Празнина КОЈА сјае: Македонија Sunday, 2025-01-12, 2:13 AM
Welcome Guest | RSS
Main | | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Calendar
«  September 2015  »
SuMoTuWeThFrSa
  12345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930
Entries archive
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » 2015 » September » 6 » Птиците владеат со Змискиот Остров
    1:47 AM
    Птиците владеат со Змискиот Остров

    Птиците владеат со Змискиот Остров

    Свети Петар е третото име на овој остров, кое го добил по името на црквата што се наоѓа тука. Името Голем Град, пак, укажува на тоа дека некогаш бил населен, а тоа го потврдуваат и археолошките пронајдоци, меѓу кои има и остатоци од куќи, некропола и цистерна од римско време

    Илјадници корморани се населуваат на фојата на источната страна и, поради нив, тука овие зимзелени дрвја се исушени

    #РаскажиНиЗаМакедонија

    ГОЛЕМ ГРАД

    За убавините на нашата земја е пишувано и се истражувани неброено пати, но и покрај тоа има многу места за кои може да се најдат малку или воопшто не може да се најдат податоци. Низа локалитети им се познати само на локалните жители, па дури и не се означени на интернет-мапите. А тоа, секако, е потребно и за домашните и за странските туристи што патуваат низ Македонија.
    Токму ова беше мотивот за иницирањето на проектот „Раскажи ни за Македонија“, кој ќе опфати серија репортажи од локалитети што се недоволно туристички експонирани или, пак, нераскажани приказни за места за кои навидум мислиме дека знаеме сѐ. 

    Камења и змии што ползат дури и преку стапалата, ваква е сликата што ја имаат во глава многумина што само слушале приказни, а никогаш не го посетиле најголемиот преспански остров - Голем Град, чие второ име е токму Змиски Остров. Вистинската слика е поинаква. На нашата неодамнешна посета на овој мал рај видовме само еден скелет и една единствена водна змија - рибарка, во водата, на заминување. И таа избега со исклучителна брзина во истиот момент кога нѐ забележа.

    - Ако сакате да видите змии, треба да го посетите островот напролет, во април. Тогаш им е сезоната за размножување и најактивни се. Но, дури и тогаш, популацијата на змии е многу намалена, биолозите велат за 40 отсто. Езерото не е тоа што беше, намалено е нивото на водата за осум метри, се гледа и по карпите. А водната змија се храни со мала риба, со белвица, значи и храна има помалку - вели Митко Тасевски од селото Коњско, нашиот придружник на ова патување.

    СЕ ОДИ РАНО НАУТРО

    Коњско е последното село од македонска страна пред границата со Албанија. Од Стење е оддалечено помалку од осум километри, но патот е неасфалтиран и кривулест, па не е препорачливо да тргнете со ниска кола. Во придружба на ренџерот Горан Стојановски од паркот на природата Езерани, кој одлично го познава теренот, пред 7.30 часот веќе сме на целта, на брегот на Коњско, каде што нѐ чека чунот на 62-годишниот Митко.

    - На островот се оди рано наутро. Најдоцна до 14-15 часот да си назад на копно. Попладне езерото е непредвидливо, знае ветер, далга да фати. Колку пати се случувало туристи да не слушаат, па да останат заглавени. „Алфи“ и „тигри“ ги спасувале - раскажува тој.
    Голем Град, кој е прогласен за природен резерват, дел од националниот парк Галичица, е најблиску токму до Коњско, на оддалеченост од 4,85 километри. Со чамец се стигнува до него за 25-30 минути. Турите оттука чинат 1.500 денари, а чамецот собира пет патници, не сметајќи го водичот.

