ЗА ГЕВГЕЛИСКО ОД ДРУГ АГОЛ. „ГОЛ ЧОВЕК“ НА ПОНИСКИТЕ ПАДИНИ НА КОЖУВ
Во литературата и пишувањата на патописците, „гол човек“ се опишува како ендемично растение што два пати во годината ги менува својата црвеникава боја и кора
Гојко Ефтоски
Во последно време сите информации од гевгелискиот крај се сврзани за стотици мигранти кои ја минуваат грчко-македонската граница на пат во неизвесност - некаде во западноевропските земји. Во нивните земји, немирите и воените дејствија им се постојана закана за безбедноста. Во светот, токму за Гевгелија мигрантите го пренесуваат името на најјужниот град во Македонија.
Меѓутоа, во овој град има многу реткости кои на посетителот му создаваат немир, го принудуваат да се најде на лице место, да го доживее тоа што е својствено само за Гевгелија и нејзината околина. Уште на поечтокот, го споменувам горделивиот Кожув, со неодминливиот локалитет „Смрдлива вода“, со сите атракции што можат да се почувствуваат и доживеат на потегот од Гевгелија до Кожув, или на другата страна – кон Негорци, каде што во лековитите води со векови луѓето оделе да го челичат своето здравје.
Сепак, на намерникот кој ги совладува оние 30-ина километри од Гевгелија кон Кожув, погледот посебно му завршува на едни необични повеќегодишни растенија кои во нашата земја не се среќаваат на друго место. Нашиот домаќин што не' придружуваше – гевгеличанецот Мирче Кочарев застанува со своето возило на кривулестата патека на која асфалтот веќе почнува да се распаѓа. „Ова дрво ние го викаме ’гол човек’. Одовде, до ’Смрдлива вода’ го има и на двете страни од патот. Колку што ми е познато, а тоа го доживувам минувајќи по овој пат, се работи за зимзелено растение. Иако не е иглолисно, лисјата му остануваат преку цела година, имаат јајцевидна форма, а цветовите се распоредени како гроздови“ - раскажува нашиот домаќин.
Во литературата и пишувањата на патописците, во проспектите за „гол човек“ се вели дека се работи за ендемично растение, дека два пати во годината ја менува својата црвеникава боја и кора. На секој што дошол во допир со ова необично и единствено растение, кое се користи само како декорација, недвојбен е впечатокот дека со секој допир имате чувство дека допирате нежна кожа како на човек, поради што и го добило името.
Очигледно, се работи за посебна атракција на овој вид ендемично растение. Покрај едно, најблиско до асфалтот, застануваме „да ја провериме“ љубопитноста дали навистина кората на ова дрво е на него, или „соголено“. Од подалеку, се има впечаток како некој да му ја симнал, го оголил и како растението да останало без кора. Директниот контакт ја потврди приказната на нашите домаќини дека растението е мазно како кожата на човекот. Додека се проверуваме „кај сме и што гледаме и доживуваме“, кон други вакви ендемични чуда крај патот застануваа и други. Не ја пропуштаа можноста да се сликаат, да го овековечат патувањето од Гевгелија кон „Смрдлива вода“ или потаму – кон Кожув.
Совладувајќи ја нагорнината кон Кожув, од неговите пониски предели, погледот кон растенијата „гол човек“ ве води во живописниот кањон на Коњска Река. Тоа што таму ќе се види не може да се опише туку само да се доживее. Реткост што вреди да се посети, зашто овде природата „се истурила“ од убавина. Повторно тврдења на нашите домаќини дека по коритото на Коњска Река и нејзините притоки наводно имало златоносен песок. Пак чудна реткост во Македонија.
Две состојби ве пречекуваат со пристигнувањето на локалитетот „Смрдлива вода“, која е на 850 метри надморска височина (впрочем, Гевгелија е на само 60-ина метри): осетот на мирис станува се' понападен од изворите на водата во стариот објект на десната страна од патот и раскошните викендички „расфрлани“ во кањонот, од кои некои не се ни забележуваат меѓу високите дрвја. Овде среќаваме и повеќе други луѓе, главно гевгеличани, дојдени да се разладат на жешкото време што ја надвиснува Гевгелија – Бранко Продановски, Ристо Шишев, Ѓоко Чавдаров... Секој сака по нешто да додаде, да ја надополни приказната за „Смрдлива вода“ и да го зголеми впечатокот. Од сите кажувања, најблиску до лековитоста на „водата од мирисот на расипано јајце“ е дека овде луѓето поради разни здравствени проблеми, барале и наоѓале лек за своите тегоби.
