Политичките сили да се откажат од насилство и од провоцирање на тензиите
Дејан Србиновски
Дејан Србинобски: Во изминативе неколку години Русија во повеќе наврати официјално изразуваше загриженост поради состојбите во Македонија, затоа коментарот на МНР на Русија од 14 април годинава по повод најновото заострување на политичката криза во нашата земја изгледа сосема логично. Кажете Ве молам што конкретно го поттикна руското МНР толку сериозно да реагириа на настаните во Македонија?
Олег Шчербак: Русија е неделив дел на “големата Европа” и ние сме природно заинтересирани за зацврстување на мирот и безбедноста на Балканот, вклучително и во Македонија. Секој обид за дестабилизирање на состојбите во вашата земја, како и во другите држави во регионот каде што и онака се собрани многу сложени, па дури и “експлозивни” проблеми на етничка, верска и други основи, е многу опасен и може да доведе до неконтролирана ескалација на тензиите што секако основано нè загрижува. Важно е исто така да имаме предвид дека Русија е постојан член на Советот за безбедност на ОН и во оваа функција има особена одговорност за одржувањето на мирот и безбедноста во светот.
Дејан Србинобски: Некои аналитичари посочуваат дека од текстот на коментарот на МНР наводно следува дека Русија ја поддржа актуелната владеачка гарнитура и на тој начин зазема страна во внатрешен македонски конфликт. Каков би бил Ваш коментар за таквите тврдења?
Олег Шчербак: Најголемиот интерес на нашата земја во Македонија, кој не го криеме, е зачувување на мирот, стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија, нејзин успешен развој во интерес на сите граѓани. Русија е отворена за најтесна соработка со сите партии и политички лидери кои ги споделуваат овие цели. Нашата соработка со Република Македонија ја градиме како со земја, со народ, ако сакате. Таквите пријателски односи кои не зависат од конјунктурата, тие имаат стратегиски долгорочен карактер. Погрешно е да се смета дека Русија поддржува тука некоја политичка сила. Таквите тврдења не се ништо повеќе од шпекулации. Во реалноста, пак, во нашите односи со Република Македонија ние цврсто се држиме до принципот на заемно почитување и рамноправност што априори значи почитување на законите на вашата земја, на дејствата и одлуките на нејзиното раководство и законски власти. Да се потсетиме дека резултатите на претходните избори од 2014 година според кои беа формирани законодавната и извршната власт во Република Македонија беа признаени, со мали забелешки, од многубројни меѓународни набљудувачи, меѓу кои беа и западни претставници. Во Русија имаат големи симпатии кон народот на Македонија, искрено му посакуваат мир и просперитет. Токму затоа ги повикуваме сите политички сили да се откажат од насилство и од провоцирање на тензиите, на конструктивен и одговорен дијалог за пронаоѓање решение на кризата во рамките на постојната уставно-правна рамка на Македонија. Долг на сите политичари е да ги негуваат својата земја и свој народ. Не е дозволиво да се преземаат чекори што ја рушаат државата, предизвикуваат антагонизам и поделеност во општеството. За Македонија, со нејзината сложена социјална и етничка структура, тоа е особено опасно.
Дејан Србинобски: Една од клучните тези во коментарот на руското МНР е недозволивост на користење на украинското сценарио во Македонија. На што конкретно се мисли во овој случај во контекстот на Македонија?
Олег Шчербак: Да се потсетиме што сѐ се случуваше во Украина во февруари 2014 година. Радикалните политически сили со силна надворешна поддршка, манипулирајќи со расположение на граѓаните за протести, грубо ги прегазија уставот на земјата и нејзините закони и тргнаа по патот на т.н. “улична демократија” со цел насилно уривање на легитимната, законоски избрана власт. Оригиналните (и мораме да признаеме праведни) барања за почитување на граѓанските права, борба против корупција, гарантирање на владеење на правото, на слободата на медиумите, под влијание на геополитичката конјунктура и екстремистичкото крило на опозицијата брзо беа заменети со слогани за победа “по секоја цена”, со курс кон конфронтирање со власта, нејзините поддржувачи, безбедносните органи. Беа лансирани “валкани” информативни технологии, употребени методи на бојкот и уцени, терор, провокации, закани со воведување надворешни санкции против актуелните власти, отворено заплашување и вршење притисок врз неистомисленици. Русија во повеќе наврати ги предупредуваше западните партнери за ваков опасен развој на настаните и деструктивни последици на нивното мешање во внатрешните работи на Украина, повикуваше на спречување на ескалација на ситуацијата, спречување противзаконски акции на политичките радикали што беа контролирани од страна на Запад. За жал, нашите западни партнери ги игнорираа овие предупредувања, што уште повеќе ги поттикна екстремистите на уште побескомпромисни и агресивни дејства. Како заврши сето тоа сите добро знаеме. Таканаречената “револуција на достоинството”, спроведена под мотото за борба за европските вредности, всушност доведе богата земја со 40-милионско население до целосен економски и финансиски банкрот, граѓанска војна со многу илјади жртви. Наместо ветените слободи општеството се најде во ситуација на голема немаштија, комплетно владеење на корупцијата, правен хаос, а некогаш единствен народ беше поделен во два непријателски табора. Под знак прашакник беше доведена и државноста на Украина: во суштината земјата го изгуби суверенитетот и се управува “рачно” од Вашингтон и Брисел. Сметам дека заклучокот за тоа колку во сегашните настани во Македонија се гледаат елементи на “украинското сценарио” треба да го направаат самите македонски граѓани.
