Асад: Сирија со своите сојузници ќе го порази тероризмот
Сирискиот претседател Башар ал-Асад уверува дека Сирија, Русија, Ирак и Иран, кои минатата седмица во Багдад формираа заеднички центар за размена на разузнавачки информации за Исламската држава, се обединети во борбата против тероризмот и дека ќе го поразат, предупредувајќи дека нивниот неуспех ќе има разурнувачки ефект за целиот Блиски исток.
„Овие четири земји ќе постигнат резултати, за разлика од коалицијата што ја предводат САД во време на чие едногодишни воздушни удари против милитантите од Исламската држава во Сирија и Ирак дојде до ширење на насилствата“, изјави сирискиот претседател Башар ал-Асад во интервјуто за иранската државна телевизија, пренесува сириската државана агенција SANA.
Сирија и нејзините сојузници мора да успеат „или ќе бидеме соочени со разорување на целиот регион“, додаде Асад.
Тој ги повика западните земји да се приклучат на неговата коалиција. „Доколку државите се приклучат на сериозен и искрен начин во борбата против терористите, ако со ништо други барем да престанат да ги поддржуваат, многу брзо ќе дојдеме до резултатите“, додава сирискиот претседател.
Тајмингот на операциите на руското воено воздухопловство против џихадистите на сириска територија, според Асад ќе зависи од развојот на ситуацијата.
„Временска рамка не е поставена. Тоа зависи од развојот на настаните. Неодамна беше изготвен планот за соработка меѓу сириските и руските офицери, кога започна подготовката за приемот на руските сили во Сирија“, рече сирискиот претседател.
И во ова интервју Асад остана истраен на ставот дека само Сиријците може да одлучуваат за промените на политичкиот систем во земјата или за нејзините челници. „Расправите за политичкиот систем во Сирија е внатрешна работа на Сирија“, рече Асад во што е поддржуван од неговите стратешки партнери Русија и Иран.
Западните и регионални противници на Асад, пак, сметаат дека секое политичко решени за граѓанската војна во Сирија мора да го вклучува неговото заминување од политичкиот живот, иако некои западни земји, во прв ред Германија и Франција ги ублажија ставовите велејќи дека тој би можел да остане на власта во транзицискиот период.
На барање од новинарот да ги коментира овие изјави, Асад истакна дека „повеќепати и јасно кажав дека ниеден странец не може да се смета одговорен за иднината на Сирија, и за нејзиниот иден политички систем. Само сирискиот народ има право да ги искажува своите ставови за овие прашања, така што овие коментари кои доаѓаат од Западот немаат вредност за нас“.
„Сирискиот народ веќе плати превисока цена, за да може да се согласи со тоа Сирија да ја загуби независноста, исполнувајќи ги политичките волји на странски држави“, порача Асад
Според него, промената во ставовите на Запад потекнува откако Европа започна да се соочува со тероризмот и незапаметениот прилив на бегалци од Блискиот исток.
Асад истакна и дека сегашните сириски челници немаат доверба во САД „имајќи ја предвид политиката што ја водат Соединетите држави и нивните сојузници на Блискиот исток“.,
Во текот на интервју сирискиот претседател Башар ал-Асад ги изнесе податоците дека неговата земја во последните речиси пет години, откако трае тамошната граѓанска војна, претрпела штети во инфраструктурата која се процени на повеќе од 200 милијарди американски долари. Според Обединетите нации, во овој период загинале околу 250.000 луѓе, а околу седум милиони се внатрешно раселени или ја напуштиле земјата.
Извор: “Макфакс“
|