И пак проверуваме во пишани впечатоци или истражувања. Во некои од нив стои дека според хемискиот состав „водите се хидрокарбонати, минерализирани и слабо кисели. Со пиење се користат за лекување стомачни заболувања, камен во бубрег, поситен камен, песок во мочните патишта, воспаленија“.
Три Чешми
Во стариот објект, во кој наизменично течеа три чешми од кои се „ширеше смрдеата“, еден случаен посетител ни рече дека негов сосед сосема ги излекувал бубрезите. „Имаше човекот големи здравствени проблеми. Слушнал за лековитоста на оваа вода и наизменично доаѓаше на секои два дена. Лекарите му рекле дека има камен во бубрег. На повторната контрола биле зачудени кога и на рендген не нашле ништо. Јас имам проблеми со уринарните канали и за два дена пиење од оваа вода, веќе ми е подобро“, ни зборуваше посетителот.
И самите се уверивме во необичниот вкус на водата што истекуваше. Навистина бевме изненадени и од виденото и од доживеаното. Луѓето околу нас ни тврдеа дека не лечи само бубрези и уринарни канали, туку успешно „топи“ и камења. Оваа необично кисела вода се' повеќе ја употребувале анемични (слабокрвни), луѓе што имаат проблеми со недостиг на железо во крвта. Црвено-жолтата боја наталожена во коритото кај што истекуваат водите ја потврдува нејзината лековитост.
Околу ширината на спротивната страна, неколку приватни објекти, главно викендички, а некаде „во средината“ – фурна во класичен македонски стил. Овде можеби не може секогаш да се најде свеж леб, но по порачка го има. Минијатурни фурнички забележуваме и покрај викендичките. Меѓу нив и ресторанот „Ициц“, секогаш отворен за оние што сакаат да поминат еден дел од денот. Впечатокот во месноста „Смрдлива вода“ го надополнува жуборот на две рекички, би рекле потоци – Цреша и Сливка. И двете тука некаде се соединуваат, сочинувајќи ја Коњска Река. И уште едно „чудо“ на природата во комбинација со човековата фантазија. На една огромна карпа во долината покрај реката, на самиот врв, во средиштето на овој локалитет, има изградено црквичка, како посебна атракција за посетителите, но и како предизвик да се искачите и да ја разгледате. Навистина, необично и примамливо. Овде, во оваа необична привлечна дивина, домаќините не дозволија да заминеме непочестени.
На спротивната страна од Гевгелија, кога се напушта градот кон Скопје, но не задолжително и по автопатот, на три километри е распослана Негорска бања. Оние што пешачат и кон градот и кон Негорци, а се сместени во хотелите на бањата, ќе ви речат дека и до двете населби оддалеченоста е по три километри. Хотелските капацитети се умешно разместени меѓу високите стогодишни дрвја, што го прават престојот уште поудобен. Старите и веќе запуштени објекти низ локалитетот претставуваат неми сведоци за долговечноста и лековитоста на водите од негорски бањи. Но, овие објекти морале да го отстапат местото на поновите, покомфорните. Се разбира, низ тие зеленила на кои има две фудбалски игралишта и многу други терени за разни спортови и рекреација, уште треба да се гради и дотерува. Дотогаш, лековитите води ќе претставуваат вистински повик за посета и престој.
Меѓу посетителите доминираа постари луѓе, со нарушено здравје, но имаше и помлади кои се движеа со ортопедски помагала. Овде има организирана здравствена служба, средени просторни можности за физикална терапија што ја одредува лекар-специјалист на бањата, обучен кадар да ја даде потребната нега. И се' на едно место – под еден покрив, што би се рекло. Хотелските капацитети се движат на околу 300 кревети. Внатре пространа трпезарија, два базена чија вода се одржува во што е можно чиста состојба, надворешен ресторан за други посетители. Се' е добро распоредено и поставено во функција на здравјето на луѓето, но и за друг вид престој. Во агендата за лекување забележуваме дека овде се лекуваат триесетина видови заболувања: ревматични, дегенеративни, кардиоваскуларни, невролошки, гинеколошки, гастроинтестинални, кожни, заболувања на респираторен систем...
Гевгелија треба да се доживее. Тоа што нема море, во летни месеци, го надополнуваат другите природни богатства и реткости. За љубителите на планината плени и Кожув со сета своја убавина.
На заминување сме во Негорци. Населба со околу 3.000 жители. Од видувањето се стекнува впечаток дека ова село е со најмногу и најквалитетни насади од маслинки. Негорци е преполно со јапонски јаболка, смокви, современо земјоделство од кое има најмалку две реколти во годината. Тоа беше нашиот впечаток. Доживотното и виденото во нас создадоа предизвик за нов престој.
Извор: “Утрински Весник“
|