    ЦАРСТВО НА КОРМОРАНИ И НА ПЕЛИКАНИ

    Наближуваме кон островот, а Митко повремено забавува, за да можеме да уживаме во импозантната глетка што нѐ пресретнува. Во далечината полека се појавуваат контурите на фојата, ендемично зимзелено дрво, карактеристично за преспанскиот крај. Шуми од фоја ќе најдете само на овој остров, поради специфичната микроклима, а овде-онде понекое дрво низ Галичица и низ преспанските села. Овие што ги гледаме имаат сребрено-бела боја, а врвовите им се зацрнети. Всушност црните точки се илјадници корморани што се гнездат на источната страна на островот.
    - На оваа страна фојата е исушена. Не е изгорена од болест или од човек, туку од кормораните, од нивниот измет. Тие се хранат со риба, а киселината од рибата ги суши дрвјата. Ќе видите, од западната страна фојата е сосема зелена. Кормораните не се гнездат на запад, таму им е постудено - ни објасни Митко и додаде дека од секое гнездо излегуваат по 8 до 10 мали корморанчиња.

    Овие птици доаѓаат некаде во мај, во јуни почнуваат да ги несат јајцата, а до крајот на јуни веќе се пилат. Ги има и зиме, но значително помалку, зашто бегаат на потопло, кон Грција. 
    - Кормораните нуркаат и им ги носат рибите на пеликаните, а овие само ги фаќаат - вели Митко.
    Пеликаните, пак, се гнездат во Грција, но доаѓаат тука. Кон крајот на август веќе почнуваат да заминуваат. Кадроглавиот или далматински пеликан е загрозен вид, а дури 70 отсто од светската популација доаѓа на Преспанско Езеро. Освен овие, може да се видат и сива и бела чапја.



    ЧОВЕКОТ Е 
    НАЈГОЛЕМИОТ ЅВЕР


    Некогаш островот имал три пристапи, од различни страни, кои ги користеле во зависност од тоа од каде дувал ветерот. Пристаниште имало само на пристапот Свети Петар, но денес го нема, потопено е. Другите два пристапа, Влаија и Гојдарица, се сосема затревени и во моментов не може да се користат.
    - Кај што некогаш биле плажи, сега се капини - коментира нашиот соговорник.

    Тој до пред неколку години работел како чувар на островот. Освен тоа, ги возел и ги придружувал научниците што доаѓале да истражуваат - биолози, археолози... Биолозите доаѓаат двапати годишно, по една недела, а археолозите годинава не дошле.

    - Од 1958 година имало чувари тука. Кај нас тоа беше традиција, дедо ми беше чувар, па татко ми, па јас. До 2011 година беа последните, потоа наводно немало средства, немало потреба и нема чувар. Ќе видите, таблите се оштетени, на фреските во црквата се потпишувале, а убаво си има тетратки за таа работа. Човекот е најголемиот ѕвер на островот. Треба да има чувар, друго е. Знаете како викаат, падарот не го чува лозјето, стравот го чува. Ако има падар, ќе си мислиш дека ќе те фати, ќе те види - вели Митко.

    ПОРАНО БИЛ НАСЕЛЕН

    Тој го исклучува моторот и со веслата нѐ доближува до брегот на пристапот Свети Петар. Во бистрата вода се гледаат остатоци од старото пристаниште. Свети Петар е третото име на овој остров, кое го добил по името на црквата што се наоѓа тука. Името Голем Град, пак, укажува на тоа дека некогаш бил населен, а тоа го потврдуваат и археолошките пронајдоци, меѓу кои има и остатоци од куќи, некропола и цистерна од римско време.
    - Овие камења некогаш биле скали. Ги направиле монасите што живееле тука. Последниот, Калист од Србија, заминал во 1936 година. Веднаш покрај црквата е монашкиот конак, но ако не знаете дека е таму, нема да го најдете, зашто е обраснат - раскажува Митко.

    Црквата „Свети Петар“ е вистинска реткост, поради тоа што има фреска на надворешниот ѕид. Изградена е во 14 век, но на темели од ранохристијанска базилика. Богослужби има обично за Петровден. Ја грдат само потписите на несовесни посетители. Митко е во право, нема поголем ѕвер од човекот. 
    - Заради безбедност, треба да се движиме по обележената патека, иако и таа е доста покриена со вегетација. На некои места има и паднати дрвја - нѐ потсетува Митко додека пешачиме меѓу фоите.

