„Спонтано дојде иницијативата за изложбата, низ разговор меѓу неколку луѓе. Потоа бројот на уметниците што сакаат да се претстават се зголеми. Кинотека ни дозволи во нејзината галерија да ги изложиме делата“, објасни сликарката Јана Куновска, која презема голем дел од организацијата на изложбата.
Отворањето на изложбата на 27 февруари помина во неформална и пријателска атмосфера. Голем дел од учесниците на изложбата се колеги и пријатели уште од факултетските денови. „Официјалниот“ дел од отворањето содржеше песна од Чарлс Буковски, која ја прочита Верица Димеска, поетот Јовица Ивановски, во својство на пријател на ликовните уметници, прочита неколку свои најнови песни, додека гостинката на изложбата, Даница Митиќ, рече дека ликовната уметност е како вирус кој треба да се шири во градскиот културен живот и потенцира дека вирусот на ликовната уметност секој може слободно да си го однесе и дома.
Со свои дела на изложбата „Free Style“ се претставија ликовните уметници Јана Куновска, Верица Димеска, Мирослав Масин, Касиопеја Наумоска, Денис Тенев, Мирослав Стојановиќ-Шуки, Сашо Барјактаров, Биба Кајевиќ, Валентин Димановски, Лидија Цаковиќ-Мојсовска, Марија Џаковиќ, Сергеј Дамовски, Џабир Дерала, Даница Митиќ, Емил Шулајковски, Соња Куновска-Мирковска и Дороти Пацкова.
„Интересна работа е што се поклопија некои моменти во самите делата што се изложени. Сосема случајно превладуваат црната, црвената и белата боја, независно од концептот што го имаат уметниците. Таа случајност дава добра приказна на целата идеја што ја реализиравме без некој претходен договор, туку се случи спонтано. Успехот на оваа ни дава мотив да размислуваме за следна изложба, која ќе биде на тема љубов“, рече уметникот Сергеј Дамовски.
Со самоорганизација на изложбите, практично, ликовните автори го прескокнуваат моментот на барање средства од државните институции или грантови од странските амбасади.
„Убаво е што ова е прва изложба за која се самоорганизиравме на овој начин, и што не се ’фрлија првите мачиња во вода‘, туку има спонтано добар концепт во сето тоа“, потенцира Дамовски.
Во галеријата на Кинотека на Македонија изложбата ќе може да се посети до 7 март оваа година.
Тони Димков
Извор: “МКД“