Лижавчето на НАТО за Македонија
Созреано е времето за афирмирање на идејата за прогласување (воена) неутралност на Република Македонија, по примерот на Австрија, Швајцарија, Лихтенштајн.
Во пресрет на скорешниот самит на НАТО што ќе се одржи во Варшава, македонската јавност со воодушевување и почит ја прими изјавата на претседателот на државата професорот Ѓорге Иванов, дека како шеф на државата и врховен командант на вооружените сили, нема да присуствува на тој собир на ниво на шефови на држави и влади на земјите членки на Алијансата. Браво претседателе Иванов! Вистински државнички потег во вистинско време и со целосно право и оправдување.
Велиме со полно право бидејќи однесувањето на алијансата кон најсериозниот кандидат за полноправно членство - Република Македонија е скандалозно и може да се дефинира како невидено садистичко изживување врз една земја кандидат и контрибутор вон сите норми и стандарди во меѓународните односи.
Нашата земја на НАТО-самитот во Варшава наводно ќе ја претставувале македонските министри за надворешни работи и за одбрана!? И тоа е премногу! Нешто на што инсистирам како граѓанин е нивото на нашето претставување да биде уште пониско, на пример само со амбасадорот на Македонија во НАТО, или уште подобро: воопшто да нема никој од македонска страна за да ги краси столчињата во последните редови на самобендисаната НАТО елита!
Македонија има целосно право да биде многу лута и крајно незадоволна од односот на алијансата, што не е ништо друго туку само остаток од периодот на таканаречената студена војна, но и сосема јасно потпалувач на нова студена војна со непредвидливи последици, не само за НАТО-членките, туку и за целото човештво.
НАТО алијансата по својата поставеност, особено во системот на креирање политики и одлучување е запрепастувачки крута, нефлексибилна и неефикасна збирштина, што по многу нешта наликува на средновековните алијанси. До нив не допираат реалностите од 21-от век, кои по многу нешта се драматично различен од претходните времиња, како по разноврсноста на политичкиот спектрум во светот, така и по предизвиците со кои модерниот свет се соочува.
И наместо да се соземат и опаметат по силниот наплив на екстремниот ислам, кој во суштина е нус-продукт од нивните идиотски политики на омаловажување и потчинување на исламскиот свет, и не само тој, натовци со сите сили настојуваат што повеќе да ја иритираат особено Руската Федерација (па и Кина) заборавајќи притоа дека во руските силоси има повеќе од 6.500 нуклеарни бомби што се веќе усмерени кон воените бази на НАТО ширум Европа. Забораваат и на фактот што истата таа Русија има повеќе од 45.000 тенкови и неброено количество на друга воена техника и опрема што, според изјавите на елитните НАТО-генерали Бридлав и Ширеф (поранешен врховен командант и заменик врховен командант на НАТО) тие (Русите) можат да ја освојат Европа за само три дена.
Но, да се навратиме на потребата да се бојкотира скорешниот самит на НАТО. Колку за потсетување: Македонија дури 17 пати подготвуваше годишна национална програма (некој вид приемен испит) за реформите во одбраната и армијата. Точно 17 пати што е преседан во историјата на алијансата и рекорд за Гинис! Македонија беше членка на Вилниус групата на 12 земји-кандидати; члекна на А5 групата, водечка членка на А3 + Америка, сѐ до самитот во Букурешт 2008 година. Македонија имаше 18 ротации на војници во Авганистан и во повеќе наврати им го чуваше и спасуваше задникот на НАТО-вци во Кабул.
Но, тоа не беше доволно за вообразената елита во Брисел!? Од самитот во Букурешт се случија уште четири самити на алијансата (Стразбург-Ќел, Лисабон, Чикаго, Велс), а не само што не уследи формална покана за членство, туку односот кон Македонија стануваше сѐ поригиден, па дури и непријателски. Само заради името.
Втора причина зошто полека, но сигурно треба да се дистанцираме од таа збирштина, е бескрупулозното игнорирање и кршење на меѓународното право со непочитувањето на пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, за што „најзаслужна“ секако е Америка. Нашироко е познато: уште мастилото од пресудата во Хаг не беше исушено, оние мрачни фигури именувани како Филип Рикер (поранешен амбасадор на САД во Македонија) и Иво Далдер (во тоа време амбасадор на САД во НАТО) побрзаа да ја игнорираат таа пресуда со објаснување дека во Букурешт била донесена „политичка одлука“ и пресудата од Хаг не се однесувала на Алијансата. А кога претседателот Иванов ќе го праша поранешниот ген-сек на НАТО Расмусен: „што сте вие, невладина организација, Ен-џи-о, па на вас не се однесува пресудата од Хаг". Тој, Расмусен, како да пропадна во земја без да даде пристоен одговор.
Сосема извесно е дека во Варшава 29-та членка на НАТО ќе стане Црна Гора. Нека им е со среќа на Црногорците. Но, поканата на Црна Гора отвора многу прашања бидејќи станува збор за прием без преседан, за инает на Русија која и понуди на Црна Гора да изгради воена база во Котор за освојување на целиот брег на Медитеранот. Но, има уште еден момент што е скандалозен самиот по себе. Имено, за лицето Мило Ѓукановиќ, актуелен премиер на Црна Гора и ден денес постојат отворени судски процеси во судовите во Милано за шверцот со цигарите во деведесетите години од минатиот век. Следствено, излегува за да бидете сериозен кандидат за прием во НАТО, треба да сте врвен криминалец на кој ќе му бидат простени гревовите ако го сврти кормилото на својата земја од историските блиски релации со еден светски фактор и ако седне во скутот на друг светски фактор. Колку мизерно и одвратно звучи реал-политиката, зарем не?
Што да се заклучи во оваа ситуација на безумие и лудило? Мислам дека е созреано времето за афирмирање на идејата за прогласување (воена) неутралност на Република Македонија, по примерот на Австрија, Швајцарија, Лихтенштајн. Едноставно ќе си бидеме мирни и спокојни (ако ни го дозволат тоа големите мешетари во светската политика), а со НАТО можеме да соработуваме како земја-партнер и тоа пред сѐ поаѓајќи од нашите, а не од туѓите (како членка на Алијансата) интереси.
За Македонија како неутрална земја со Божја помош и поддршка од суверениот македонски народ.
Уште нешто: се слуша дека во завршниот документ од самитот во Варшава, освен клишето дека Република Македонија ќе биде поканета во членство откога ќе најде решение за проблемот со името со земја-членка на НАТО, Грција, после тешки расправии и дискусии наметнато е и „признание“ за придонесот на Македонија во справувањето со бегалската криза. А конкретна помош на Македонија за справувањето со бегалците од НАТО, ни помисла.
Споменатото лижавче за Македонија од НАТО во завршниот документ не ќе може да го ублажи гневот и незадоволството на македонскиот народ заради нивната идиотска политика кон нашата земја.
Затоа: НЕУТРАЛНОСТ СЕГА!!!
Ѓорѓи Поповски
Извор: “МКД“
|