Дејан Србинобски: Во коментарот на руското МНР, меѓу другото се спомнува за сериозно инволвирање на надворешен фактор во нормализирање на внатрешно-политичката ситуација во Македонија. Што мислите за толку активен ангажман на западните партнери во решавањето на кризата во нашата земја?
Олег Шчербак: Немаме никакво предубедување. Констатираме дека нашите западни колеги, имено од ЕУ и САД, се активно инволвирани во внатрешнополитичките процеси во вашата земја. Се разбира, Македонија како суверена држава има право сама да си избира партнери за решавање на своите проблеми. Меѓутоа во даденава ситуација сметаме дека е многу битно, странските посредници, дури ако се поканети да ја играат таа улога, да не излегуваат надвор од правилата на цивилизираната меѓународна комуникација, својата функција да ја вршат чесно, без двојни стандарди и во никој случај да не се обидуваат да дејствуваат во име на целата меѓународна заедница. Јасно е дека нивната задача е многу конкретна, односно да помогнат за постигнување договор, но не и да им наметнуваат на политичките субјекти во Македонија свои сопствени одлуки по кои било прашања. Токму во тоа треба да бидат нивната функција и нивната одговорност како посредници. Но, на крајот на краиштата правото на решавање судбоносни прашања за Македонија им припаѓа само на македонскиот народ и на неговите законски претставници. Обиди за вршење надворешен притисок, меѓу другото, преку отворено манупилирање со граѓанското движење можат да предизвикаат катастрофални, непридвидливи последици, како што тоа повеќепати веќе се има случено во други земји, вклучувајќи ја и трагедијата во Украина, за која денес веќе говоревме. Не смее да се заборави дека немешањето во внатрешните работи на суверените држави е еден од најзначајните принципи на современото меѓународно право, негово прекршување е неприфатливо и деструктивно. Во таа смисла Македонија не смее да биде исклучок.
Дејан Србинобски: Кое решение според Вас најмногу би одговарало на зацврстување на мирот и стабилноста во Македонија, на завршување на долгата криза в нашата земја?
Олег Шчербак: Македонија во својата историја повеќе пати се имаше соочено со тешки, понекогаш дури драматични искушенија, но секогаш достоинствено ги надминуваше. Не се сомневам дека така ќе биде и сега. Решението мора да биде на самите граѓани на Република Македонија, во рамките на Уставот, законите и на правниот систем на нивната земја, и уште еднаш сакам да истакнам – без било какво мешање однадвор. Најважно е тоа решение да биде најдено по мирен пат, во рамките на демократските институти и процедури. Како единствен легитимен излез од настанатата ситуација гледаме што поскоро одржување на парламентарни избори, во кои треба да учествуваат сите граѓани и политички сили што ја чувствуваат одговорноста за својата земја. Да се биде одговорен политичар и вистински демократ значи, пред сѐ, да се почитуваат граѓаните, нивната волја. Само на тој начин политичарите можат не на зборови, туку на дело да ја покажат својата одговорност пред народот, пред своите потомци, но и пред многуте поколенија на предци што со столетија го негувале вековниот сонот за сопствена македонска држава. Убеден сум дека токму оваа одговорност ќе им овозможи на граѓаните да направат вистински избор.
Дејан Србинобски: Се случило ли во Русија некои политичари кои извршиле тешки кривични дела, потоа да бидат аболицирани?
Олег Шчербак: Да, слични, иако не идентични случаи на помилување имавме и во Русија. Само за пример, во 1994 година нашиот парламент ги амнестираше сите обвинети за обид за државен удар во 1991 и 1993 година. Амнестијата одигра исклучиво позитивна улога за надминување на конфронтацијата во општеството, за обновување на граѓански мир во нашата земја, која тогаш поминуваше низ едно од најтешките искушенија во историјата. Патем, да спомнеме дека слично дејствуваше и првиот “црн” претседател на Јужна Африка, нобеловецот Нелсон Мандела кој во 1994 година донесе одлука за прекинување на судското гонење на илјадници учесници на граѓанската војна, што овозможи да се стабилизира ситуацијата во таа земја, да се спроведува политика на национално помирување.
|