Британија неоправдано влегла во војната во Ирак (ВИДЕО)
Велика Британија се решила на воена инвазија во Ирак пред да бидат исцрпени сите мирни решенија, се истакнува во долгоочекуваниот извештај на сер Џон Чилкот, јавуваат агенциите.
Во извештајот „Истрагата за Ирак“ се додава дека разузнавачките податоци кои ја оправдале одлуката за воената интервенција не биле доволно цврсти.
„Процените за заканата што ја претставувал Садам Хусен беа претставени со неоправдана сигурност. Последиците од интервенцијата биле потценети, а планирањето на инвазијата било несоодветно“, изјави Чилкот.
Целиот извештај е направен во 12 томови, а во целост ќе биде објавен на интернет, и жестоко ги критикува потезите на британските власти и „безусловната поддршка“ која бившиот премиер Тони Блер ѝ ја дал на администрацијата на САД.
Владината истрага која траеше седум години и чинеше десет милиони фунти фрла ново светло на одлуката на Британија и Тони Блер да се вклучи во борбата против Садам Хусеин во 2003 година и подвлекува дека поранешниот премиер „ја преувеличил заканата од Ирак и ги игнорирал предупредувањата“.
„Садам Хусеин не претставувал непосредна закана во моментот на инвазијата“, се вели во извештајот.
Чилкот кажа и дека истрагата утврдила дека САД и Велика Британија го поткопувале авторитетот на Советот за безбедност на Обединетите нации со своето инсистирање на интервенцијата, пред да бидат исцрпени сите мирни алтернативи.
„Блер разузнавачките сознанија за оружјето за масовно уништување му ги претстави на парламентот со сигурност која не била основана. Блер кажа дека постои реална опасност терористите да дојдат до такво оружје, а беше предупреден дека инвазијата само ќе ја зголеми опасноста од Ал каеда, па со самото тоа и ја зголеми таквата можност“, кажа Чилкот.
Како што подвлече, сега е јасно дека политиката кон Ирак „била градена врз основа на лоши разузнавачки податоци и процени“. Тој оцени и дека Тони Блер „намерно ја преувеличувал заканата од Ирак“.
„Таквите процени никој не ги ставаше под сомнеж, а тоа морало да се направи“, кажа Чилкот.
Тимот на Чилкот се занимавал и со средбите на Блер и тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш во 2002 година, кога осум месеци пред почетокот на војната Блер му порачал на Буш: „Ќе бидам со тебе што и да се случи“.
Чилкот истакна дека и американските власти лошо ја планирале инвазијата, но и периодот по влегувањето во Ирак. Тој кажа дека лошо планирање имало и на британската страна, која немала сила да им се спротивстави на одлуките на САД, но ни сила да се занимава со воени операции од таа големина.
„Блер ги прецени своите можности да влијае врз одлуките на САД во Ирак. Велика Британија би требало да има сила да не се согласува во Америка. Немало потреба да се влегува во војната во 2003 година, а од 2006 година Велика Британија водеше две големи кампањи – во Ирак и во Авганистан. За такво нешто немавме ресурси“, кажа Чилкот.
Исто така, отфрлени се и тврдењата на Блер дека било „невозможно да се предвидат проблемите кои дошле по инвазијата“. Според Чилкот, се претпоставувале дека такви проблеми ќе има.
Како што било утврдено пред самата интервенција, не биле идентификувани ризиците, ниту пак тие ѝ биле добро претставени на владата.
„Кабинетот не расправал за воените опции или нивните импликации. Министрите биле запознаени со лошите подготовки и за инвазијата и за периодот по влегувањето во Ирак. Кампањата била водена успешно, Багдад падна, а Садам беше фатен. Меѓутоа, 200 Британци загинаа, а од 2009 година над 150.000 луѓе се загинати, а еден милион раселени. Народот на Ирак многу пропати“, кажа Чилкот.
Според оценката во извештајот, воената операција на крајот била завршена на начин кој бил далеку од успешен.
Чилкот кажа дека од овој извештај може да се научат многу лекции, а една од нив е дека односот меѓу Британија и САД не треба да подразбира „безусловна поддршка“.
Во исчекувањето на овој извештај поранешниот претседател на шкотската влада Алекс Салмонд изјави дека поранешниот британски премиер Тони Блер би можело да му се суди за воени злосторства пред шкотски суд, бидејќи тие во Англија не се занимаваат со случаи надвор од британската територија.
http://www.mkd.mk/svet/vesti/britanija-neopravdano-vlegla-vo-vojnata-vo-irak-video
Извор: “МКД“
|