Ројтерс: Руските војници се вклучија во борбите во Сирија (ВИДЕО)
Руските сили почнаа да учествуваат во воените операции во Сирија во знак на поддршка на владините трупи, рекле вчера три либански извори запознаени со тамошната политичка и воена ситуација.
Анонимните извори за Ројтерс ги дале досега најточните информации од регионот, а „САД стравуваат оти е продлабочена руската воена улога во граѓанската војна во Сирија“, иако еден од либанските извори рекол дека бројот на Русите што се борат во Сирија засега е мал.
Американски официјални лица рекле дека Русија во изминатите денови испратила два брода-носачи на тенкови и дополнителни товарни авиони во Сирија и дека распоредила мал број поморски пешадиски сили.
Американските извори, кои исто така се анонимни, рекле дека намерата на руските воени потези во Сирија е нејасна. Еден од нив претпоставил дека Русија е фокусирана на подготвување писта за слетување и полетување во близина на пристанишниот град Латакија, упориште на сирискиот претседател Башар ал-Асад, и дека не се отфрла можноста Русија да сака да ја користи пистата за воздушни борбени мисии.
https://youtu.be/ORRL7oM-sKY
Американскиот државен секретар Џон Кери разговараше со својот руски колега втор пат за четири дена, изразувајќи загриженост поради информациите за руски воени дејства во Сирија, предупредувајќи дека тоа би можело да предизвика поголемо насилство.
Белата куќа соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата.
Русија вели дека сириската влада мора да биде вклучена во заедничката глобална борба против Исламска држава, исламистичката група што зазеде големи делови од Сирија и Ирак. За Соединетите Американски Држави и за регионалните непријатели на Асад - тој е дел од проблемот.
„Ќе го поздравиме конструктивниот руски придонес во напорите за борба против ИСИС, но јасно кажавме дека би било неразумно која било страна, вклучувајќи ги и Русите, да му дава каква било поддршка на режимот на Асад“, изјави портпаролот на Белата куќа, Ерик Шулц.
Сириските трупи се повлекуваат
Силите на Асад се соочија со големи неуспеси на бојното поле во четиригодишната повеќестрана граѓанска војна, во која загинаа 250.000 луѓе, а половина од сириските 23 милиони жители избегаа од своите домови.
Сириските војници минатата среда се повлекоа од една голема воздушна база, а групите за мониторинг рекоа дека ова значи дека владините војници веќе воопшто не се присутни во провинцијата Идлиб, врз чиј поголем дел владата ја загуби контролата претходно годинава.
Москва потврди дека има „експерти“ во Сирија, нејзиниот долгогодишен сојузник на Блискиот Исток.
https://youtu.be/0Ldy0cdlhrY
Но Русија одби да коментира за степенот и опсегот на своето воено присуство, вели Ројтерс. Дамаск негира дека Русите учествуваат во борбите, но еден сириски официјален претставник изјави дека присуството на експертите се зголемило во текот на минатата година.
Министерот за надворешни работи на Германија ја предупреди Русија да не ја проширува својата воената интервенција, велејќи дека нуклеарниот договор со Иран и новите иницијативи на ОН нудат почетна точка за политичко решение на конфликтот.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека информациите за руската воена активност во Сирија се причина за загриженост, додека Франција рече дека тоа го усложнува пронаоѓањето политичко решение за кризата.
Два од либанските извори велат дека Русите формирале два бази во Сирија, една во близина на брегот и една во внатрешноста, кои ќе бидат бази за операции.
„Русите веќе не се само советници“, рекол еден од изворите. „Русите одлучиле да се приклучат во војната против тероризмот“.
Руската поморска база
Единствената поморска база на Москва во Медитеранот е во Тартус на сирискиот брег, на територијата контролирана од Асад, и нејзиното одржување ќе биде важна стратегиска цел за Кремљ.
Либанските извори велат дека досега руската воена улога сè уште е мала: „Тие почнаа во мал број, но сè уште не учествува поголема сила... Има руски војници што се борат во Сирија, но сè уште не се силно вклучени во борбата против тероризмот.“
Еден сириски официјален претставник, пак, изјави: „Руските експерти секогаш се присутни, но од минатата година тие се присутни на повисок степен.“
Американски извори велат дека во последните неколку дена Русија веројатно го зајакнува своето присуство за да му помогне на Асад.
Вашингтон врши притисок врз околните земји да не им дозволуваат на Русите да ги прелетуваат нивните воздушни простори, потег што Москва во средата го осуди како „меѓународна непристојност“.
Дел од дипломатската расправија е фокусиран на користењето на воздушниот простор за летови, за кои Москва вели дека носат хуманитарна помош, но американски претставници велат дека може да носат воена опрема. Анонимни американски службеници за Ројтерс во средата рекле дека повеќе руски авиони го прелетале воздушниот простор на Иран и Ирак за да стигнат до Сирија.
Руските прелети
Стејт департментот соопшти дека руското користење на иранскиот воздушен простор не изненадува, со оглед на минатата поддршка на Техеран за Асад.
Портпаролот Џон Кирби рече дека САД ги советувале „партнерите и нашите пријатели да им поставуваат на Русите строги прашања“ во врска со прелетувањата.
За да го избегне прелетот над Турција, која е еден од главните непријатели на Асад, Русија бара дозволи за прелет над балканските држави, кои Вашингтон пак ги повика да не ѝ го дозволат тоа.
Во вторникот Бугарија го одби руското барање да го користи нејзиниот воздушен простор повикувајќи се на проблеми со товарот.
https://youtu.be/RjWQ9JvM6Ww
Таа вчера рече дека ќе им дозволи на Русите да носат набавки во Сирија преку нејзиниот воздушен простор само ако Москва се согласи нејзиниот товар да се проверува на бугарските аеродроми.
Турција официјално нема воведено забрана за руски летови кон Сирија, но рече дека ги разгледува сите барања случај по случај.
Досега во војната, Иран и неговиот либански сојузник Хезболах се главните извори на воена поддршка на Асад.
Извор: “МКД“
|