    Немаме таква намера, но самото наше присуство им го нарушува мирот на жителите на островот. 
    Кормораните нѐ облетуваат бегајќи од дрвјата штом ќе наближиме до нив.
    - Цистерната од римскиот период има отвори за да збира дождовница. Има и корита за капење. Подоцна, во 12-14 век, овие остатоци биле искористени за црква - вели нашиот водич. 
    Меѓу интересните пронајдоци е подниот мозаик во ранохристијанската базилика, како и просториите што се јасно видливи речиси во сите остатоци од објекти.

    Час и половина се доволни за да се обиколи островот и да се видат откриените артефакти, но премалку за да се впие раскошот што природата штедро го истурила. Сепак, ја завршуваме обиколката и се враќаме кон чунот на кој се вее македонско знаменце.
    - Мора да се знае под чие знаме пловиш - вели Митко.
    Чамецот ја пара тишината. Езерото им останува на птиците. Нам - мирот во душата. 
     

       
     Басен на Преспанско Езеро


     


    Над Сливница се гледаат трите преспански острови

    Само од едно место, над селото Сливница, на спротивниот крај од езерото, се распостила неверојатна глетка и како на дланка може да се видат сите три преспански острови - нашиот Голем Град, Мал Град (Свети Павле) во Албанија и Свети Ахил (Аилиј) во Грција. 
    За жал, тура со која би се посетиле сите три во моментов не е толку едноставна за изведување. Иако Мал Град не е далеку од Змискиот Остров, езерска тура не е можна, бидејќи не е регулиран водниот сообраќај на меѓудржавно рамниште. За да го посетите, пак, Аилиј, до кој од копното е изграден и мост, ќе треба да одите преку граничниот премин Меџитлија, бидејќи преминот Маркова нога, кој е покрај самото езеро, не е функционален.

    - Од наша страна сѐ е подготвено, а имало и иницијатива. Од грчка страна нема асфалт во последните пет километри. Уште и волја треба - вели ренџерот Горан Стојановски.
    Тој додава дека двете езера последен пат биле споени во 1960-тите години, кога водостојот бил повисок.


    Манастирот „Свети пророк Илија“

    На враќање од Голем Град посетете го манастирот „Свети пророк Илија“, оддалечен два километри од селото Коњско, или шест од Стење. Од патот се одвојува друг пат, планински и стрмен. Автомобилот ќе треба да го оставите некаде на почетокот на тој пат и пеш да се спуштите до манастирот.
    - Она што е „Канео“ за Охрид, тоа е „Свети пророк Илија“ за Преспа. Нема поубаво место - вели Горан Стојановски.
    И навистина, овде времето како да запрело и сѐ што постои е прекрасното синило на езерото во кое се огледуваат облаците. Се претпоставува дека малата црква, покрај која се наоѓа обновен конак, е изградена во 1870 година, а обновена е во 1922 година. Веднаш под манастирот, пак, се простира една од најубавите плажи на Преспанско Езеро, Лиса, која порано била нудистичка.


    Некогаш бил поврзан со копното

    Меѓу жителите на островот е и популација на желки. Интересно е тоа што Змискиот Остров го населуваат и зајаци, за кои нема сигурен податок како дошле таму. Се претпоставува дека некогаш островот бил поврзан со копното. Што се однесува на змиите, освен рибарката, тука живее и водната змија белоушка, како и отровницата поскок. Порано се правени обиди за уништување на змиите со ежови и мунгоси, што е една од причините за сериозното нарушување на биодиверзитетот.

    https://youtu.be/Pl6bpCYSEUk

    http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=94151633367&id=49&prilog=0&setIzdanie=23559

    Извор: “Нова Македонија“

    Views: 336 | Added by: Вељанко | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2025