РУСКИОТ АМБАСАДОР ВО МАКЕДОНИЈА: Новите војни почнуваат кога ќе се изгуби сеќавањето за ужасите од претходната!
Во Кинотеката на Македонија, на 12 мај, се одржа проекцијата на филмот „Ослободување“ (СССР, 1970) во режија на Јуриј Озеров, епски филм за Втората светска војна. Проекцијата беше организирана од страна на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија и Кинотеката на Македонија, додека на присутните со воведен збор им се обратија Амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија Н.Е. Олег Шчербак и директорот на Кинотеката на Македонија, г-дин Бошко Грујоски.
Околу сто гледачи беа присутни на проекцијата и имаа уникатна можност да го гледаат првиот дел на циклусот „Ослободување“ („Огнена земја“), прв пат со македонски превод. Во тој дел на филмот се раскажува за најграндиозната тенковска битка во историјата – Курската битка.
„Филмот ’Ослободување‘ на режисерот Јуриј Озеров се состои од четири дела посветени на решавачки битки на советско-германскиот фронт во периодот од 1943 до 1945 година. Тие битки доведоа до уништување на хитлеровата воена машинерија, која ја освои целата Европа, и до безусловна капитулација на нацистичката Германија“, рече во својот говор Амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија Н.Е. Олег Шчербак.
Тој додаде дека е битно и тоа што во создавањето на филмот ’Ослободување‘ од 1970 година зедоа учество многу земји.
„Тоа е сосема природно, затоа што во тие години во човечката меморија уште беа свежи сеќавањата за фашизмот за страдањата што им ги донесе на луѓето и за таа цена што човештвото ја плати за победата над истиот, за тоа кој и како се борел против кафеавата чума.
Но, времето поминува, умираат ветерани и сведоци на оваа војна, најстрашна во историјата на човештвото, која одзеде 60 милиони човечки животи. И што гледаме сега? Истражување на јавно мислење спроведено во април оваа година од британските и француски истражувачки куќи ’Populus‘ и ’IFlop‘ во Западна Европа и во САД покажа дека под влијаниете на времето, но пред сè поради масовна пропаганда, се промени перцепцијата на улоги и места на земјите-учесници во Втората светска војна.
На пример, во САД само 7 отсто од испитаниците знаат дека мојата Татковина не беше само член на антихитлеровата коалиција, туку одигра решавачка улога во Победата над фашизмот. Во Франција има 12 отсто, а во Велика Британија 15. Претходно на Западот вистината се знаеше и отворено се признаваше. На пример, државниот секретар на САД, Хел повеќепати истакнуваше дека ’само херојскиот отпор на Советскиот Сојуз ги спаси сојузниците од срамотен сепаратен мирен договор со Германија‘.
Да се потсетиме и на оценката на Винстон Черчил во која се вели: ’Освен советските армии не постоеше сила која можеше да ѝ го скрши рбот на хитлеровата воена машинерија… Токму руската армија и го распори мевот на истата‘.
Би сакал да истакнам дека во Советскиот Сојуз и во современата Русија секогаш – независно од политичката конјунктура – длабоко се почитуваше придонесот на сите земји-сојузници во рамките на антихитлеровата коалиција за победата над нацистичката Германија.
Филмот ’Ослободување‘ претставува јасна потврда за тоа. Создавачите на филмот посебно внимание им посветија на настаните на советско-германскиот фронт, но истовремено, објективно ја проценуваа значајноста на другите фронтови на Втората светска војна, истакнувајќи го интернационалниот карактер на борбата против фашизмот.
Позната е тезата дека нова војна обично почнува кога ќе порасне генерацијата која ќе ги изгуби сеќавањата за ужасите и лекциите од претходната војна. За жал, кампањата насочена на ревизија на историјата, која започна на Западот во изминатите години, како и обидите да се избрише големата историска значајност и смисла на борбата против фашизмот ќе резултираат со појава на таква неписмена генерација во најскорешно време.
Нашите татковци и дедовци го победија нацизмот, го ослободија човештвото од фашистичкото ропство. Долг на денешната генерација е да не се дозволи горчливите лекции од Втората светска војна да бидат заборавени и фашизмот да се обнови било каде и во било кои форми. Токму поради тоа мора подобро да ја знаеме историјата, мораме да сниимаме и да гледаме филми слични со ’Ослободување‘.
Во тој случај можеме да се надеваме дека сеќавањата за големиот подвиг извршен од нашите претци пред седум децении нема да биде изгубени, а вистината за истиот нема да биде извртена. Во тој случај постои шанса да се научат лекциите и да не се повторат грешките кои доведоа до Втората светска војна и да не се дозволи нова, уште пострашна и поглобална трагедија“, рече Амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија Н.Е. Олег Шчербак.
Директорот на Кинотеката на Македонија, г-дин Бошко Грујоски, потенцира дека во соработка со Руската амбасада во Република Македонија и Рускиот културен центар во Софија, поинтензивно ја одбележуваат и годишнината од завршувањето на Татковинската војна, односно од нацистичко-руските воени конфликти за време на Втората светска војна.
„Тогашниот Советски Сојуз и неговите републики претрпеа многу жртви, и човечки и материјални, можеби најмногу од сите држави инволвирани во конфликтот – помеѓу 25 и 30 милиони луѓе, а тоа е една третина од севкупниот број на жртви за време на целата војна која директно зафати 30-ина држави на три континенти, вклучувајќи го и нашиов регион.
Постојат повеќе причини да се осврнеме на оваа годишнина, пред сѐ, бидејќи беше ставен крај на долгогодишната крвава епопеја на советските граѓани, се затвори Источниот фронт, а и светот излезе политички и економски изменет од тој глобален судир на цивилизации и идеологии.
Оттогаш многу филмови беа и сѐ уште се снимаат на оваа тема, филмски остварувања кои ги претставуваат различните аспекти на војната, а многу од нив и сме прикажувале во рамките на филмската програма на Кинотеката на Македонија.
Кинотеката на Македонија повеќепати имаше чест да организира циклуси и денови на рускиот филм, меѓу кои беа и авторските циклуси на Тарковски во април и декември 2012, потоа на Андреј Кончаловски во октомври 2012, или оној на Карен Шахназаров во октомври 2013 година, кога и самиот автор беше гостин на Кинотеката.
Како позначајни би ги наброиле и ’Недела на рускиот филм‘ во септември 2010 година, кога поголема делегација составена од актери, режисери, продуценти, како и тогашниот министер за култура, Аведеев, ја посетија Кинотеката и Македонија. Потоа циклусот на денес актуелната тема – ’Во чест на победата над фашизмот‘ во мај 2013 година, или оној посветен на јубилејот ’70 Години од Татковинската војна‘ во 2015 година.
Најпосле, не смееме да ја заборавиме и ексклузивната соработка со рускиот ’Госфилмофонд‘, која минатата есен ни ги донесе Пудовкин, Вертов, Меедветкин, Протазанов и други во склоп на циклусот ’По Ејзенштајн‘, кога гостин на Кинотеката со свое предавање беше Петар Багров, виш кустос на овој најголем руски филмски архив.
Со таков багаж зад нас, наредните соработки и заеднички проекти со Амбасадата на Руската федерација во Македонија, за Кинотеката ќе бидат само надградба на солидно поставените темели, во чија изведба ќе ужива и кинотечната филмска публика, а и двете страни инволвирани во оваа комуникација на културно и кинематографско ниво“, рече Директорот на Кинотеката на Македонија, г-дин Бошко Грујоски.
Извор: “Инфомакс“
|