во него учествуваат: Игор Исаковски, новинарот Тони Димков, како и поетите Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски и Елизабета Баковска. Музичка илустрација е на Горан Трајкоски.
„Иако замина на само четириесет и четири години, Игор зад себе остави шеснаесет издадени книги, од кои десет се збирки поезија Тој не беше само плоден автор, неуморен преведувач од англиски, српски, хрватски, босански, тој беше и основач на културната институција и издавачка куќа „Блесок“. Игор беше идејниот творец на електронското списание „Блесок“, едно од најстарите електронски списанија за култура во Европа, преку кое, пионерски и визионерски, ја ширеше македонската култура низ светот, а светската култура ја носеше во Македонија“, посети Димоски.
Извор: “Утрински Весник“
|